Санторини и натаму се тресе, Мицотакис бара смиреност
3 февруари 2025Санторини денеска (3.02) беше погоден од земјотрес со јачина од 4,9 степени, соопшти Институтот за геодинамика на Националната опсерваторија во Атина. Од вчера на овој грчки остров се регистрирани дури 200 потрерси, а штети засега не се пријавени.
Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис ги повика жителите на островот „да останат смирени“ и покрај „многу силната“ сеизмичка активност. „Мораме да се справиме со многу силен геолошки феномен“, изјави тој на маргините на самитот на ЕУ во Брисел. „Пред сè, би сакал да ги замолам нашите островјани да останат смирени“, рече тој.
Некои жители на Санторини од страв ја поминаа ноќта надвор, јавуваат грчките медиуми. Тие спиеја во своите автомобили или на места прогласени за безбедни од страна на властите. Дел од жителите веќе го напуштија островот со траект или авион. Освен тоа, училиштата на Санторини денеска останаа затворени
Претседателот на Организацијата за планирање и заштита од земјотреси, Ефтимиос Лекас, за грчката телевизија ЕРТ изјави дека постои „мала можност за земјотрес со јачина од 5,5 степени“. Сепак, тој ја отфрли можноста за земјотрес со јачина од над 6 степени. Според грчките медиуми, во земјотрес со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала во 1956 година загинале околу 50 луѓе на Санторини, а потресот предизвикал и цунами.
Грчките власти јавуваат дека земјотресите не се резултат на вулканска активност, туку на поместувања на тектонски плочи. Други острови во регионот се исто така погодени од земјотресите, како што е островот Аморгос.
Санторини има 15.500 постојани жители, а на островот постојано има огромен број туристи - само во 2023 година пристигнале 3,4 милиони туристи.