Самит за вештачка интелигенција во Париз - што може Европа?
10 февруари 2025Многу познати личности најавија присуство на „ВИ самитот“ што се одржува на 10 и 11 февруари во Париз. Шефови на држави и влади, директори на меѓународни организации и компании, научници, уметници и членови на граѓанското општество ќе учествуваат во самитот кој се одржува во Гранд Пале, една од локациите за минатогодишните Олимписки игри. Францускиот претседател Емануел Макрон ќе копретседава со самитот заедно со индискиот премиер Нарендра Моди. Ќе учествува и вицепремиеро на Кина, Динг Ксуксијанг. За американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс, посетата во Париз ќе биде прва во странство откако ја презеде функцијата. Белата куќа го потврди присуството на Венс, откако неговото учество претходно го најави еден француски дипломат.
ВИ доаѓа од странство
Секторот за вештачка интелигенција моментално е доминиран од американски корпорации, а тесно зад нив се компаниите од Кина. Франција и Европа многу заостануваат. Американската компанија Амазон годинава планира инвестиции од околу 100 милијарди долари во инфраструктура за вештачка интелигенција. Побарувачката од ИТ клиентите за ресурси е толку голема што одделот АВС задолжен за клауд-технологијата наидува на тесни грла во капацитетот, вели извршниот директор на Амазон, Енди Џеси, при претставувањето на најновите квартални бројки.
Уште во изминатиот квартал компанијата инвестираше повеќе од 25 милијарди евра во својата инфраструктура. Пред само неколку недели, ДипСик од Кина предизвика возбуда во светот на вештачката интелигенција, бидејќи големиот јазичен модел на компанијата се чини дека е исто толку моќен колку и неговите американски конкуренти, но бил многу поевтин за развој и барал помалку технички ресурси. И за разлика од ЧетГПТ, четботот со вештачка интелигенција од американската компанија ОпенАИ, алгоритмот на ДипСик не е таен, туку слободно достапен. „Иако е тешко да се предвиди иднината на ДипСик како компанија, структурните импликации се чини дека се прилично далекусежни“, вели, според Ројтерс, инвеститорот Сањот Малхи, партнер во лондонската фирма за ризичен капитал НортЗоун. Едно прашање иницирано од ДипСик е дали милијардите вложени во ВИ во САД се навистина паметно инвестирани. Од ДипСик објавија детали за својот модел на вештачка интелигенција токму на денот кога американскиот претседател Доналд Трамп го најави проектот под име Старгејт, во кој што ОпенАИ и други технолошки компании планираат да инвестираат околу 500 милијарди долари во изградба на инфраструктура.
А, што е со Европа?
И Франција планира престижен проект со вештачка интелигенција. Според официјалните информации, најголемиот кампус за вештачка интелигенција во Европа треба да никне токму во Париз. Сржта на објектот треба да биде огромен центар за податоци со сопствено, моќно напојување со енергија. Планирани се инвестиции „од 30 до 50 милијарди евра“, во кои ќе учествуваат и Обединетите Арапски Емирати, наведуваат од Елисејската палата. Во меѓувреме американската компанија ОпенАИ го проширува своето присуство во Европа.
По Лондон, Даблин, Париз, Брисел и Цирих, Минхен е првата германска локација. „Како земја прочуена по техничко знаење и индустриски иновации, не е изненадување што Германија е светски лидер во употребата на вештачката интелигенција“, рече основачот на ОпенАИ Сем Алтман за време на посетата на Германија. Според ФАЦ, Германија е земјата со најмногу претплатници за проширената верзија на ЧетГПТ во Европа и меѓу првите три во светот. Германија е исто така меѓу првите три нации надвор од САД во однос на деловни клиенти кои плаќаат за апликацијата. Но Германија пред сѐ има најголем број на програмери кои пристапуваат до интерфејсот АПИ за да го интегрираат ЧетГПТ во други апликации.
Повеќе или помалку регулатива?
Во САД развојот на вештачката интелигенција веќе не е регулиран. Набргу по неговата инаугурација, претседателот Трамп ги укина регулаторните барања воведени од неговиот претходник Џо Бајден. Во Европа пак, барањата за државна регулација се сѐ погласни. Во пресрет на самитот во Париз, околу 100 научници од 30 земји предупредија дека новата технологија може да доведе до „губење на контролата“ со драматични последици.
Во пресрет на самитот, истражувачите го претставија првиот меѓународен извештај за безбедноста на вештачката интелигенција, во кој беа вклучени и лица од ОН, ЕУ и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Аксел Науман, германски физичар кој живее и работи во Швајцарија, исто така се залага за унапредување на етичка и одржлива вештачка интелигенција – како и истражување на нејзиното влијание врз иновацијата, транспарентноста и довербата. „Градење силен екосистем со отворен код за европска независност“ беше темата на предавањето на Науман во пресрет на самитот во Париз.
Европски вредности
На Европа ѝ е потребна сопствена инфраструктура од отворен тип, вели Науман за ДВ. Се работи за тоа „да им се покаже на европските компании и институции дека има смисла да инвестираат заедно и заеднички да ги жнеат придобивките од софтверот со отворен код“, вели Науман. За тоа се нужни инвестиции, како на пример за „приспособување на административните процеси, прилагодување на страната на производите, рекламирање на софтвер со отворен код и советување на политичарите и индустријата“, вели тој. „Визијата мора да биде Европа суверено да управува со своите податоци и да ги обработува, и нашиот софтверски екосистем да одговара на нашите вредности“, ја опишува Науман неговата претстава за дигитална Европа. Не смее Европа во иднина и натаму едноставно само да се врзува за другите и потоа да плаќа за лиценци. Европа според Науман мора „да направи координирана промена кон колаборативен развој на производи со отворен код“. Но, клучно за тоа е дека „ни треба инфраструктура која што допрва треба да се изгради“, заклучува Науман.