Како гласи рецептот за финансирање на одбраната на ЕУ
4 февруари 2025Палатата Егмонт во центарот на Брисел е моќно здание од 16 век. Овде се одржувале и натпревари во мечување и всушност не е лошо место за дискусија за тоа како да се справите со тешките противници. Еден цел ден, шефовите на држави или на влади на земјите од Европската Унија се повлекоа зад овие дебели ѕидови на вонреден самит. Во фокусот на разговорите беа Доналд Трамп, Владимир Путин и безбедноста на Европа. На крајот, канцеларот Олаф Шолц изјави: „Ги повикувам сите европски земји сега да потрошат два отсто од својот брутодомашен производ за одбрана“.
Два отсто: Тоа е веќе статус кво, просекот за земјите од ЕУ е 1,9 отсто. Сепак, оваа бројка е далеку од она што го бара НАТО. И многу далеку од замислите на американскиот претседател Трамп, кој сонува за пет проценти.
Без заедничко задолжување
Притоа, цената за подобра одбрана на ЕУ е веќе позната: таканаречениот извештај на Марио Драги зборува за 500 милијарди евра кои државите би требало да ги соберат - за подобра противвоздушна одбрана, оружје, ракети и сајбер одбрана. Од каде треба да дојдат парите е уште едно чувствително прашање за кое разговараа европските шефови на држави и влади. За тоа, како и досега, ќе бидат одговорни самите земји од ЕУ, бидејжи заедничкото задолжување очигледно е исклучено како опција.
Сепак, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен сака да ги затвори очите пред правилата за задолжување: „Ќе ја искористам целосната флексибилност на Пактот за стабилност за да овозможам значителни трошоци за одбраната“, рече таа во Брисел. Освен тоа, Европската инвестициска банка (ЕИБ), како и приватните банки, се очекува да дадат повеќе кредити за проекти за вооружување.
Кротки тонови кон САД
Европските држави мора да трошат повеќе за сопствената безбедност: ова барање се слуша речиси секој ден во Брисел. Експертите за одбрана предупредуваат на заканата од Русија, од сајбер напади, од недостаток на заштита од САД. Но, од сето ова можеше малку да се слушне на самитот за одбраната.
Европејците го третираа новиот американски претседател со свилени ракавици: „САД се наш пријател, наш сојузник и наш партнер“, изјави претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта. Во врска со заканата дека САД сакаат да го заземат Гренланд и на тој начин му се закануваат на партнерот во НАТО - имено Данска - генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој исто така беше поканет, рече: „Можеме да се справиме со тоа. Нештата никогаш не се одвиваат среќно и мирно меѓу сојузниците“.
Можеби лидерите на ЕУ не сакаа да го испровоцираат американскиот претседател. Впрочем, на ЕУ ѝ се заканува царински удар од страна на Вашингтон. Урсула фон дер Лајен изјави дека во Европската комисија се подготвени за тоа.
Враќање на Велика Британија
Значи, што останува од првиот состанок на европската одбрана и од промената на перспективата, со тоа што наместо во конференциска сала, лидерите на земјите од ЕУ се сретнаа во раскошната палата Егмонт? Текот и успехот на секој состанок, имено, зависи од неговите учесници: можеби најголемиот успех на овој состанок беше тоа што Британците се вратија на масата. Иако само со гостинска картичка, но со најголем одбранбен багаж, како што нагласи шефот на НАТО: „Тие се светски лидери во виртуелниот свет и во иновациите и даваат драгоцен придонес за нашето нуклеарно одвраќање“. Британија наскоро ќе инвестира 2,5 отсто од својот брутодомашен производ во одбраната.
Авторка: Сабрина Фриц , АРД Брисел