Самит во Алјаска: Кој профитира од средбата Трамп-Путин?
13 август 2025Рускиот и американскиот претседател, Владимир Путин и Доналд Трамп, се согласија да се сретнат во Алјаска на 15 август. Тоа беше објавено непосредно пред истекот на ултиматумот за прекин на огнот во војната во Украина, кој американскиот претседател му го даде на рускиот лидер. Експертите немаат големи очекуваља од состанокот, но неколку фактори би можеле да го принудат Путин да тежи кон прекин на огнот.
Кој ќе има корист од планираната средба?
Нивната претстојна средба е прва по реизборот на претседателот на САД. Кон средината на јули, Трамп изјави дека е разочаран од Путин поради руското бомбардирање на украинскиот главен град Киев, но дека „сè уште не завршил со него“.
Откако специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, го посети Путин во Кремљ на 6 август, Белата куќа и Кремљ најавија средба меѓу двајцата шефови на држави. Останува нејасно што треба да се дискутира во Алјаска. Сепак, она што е јасно е дека тоа ќе се однесува на Украина, која нема да има претставник на состанокот. Вашингтон и Москва не планираат учество на претседателот Володимир Зеленски.
Набљудувачите кои ги интервјуираше ДВ се убедени дека најавената средба првенствено ќе му користи на рускиот претседател. „Путин отсекогаш сакал тој и американскиот претседател - кој и да се наоѓа на таа функција - да одлучуваат за судбината на светот и соодветните слики да кружат низ целиот свет“, вели Михаил Касјанов, кој беше руски премиер од 2000 до 2004 година.
Рускиот опозициски политичар Дмитриј Гудков, кој живее во егзил, вели дека средбата во Алјаска ќе биде единствена можност Путин да се ракува со лидерот на западниот свет. Ова, според него, е нешто што Путин не сака да го пропушти.
„За Путин, самиот факт што има можност да се сретне со Трамп е огромен плус. Трамп во суштина го легитимира воениот злосторник и му дава право да учествува во преговорите со Западот“, вели Гудков. Да не беше Трамп, додава тој, никој немаше да преговара со Путин.
Зошто Путин сега ја покажува својата поддршка?
Кон крајот на јули, стана јасно дека Трамп е лут поради неподготвеноста на Путин да ги прекине борбите во Украина. Тој изјави дека повеќе не е заинтересиран за разговори со Путин и му даде ултиматум од 50 дена за мирно решение, кој подоцна го намали на десет дена. Набљудувачите интервјуирани од ДВ веруваат дека сфаќањето дека Трамп го губи трпението можеби го убедило Кремљ да се согласи на претстојните преговори.
Кирил Рогов, политиколог и водител на рускиот онлајн медиум Ре:Русија, кој објавува анализи од руски академици, укажува на влошувањето на ситуацијата во руската економија, во меѓувреме на бавното напредување на руската армија во Украина и потенцијално опасните секундарни санкции на САД за Русија. Со оглед на ова, тој тврди дека е во интерес на Путин да тежи кон крај на војната.
„Но, Путин се надева и дека денес ќе го продаде својот договор по многу повисока цена отколку што би можел да постигне подоцна. Бидејќи Путин ќе се најде во уште полоша позиција до крајот на годината ако се покаже дека руската офанзива имала мал ефект и ситуацијата на бојното поле остане непроменета“, рече Рогов. Во исто време, поради понатамошни американски санкции, Русија би ја изгубила Индија како купувач на сурова нафта и би била принудена да се подготви за офанзива трета година по ред.
Кој има корист од прекин на огнот во воздушниот простор?
Минатата недела, Блумберг објави, повикувајќи се на анонимни извори, дека Кремљ разбрал дека посетата на Стив Виткоф е последна шанса за договор со Трамп. Според изворите на оваа новинска агенција, „отстапката“ на Кремљ може да биде примирје во воздушниот простор.
Според Дмитриј Гудков, таков пристап, координиран со администрацијата на Трамп, првенствено ѝ користи на Москва, а не на Киев. Украина спроведува „ефикасни“ контранапади, кои неодамна честопати резултираа со затворање на руските аеродроми. Понатаму, беа погодени складишта за оружје, воена опрема и рафинерии за нафта во Русија. Ова е важно од психолошка перспектива, вели Гудков, за Русите да разберат дека војната беснее во нивна близина, а не само на телевизија. „Ако овие воздушни напади престанат, Путин мирно ќе напредува на копно, каде што има предност“, смета овој опозициски политичар.
„Посебен став кон Путин“
Дури и ако Трамп и Путин не успеат да постигнат значителен напредок во преговорите, рускиот претседател би можел да избегне сериозни последици, вели политикологот Кирил Рогов.
„Путин може да смета на благата мерка на Трамп бидејќи ставот на Трамп кон Путин отсекогаш бил посебен. Трамп секогаш избегнува ситуации во кои се врши директен притисок врз Путин. И секој пат кога притисокот изгледа неизбежен, Трамп изјавува дека постои нова можност за постигнување договор и затоа не врши вистински притисок“, вели овој експерт. Според него, еден од примерите за ова е веста за преговорите меѓу двајцата лидери во контекст на истечениот ултиматум до Кремљ.
Што може да изврши притисок врз Кремљ?
Дмитриј Гудков верува дека нема повеќе реални средства за вршење притисок врз Русија. На пример, и покрај санкциите, стотици танкери продолжуваат да транспортираат руска нафта низ светските океани.
Гудков надежта за брз прекин на огнот помалку ја припишува на надворешните фактори, а повеќе на внатрешните фактори кои би можеле да извршат притисок врз Кремљ. Колку подолго трае војната, тврди Гудков, толку потешко ќе биде за Путин да го прикаже исходот како руска победа. „Во одреден момент, на Русите нема да им биде важно дали Украина е во НАТО или како ќе заврши оваа војна - главно е таа да заврши“, вели политичарот.