Самит на НАТО во Хаг: Голема победа за Доналд Трамп?
24 јуни 2025Зголемувањето на издатоците за одбрана во Европа е главното барање на американскиот претседател Доналд Трамп уште од првиот ден. Оваа цел стана потенцијално прифатлива за речиси сите земји-членки на НАТО благодарение на моќта на убедување на генералниот секретар Марк Руте, особено откако Германија, најголемата европска економија, застана зад таквата цел.
Функционери на НАТО за ДВ наведуваат дека Трамп треба да постигне победа, но и „да се ребалансира во Алијансата“, нагласува искусниот дипломат, кој додава дека ако тоа се постигне, самитот ќе биде огромен успех.
Лекции од Г7 во Канада
„Се надеваме оти Трамп нема порано да замине како што направи на неодамнешниот состанок на Г7 во Канада“, изјави за ДВ Џејми Шеј, поранешен функционер на НАТО. Ова сценарио за најлошиот можен случај, предизвикува голема загриженост кај некои сојузници на НАТО, кои по секоја цена сакаат да го избегнат. Шеј смета оти „е важно Трамп да биде таму за да биде информиран за сите добри работи што ги прави НАТО во моментов, кои придонесуваат и за безбедноста на Америка, а не само на Европа“.
Целта за трошење на 5% од БДП за одбрана е многу амбициозна и има потенцијал да ги трансформира општествата во Европа. Додека во многу земји од ЕУ, со децении социјалната правда и економската стабилност беа јасни приоритети за националните влади, во иднина тие би можеле да се концентрираат на зајакнување на воената моќ и станување понезависни од САД. Ова сценарио доведе до зголемен отпор во некои делови од Европа.
Како да се одврати Русија од напад врз територија на НАТО
Запрашан како би им го објаснил својот план на граѓани во Европа кои се против намалувања на социјалните бенефиции во корист на вооружување, Руте неодамна рече дека лидерите треба да дејствуваат сега затоа што „во спротивно, за четири или пет години навистина ќе бидеме под закана и тогаш ќе мора да си го завршиме курсот по руски или да заминеме во Нов Зеланд“.
Идејата на Руте е калапот да се подели на две и да се издвојат 3,5% од БДП за клучни одбранбени потреби и 1,5% за инвестиции поврзани со безбедноста, во што се вклучени изградба на пошироки патишта и мостови, но и сајбер безбедност, мерки против хибридни напади, цивилна заштита и помош за Украина. Членките на Алијансата ќе се обидат да го факторизираат она што веќе го трошат на пример за инфраструктура, наведуваат дипломатите од НАТО, но и истакнуваат дека фактот што успеале да се согласат за фиксна цел од 1,5% е веќе значаен успех.
Шпанија сака исклучок
Најголемиот предизвик е сите да се согласат со целта од 3,5% за основни воени набавки. Шпанија, која има најниски издатоци во Алијансата, сигнализираше дека сака исклучок. Други земји како Италија, бараат повеќе време од предложените седум години за исполнување на обврската. Многу членки на НАТО се подготвени да трошат повеќе, но одбиваат да се обврзат на годишните планови - еден вид контролен механизам - што исто така го предложи Руте.
На крајот, сè се сведува на кредибилитетот на НАТО, оценува за ДВ поранешниот министер за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис. Алијансата „се движи во вистинската насока“, вели тој. Но, како и многу претставници на земјите на источното крило на НАТО во близина на Русија, тој предупредува да се сфати сериозно обврската за издатоците. „Што ако само имаме убав самит и сите си заминат среќни, а потоа реално ништо да не се случи?“, прашува Ландсбергис.
Разочарувачки самит за Украина?
Дополнително на ова, многу Европејци се незадоволни од очигледниот недостаток на каква било амбиција кога станува збор за Украина. Иако украинскиот претседател Володимир Зеленски е поканет на самитот, неговите аспирации за членство во НАТО веројатно нема да бидат во центарот на вниманието.
Се чини дека нема никаква шанса аспирациите на Украина за НАТО да бидат вклучени во завршната декларација на самитот. „Јасно е дека особено САД сакаат да го намалат значењето“, објаснува поранешниот функционер на НАТО, Џејми Шеј. „За Украина ова ќе биде повеќе разочарувачки самит на НАТО“, додава тој. Во завршниот документ ќе има една или две реченици како референца за Русија како закана, наведуваат извори од НАТО за ДВ, но нема ново заострување на наративот со оглед на тековните обиди на САД да ги доведат двете земји на преговарачка маса.
Сè се врти околу Русија
Кристине Берзина, експерт за НАТО од тинк-тенкот Германски Маршалов фонд, вели дека е важно да се гледа големата слика. „Толку се опседнуваме со малите декларации и пасуси за ова и она“, вели таа за ДВ и додава дека навистина важно е што „НАТО е силен политички сојуз и луѓето на маса веруваат едни во други“. Таа очекува дека тоа ќе биде силната порака од самитот. „Секако, станува збор за Русија. Амбициозните нови чекори што ќе ги преземат се сигнал за Русија“, вели Берзина. Сепак, се очекува декларацијата од самитот да биде „кратка и јасна“, а настанот е намерно планиран како кратка координација за да не се досадува Трамп, кој е познат по тоа дека не е љубител на долги говори од други лица и воопшто на мултилатерални организации воопшто.
Рецепт за да се усреќи Трамп
Големиот ризик е дека доколку конфликтот на Блискиот Исток ескалира, Трамп може воопшто и да не се појави во Хаг, се наведува во медиумите во САД. Во седиштето на НАТО во Брисел, дипломатите велат дека немаат никакви индиции оти Трамп би можел да не дојде. Значи, дали самитот на НАТО е само за да се усреќи Трамп, на што укажува програмата, вклучително и вечерата со холандскиот крал, поканата за играње голф во Холандија и очекуваното големо зголемување на издатоците? На крајот на краиштата, станува збор за Европејците, вели Џејми Шеј и додава дека „5% од БДП за трошоци за одбрана се наменети за одвраќање на Русија, за безбедна Европа и за граѓаните на НАТО мирно да си спијат навечер.“ Но, тој признава и дека „доколку се донесе одлуката за 5%, Трамп треба да се врати во Вашингтон како среќен човек.“