САД: Сите 55 милиони визи за странци на проверка
22 август 2025Владата на САД најави континуирана проверка на визите за сите странци во земјата. Сите 55 милиони луѓе кои во моментов имаат важечки американски визи ќе бидат опфатени, изјави претставник на Стејт департментот во четвртокот. Штом се појави „каков било знак за потенцијална неподобност“, Стејт департментот веднаш ќе ја поништи визата на лицето.
Тоа вклучува работи како пречекорување на престојот, криминални активности, закани за јавната безбедност, како и „учество во каква било форма на терористичка активност или поддршка на терористичка организација“.
За време на проверката, ќе се користат „сите достапни информации“, вклучувајќи податоци од полицијата и имиграциските власти, како и „сите други информации што ќе излезат на виделина откако ќе се издаде визата“, соопшти Стејт департментот.
Фокус на студентските визи и контроверзните одлуки
Посебен акцент ќе се стави на засилена проверка на студентските визи. Стејт департментот во понеделникот објави дека откако секретарот Марко Рубио ја презеде функцијата во јануари, се поништени 6.000 студентски визи. Со тоа бројот на одземени студентски визи се зголеми за четири пати во споредба со истиот период минатата година.
Министерот Рубио претходно најави строг пристап кон студентите од Кина. Тој, исто така, се спротивставува на луѓето кои протестираат против израелската влада и нејзините постапки во Појасот Газа, обвинувајќи ги за антисемитизам. Меѓутоа, во два високопрофилни случаи американската влада не успеа на суд. Во јуни, судија го ослободи студентот Махмуд Калил, кој организираше пропалестински протести. Во мај, турската студентка Румеиса Озтурк, која напиша критички текст за Израел за студентски весник, беше привремено ослободена.
Државниот секретар Рубио тврди дека американската влада може да ги поништи визите без никаква судска контрола. Тој, исто така, изјави дека правото на слобода на говор, загарантирано со Уставот, не важи за оние кои не се американски државјани.