САД ја критикуваа Германија поради АфД
3 мај 2025Високи функционери во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја критикуваа германската разузнавачка служба БфВ поради означувањето на партијата Алтернатива за Германија (АфД) во целина како „десноекстремна“.
Службата за заштита на Уставот (БфВ) оцени дека позициите на партијата за етничката припадност се некомпатибилни со демократијата, истакнувајќи дека АфД „има за цел да исклучи одредени групи на население од рамноправно учество во општеството“.
БфВ, исто така, ја истакна употребата на реторика на омраза на оваа партија и нејзиното поттикнување во насока на поткопување на демократските институции.
Разузнавачката служба претходно означи неколку локални ограноци на АфД како десноекстремни, а вчера (2.05) соопшти дека одлучила да ѝ ја даде ознаката „десноекстремна“ на целата партија поради нејзините обиди да го „поткопа слободниот, демократски“ поредок во земјата.
Ваквата класификација им дава на властите поголеми овластувања да ги следат активностите на партијата.
АфД ја критикуваше одлуката како „политички мотивирана“.
Одлуката предизвика критики од другата страна на Атлантикот, при што претставници на администрацијата на Трамп остро го критикуваа овој потег.
Што рекоа Венс и Рубио?
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во петокот ја обвини Германија за обнова на „Берлинскиот ѕид“.
„Западот заедно го урна Берлинскиот ѕид. И тој е повторно изграден - не од Советите или Русите, туку од германскиот естаблишмент“, напиша Венс на платформата X.
Во февруари, Венс се состана со лидерката на АфД, Алис Вајдел во Минхен, откако одржа одржа контроверзен говор на Конференцијата за безбедност во Минхен, во кој ги обвини европските нации дека не ја бранат слободата на говорот, особено напаѓајќи ја Германија.
Венс се пожали дека АфД е исклучена и побара тоа да заврши. Изјавите на американскиот потпретседател ги налутија официјалните претставници во Берлин.
Американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио исто така реагираше, нарекувајќи го означувањето на АфД како десноекстремна партија „маскирана тиранија“.
„Германија штотуку ѝ даде на својата шпионска агенција нови овластувања за надгледување на опозицијата“, напиша Рубио на X. „Тоа не е демократија - тоа е маскирана тиранија“.
Рубио смета дека „Германија треба да го смени курсот“.
Како Германија одговори на критиките од САД?
Германското Министерство за надворешни работи директно му одговори на Рубио на платформата Х со зборовите: „Ова е демократија“.
Министерството соопшти дека „одлуката е резултат на темелна и независна истрага за заштита на нашиот устав“ и може да биде обжалена.
„Од нашата историја научивме дека десничарскиот екстремизам треба да се запре“, соопшти Министерството.
Растечка популарност
АфД, основана во 2013 година, во изминатите неколку години доби на популарност со тоа што ги користеше стравовите во земјата од миграцијата.
Таа сега е најголемата германска опозициска партија, откако на изборите во февруари обезбеди над 20 отсто од гласовите.
АфД, сепак, останува исклучена од владата поради одбивањето на другите партии да соработуваат со неа поради нејзините екстремистички тенденции.
Последните истражувања на јавното мислење покажуваат дека АфД е рамо до рамо, па дури и малку подобра од партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ).
Повеќемина пратеници од различни партии имаат преземено напори да добијат доволно поддршка за забрана на АфД. Одлуката на тајната служба би можела да им даде нов поттик на овие напори.
Но, правните пречки за забрана на една партија во Германија се многу високи поради историјата на земјата.
Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик