Војна во Украина: САД и Русија се приближуваат
25 март 2025Според пишувањата на руските медиуми, САД и Русија во Саудиска Арабија се договориле за заедничка изјава за време на разговорите за прекин на огнот во Украина. Документот треба да биде објавен подоцна во вторник, објавија руските државни новински агенции Тас и Риа Новости, цитирајќи ја делегацијата од Москва. Средбата во Ријад траеше околу дванаесет часа, а според американски информации, прекин на огнот би требало да има и во регионот на Црното Море. „Главното прашање е безбедноста на превозот“, изјави и портпаролот на рускиот претседател, Дмитри Песков.
Руската новинска агенција Интерфакс ја цитираше изјавата на главниот руски преговарач Григориј Карасин дека разговорите напредуваат „креативно“. Се разговарало за теми кои двете страни ги сметаат за нарушувачки фактори во нивните билатерални односи. Карасин изјави и дека ОН треба да учествуваат во разговорите. Понатамошните дискусии треба да ја вклучат „меѓународната заедница, особено Обединетите нации и одредени земји“, додаде тој.
Според советникот за безбедност на САД, Мајк Волц, станало збор и за градење меѓусебна доверба и утврдување на границите меѓу Русија и Украина. Притоа, станува збор за обезбедување на мирот и замрзнување на линиите таму каде што се, како што рече тој на телевизијата Си-Би-Ес. Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, пред новите преговори изрази оптимизам, тој очекува „реален напредок“ во разговорите, особено во однос на прекинот на огнот во Црното Море - „врз основа на тоа, се разбира, ќе продолжиме кон целосен прекин на огнот“.
Пред разговорите со руските претставници, американската делегација веќе разговараше со претставници на Украина. Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров, кој ја предводи делегацијата на неговата земја, зборуваше за „конструктивни“ дискусии кои се фокусирале на енергетскиот сектор. Украина и Русија во основа се изјаснија за ограничен прекин на огнот откако американскиот претседател Доналд Трамп телефонираше со шефовите на двете земји. Сепак, Москва и Киев изразија различни ставови за тоа кои цели не треба да бидат нападнати. Додека Белата куќа ги спомена „енергијата и инфраструктурата“, Кремљ ја спомена енергетската инфраструктура. Претседателот Володимир Зеленски порача дека би сакал да постои заштита и на железницата и пристаништата. Тој нагласи дека Украина е отворена за целосен 30-дневен прекин на огнот, како што предложи Трамп. Спротивно на тоа, рускиот претседател Владимир Путин го направи целосниот прекин на огнот зависен од прекинот на испораката на оружје за Киев и суспензијата на воената мобилизација на Украина. Украина и нејзините западни сојузници го отфрлаат ова.