САД и Израел ги повлекуваат преговарачите од Доха
25 јули 2025Среде напорите за постигнување прекин на огнот во војната во Газа, САД го повлекуваат својот преговарачки тим од главниот град на Катар, Доха. Хамас не е подготвен да постигне прекин на огнот, напиша специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, на платформата X.
Иако медијаторите вложија значителни напори, се чини дека исламистичкиот Хамас не дејствува на координиран или искрен начин, оценува Виткоф: „Сега ќе истражиме други опции за враќање на заложниците дома и ќе се обидеме да создадеме постабилна ситуација за народот на Газа“. САД, според Виткоф, се посветени на завршување на конфликтот и траен мир во Појасот Газа. „Срамно е што Хамас дејствуваше толку себично“, напиша тој.
Тимот на САД треба да се врати дома заради консултации. Што точно значи ова за напорите за завршување на војната во Газа засега не е јасно. САД, заедно со Катар и Египет, дејствуваат како медијатори меѓу Израел и Хамас, бидејќи двете завојувани страни не се во директна комуникација. На преговарачката маса беше предлог за 60-дневен прекин на огнот, според кој Хамас ќе ослободи десет од преостанатите заложници кои се сѐ уште живи. На прес-конференција, портпарол на американскиот Стејт департмент одби да одговори на прашањето за други опции за заложниците.
Израел исто така ги повлече преговарачите
Претходно беше објавено дека израелскиот преговарачки тим е повлечен од Доха. Хамас неодамна објави дека им испратил на медијаторите одговор на предлогот за прекин на огнот.
Во Појасот Газа има уште 50 заложници, од кои најверојатно најмалку 20 се живи. Терористите на Хамас и други исламисти киднапираа повеќе од 250 луѓе од Израел во нивниот терористички напад на 7 октомври 2023 година. Повеќе од 1.200 луѓе беа убиени. Израел одговори со масовни воздушни напади и копнена офанзива. Според здравствените власти контролирани од Хамас, досега се убиени десетици илјади луѓе.
Повлекувањето на израелскиот преговарачки тим претходно беше толкувано различно во израелските медиуми. Додека некои претпоставуваа дека тоа укажува на застој во преговорите, други видоа позитивни знаци дека разговорите добиваат на интензитет.
„Уште една пропуштена можност би било непростливо“
Форумот на семејствата на заложниците соопшти дека роднините на заложниците што сè уште се наоѓаат во Појасот Газа се длабоко загрижени поради враќањето на преговарачкиот тим од Доха. Преговорите, како што се вели, се одолговлекуваат предолго. „Уште една пропуштена можност за ослободување на сите 50 заложници би била непростлива“, се вели во соопштението. „Тоа би бил уште еден морален, безбедносно-политички и дипломатски неуспех во еден бесконечен синџир на неуспеси“.