Преговори меѓу САД и Иран - можност или ќорсокак?
12 април 2025Денеска (сабота, 12 април), Иран и САД планираат да ги обноват разговорите за иранската нуклеарна програма. Според Техеран, министерот за надворешни работи Абас Арагчи ќе има индиректни разговори со американскиот специјален пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, во заливската држава Оман, како што нагласува владата.
Иранскиот верски и политички водач, ајатолахот Хамнеи изјави дека „подготвени сме да преговараме со САД, но не директно“, додека иранскиот претседател Масуд Пешешкијан во средата, 9 април порача: „Не водиме директни разговори бидејќи немаме доверба во САД“.
Истовремено, тој истакна дека ајатолахот Хамнеи нема замерки против американски инвеститори во Иран. „Она што ние го отфрламе се заговори, државни удари и погрешните политички мерки што тие ги преземаат." Според иранските медиуми, во преговорите ќе учествува и министерот за надворешни работи на Оман, Саид Бадр Албусаиди.
Приближување со дистанца
Американскиот претседател Доналд Трамп, меѓутоа, повтори дека разговорите ќе се водат директно. Тој бара нов договор со Иран за ограничување на контроверзната иранска нуклеарна програма. Неговиот долгогодишен пријател и специјален пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, отпатува за Оман за да се сретне со иранската делегација.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи ги има потребните овластувања да ги поттикне дипломатските иницијативи во справувањето со САД, вели Мостафа Наџафи, експерт за меѓународни односи и ирански безбедносни стратегии од Техеран.
Според него, различните очекувања и перцепции во Иран и САД се она што значително ги обликува разговорите, а не прашањето дали тие се водат директно или индиректно.
„Иран сака разговорите да се фокусираат на нуклеарната програма. Претседателот Трамп, од друга страна, во писмо до Техеран побара не само намалување на нуклеарните и балистичките капацитети, туку и отстапување од регионалната политика на Иран. Овие барања се далеку од очекувањата на Техеран“, напиша Наџафи одговарајќи на прашање на ДВ.
„Значи, ако САД сакаат да ги наметнат максималните очекувања како дел од својата политика на 'максимален притисок', преговорите веројатно нема да доведат до заклучок и ќе завршат во ќорсокак. Бидејќи Иран ниту е подготвен целосно да се откаже од својата нуклеарна програма ниту да преговара за својата ракетна програма."
Американскиот претседател Доналд Трамп испрати писмо до иранското верско и политичко раководство на почетокот на март, на кое Иран одговори на крајот на март. Кои точно пораки се разменети не ѝ е познато на јавноста. Трамп во понеделникот (7.04) изјави дека Иран ќе биде во „огромна опасност“ доколку преговорите не успеат.
Во интервју за американската телевизија Ен-Би-Си кон крајот на минатиот месец, Трамп отиде уште подалеку, велејќи: „Ако не постигнат договор, ќе има бомбашки напади какви што немало досега“.
Контрадикторни сигнали?
„В сабота нема да има преговори, туку ќе има само средба“, изјави портпаролката на американскиот Стејт департмент, Тами Брус. Таа на 8 април пред новинарите истакна дека американскиот специјален пратеник Стив Виткоф ќе предаде порака против иранската нуклеарна програма.
Она што САД го сакаат е „целосно запирање“ на иранската нуклеарна програма, изјави Мајк Волц, советник за национална безбедност на американската влада, на 23 март за Си-Би-Ес. Од перспектива на некои републикански сенатори како Том Котон или израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, ова значи целосно разоружување на Иран, по примерот на Либија.
Во 2003 година, под власта на Моамер ел Гадафи, Либија одлучи целосно да се откаже од својата нуклеарна програма, вклучувајќи ги и плановите за развој на оружје за масовно уништување, во замена за укинување на сите санкции и реинтеграција во меѓународната заедница.
Либија формално се смета за позитивен пример за мирно разоружување. Но, откако Гадафи беше соборен во 2011 година, за време на Арапската пролет, и по интервенцијата на НАТО, Иран сега го гледа либискиот случај повеќе како предупредување.
Стив Виткоф, од друга страна, се чини дека застапува поинаква, подипломатска позиција од советникот за национална безбедност на американската влада. Тој пред три недели изјави дека претседателот Трамп, во писмо до ајатолахот Али Хамнеи, предложил да се воспостави програма за верификација за да се осигура дека Иран не користи нуклеарен материјал за воени цели.
Виткоф објасни: „Треба да создадеме програма за верификација за никој да не треба да се грижи за можната употреба на нивниот нуклеарен материјал во нуклеарно оружје“.
Нема атомска бомба
Израел моментално во иранската нуклеарна програма гледа закана за неговото постоење. Иранското раководство не го признава Израел и редовно се заканува со негово уништување.
„Добар договор мора да ја осигура безбедноста на Израел“, смета иранскиот експерт Арман Махмудијан, предавач по блискоисточни студии на Универзитетот во Јужна Флорида, во одговор на прашање на ДВ.
Техеран меѓутоа официјално нагласува дека неговата нуклеарна програма служи исклучиво за мирољубиви цели. Но, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) е загрижена. Според шефот на МААЕ, Рафаел Гроси, Иран облагородува ураниум со стапка повисока од онаа на која било друга држава што не поседува нуклеарно оружје. Во спорот околу својата нуклеарна програма, Иран масовно го зголеми облагородувањето ураниум.
Ако притисокот врз земјата продолжи да расте, Иран би можел фундаментално да ја преиспита својата позиција за прашањето дали земјата треба да поседува нуклеарно оружје, предупреди министерот за надворешни работи Сејед Абас Арагчи во декември 2024 година. Иако земјата го има потребното знаење за производство на нуклеарно оружје, таа досега свесно одлучи да не го развива.
„Преговорите мора да се водат на таков начин што ќе биде исклучена способноста на Иран да произведува нуклеарно оружје“, вели иранскиот експерт Махмудиан, додавајќи: „Претседателот Трамп во последните неколку недели постојано нагласуваше дека Иран не смее да се здобие со нуклеарно оружје. Ова може да биде сигнал дека разговорите треба да се фокусираат на иранското нуклеарно прашање. Може да се постигне техничко решение за ова“.
Махмудиан очекува дека преговорите нема да бидат лесни.
Иранците силно се сомневаа дека разговорите нема да доведат до укинување на санкциите. Според нив, САД мора да гарантираат трајно укинување на санкциите.
Во 2015 година, Иран и неколку светски сили, вклучително и САД, се согласија за нуклеарен договор. Според овој договор, Иран се обврза значително да ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите. Но, во 2018 година, претседателот Трамп еднострано го раскина договорот за време на неговиот прв мандат.
Како одговор, Иран исто така почна постепено да се дистанцира од договорот и сега е многу поблиску до изградба на нуклеарна бомба од кога било досега.