САД и ЕУ постигнаа трговски договор: Царини од 15%
28 јули 2025Соединетите Американски Држави и Европската Унија, по неколкумесечни тешки преговори, се согласија за трговски договор кој, според американскиот претседател Доналд Трамп, предвидува царина од 15 отсто за производите од ЕУ. „Постигнавме договор. Тоа е добар договор за сите“, рече Трамп во неделата по едночасовниот состанок со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Трнбери, Шкотска. Германскиот канцелар Фридрих Мерц го поздрави договорот во царинскиот спор, додека Здружението за надворешна трговија зборуваше за „болен компромис“.
Според Трамп, царината од 15 отсто важи и за увозот на европски автомобили. „Се согласивме дека царината за автомобили и сè друго паушално ќе изнесува 15 отсто“, рече Трамп. Според неговите изјави, во договорот, ЕУ се обврзала на дополнителни инвестиции во САД во износ од 600 милијарди долари (510 милијарди евра) и на купување енергија во вредност од 750 милијарди долари
Фон дер Лајен: „Добар договор“ за стабилноста и предвидливоста
И фон дер Лајен зборуваше за „добар договор“ што би обезбедил „стабилност и предвидливост“ од двете страни на Атлантикот. „Имаме трговски договор меѓу двете најголеми светски економии. Тоа е голем договор, огромен договор“, рече фон дер Лајен по разговорот со Трамп во неговиот комплекс за голф во Шкотска.
Според неа, царинската слобода е договорена „за голем број стратешки производи“, како што се производите за авијација. Меѓусебната царинска слобода важи и за некои хемикалии, полупроводничка опрема, некои земјоделски производи и важни суровини.
ЕУ ќе купи „значајни“ количества енергетски производи од САД, најави фон дер Лајен. На овој начин, ЕУ ќе ги диверзифицира своите извори на снабдување и ќе придонесе за енергетската безбедност во Европа. „Ќе го замрзнеме рускиот гас и нафта со масовни купувања на американски течен природен гас, нафта и нуклеарно гориво“, им рече таа на новинарите.
Кога станува збор за челикот, преговарачите на ЕУ се надеваа на компромис кој би дозволил одредена квота за извоз без царина во САД. Сепак, американскиот претседател Трамп рече дека за челикот царините „ќе останат какви што се“.
Европската комисија силно инсистираше на трговски договор со САД за да се обезбедат трговски односи во вредност од 1,9 билиони американски долари годишно. Зад сцената, ЕУ подготвуваше контрацарини во случај на неуспех.
Мерц го поздрави договорот: „Избегната е непотребна ескалација“
На почетокот на април, Трамп започна царински конфликт со трговските партнери ширум светот. Тој најави високи увозни царини за ЕУ и бројни земји, но потоа ги намали на десет отсто за да преговара.
Претседателот на САД неодамна повторно и се закани на ЕУ со царини од 30 проценти, кои требаше да стапат во сила на 1 август. За производите од челик и алуминиум, увозниците мора да платат данок од 50 отсто.
„Добро е што Европа и САД постигнаа договор и со тоа избегнаа непотребна ескалација во трансатлантските трговски односи“, рече канцеларот Мерц, според неговиот портпарол. Единството на ЕУ и напорната работа на преговарачите „се исплатеа“.
Со постигнувањето договор, успеа да се „спречи трговски конфликт кој тешко ќе ја погодеше извозно ориентираната германска економија“, рече Мерц. Ова особено важи за автомобилската индустрија, „каде што сегашните царини од 27,5 отсто се речиси преполовени на 15 насто“. Тука е местото каде што брзото намалување на царините е „од најголема важност“, рече Мерц, со оглед на важноста на германската автомобилска индустрија.