САД: Проширување на царините за алуминиум и челик
20 август 2025Владата на Соединетите Американски Држави, под водство на претседателот Доналд Трамп, воведе царини за стотици дополнителни производи кои содржат челик и алуминиум. За 407 категории стоки, од почетокот на неделата се пресметуваат царински давачки во износ од 50 проценти. Ова произлегува од соодветното известување објавено во Трговскиот регистар. Меѓу засегнатите производи се мотоцикли и мопеди, рамки за врати и прозорци, спортска опрема, кранови и железнички вагони. Дополнителни 60 групи производи сè уште се во фаза на разгледување.
Поголем напор за увозниците
За увозниците, царините за нови категории на производи би можеле да значат значително поголем напор: за разлика од досегашните царини за увоз на челик и на алуминиум, кои генерално се применуваат за индустријата, новата давачка за сега најавените категории на производи е насочена кон уделот на челик и на алуминиум во самиот производ. Кој точно е одговорен за утврдување на тој удел не е јасно - обично увозниците се одговорни за точната декларација до царинските органи.
На почетокот на јуни, Трамп ги зголеми царините за увоз на челик и на алуминиум на 50 проценти. Претходно, тие изнесуваа 25 проценти. Неодамна, американскиот претседател најави уште повисоки царини за увоз на челик за да ги охрабри компаниите да произведуваат во Соединетите Држави.