САД: 12 сојузни држави со тужба против царините на Трамп
24 април 2025Дванаесет американски сојузни држави поднесоа тужба во Њујорк против царинската политика на американската влада. Политиката воведена од Трамп е подложна на каприците на претседателот, незаконска и ја турна американската економија во хаос, се наведува во документот поднесен во средата пред Судот за меѓународна трговија на САД.
Во соопштение, главната државна обвинителка на сојузната држава Аризона, Крис Мејс, го нарече царинскиот план на Трамп „луд“. Таа рече дека тој „не е само економски неодговорн - туку е незаконски“.
Тужбата ја оспорува надлежноста на Трамп
Тужбата, исто така, го оспорува тврдењето на Трамп дека може произволно да воведува царини врз основа на Законот за меѓународни економски овластувања за итни случаи. Само Конгресот има надлежност да воведува царини - претседателот може да се повика на законот само ако итен случај претставува „вонредна закана“ од странство.
Главниот државен обвинител на Конектикат, Вилијам Тонг, рече дека „беззаконските и хаотични царини“ на Трамп се катастрофа за семејствата и бизнисите во неговата сојузна држава.
Калифорнија поднесе тужба минатата недела
Сојузните држави наведени како тужители во тужбата се Орегон, Аризона, Колорадо, Конектикат, Делавер, Илиноис, Мејн, Минесота, Невада, Њу Мексико, Њујорк и Вермонт.
Минатата недела гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом поднесе тужба во Калифорнија против царинската политика на Трамп, наведувајќи дека неговата држава, како најголем увозник во земјата, би можела да загуби приходи од милијарди долари.
Трамп продолжува со заканите
Во меѓувреме, американскиот претседател продолжува да врши притисок во преговорите со трговските партнери: „Ако немаме договор со компанија или земја, ќе ги воведеме царините. Едноставно ќе ги воведеме царините“, рече Трамп. Ова ќе се случи во следните две до три недели. Во моментов има 90-дневна пауза во најавените американски реципрочни царини.
Само производите од Кина продолжуваат да подлежат на реципрочни царини до 145 проценти. Според Трамп, САД и Кина се во секојдневен контакт. На новинарско прашање дали има директен контакт со Кина во трговскиот конфликт, Трамп одговори: „Да, се разбира. И тоа секој ден, секој ден“.