Руте: Разговори за територии се неизбежни
11 август 2025Територијални отстапки за мир меѓу Украина и Русија? Западните партнери на Киев долго време категорично беа против таквиот предлог. Во пресрет на состанокот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и шефот на Кремљ, Владимир Путин, во петок во Алјаска, дебатата повторно се разгоре. Трамп нагласи дека „ќе има размена на територии - во корист на двајцата“. Сега и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте се огласи јасно ставајќи до знаење дека во идните преговори тешко може да се избегнат разговори за териториите под контрола на Русија. Руте нагласи дека Украина е суверена држава која самата си ја одредува својата геополитичка иднина, но за американскиот радиодифузер Еј-Би-Си Руте посочи дека „во моментов мора да примиме на знаење оти Русија контролира дел од украинската територија“. По прекин на огнот, ќе се постави прашањето во врска со териториите и можните безбедносни гаранции за Украина. Евентуален договор би можел да констатира дека Русија де факто контролира одредени територии, без таквата контрола да биде правно признаена. Како пример го наведе деценискиот став на Западот за советската окупација на балтичките држави. Руте ги пофали напорите на Трамп и зборуваше дека тоа ќе биде тест колку Путин е сериозен во врска со ставање крај на војната. Средбата би можела да биде важен чекор кон сеопфатни преговори, рече генералниот секретар на НАТО.
Украина досега одбива отстапки
Украинскиот претседател Володимир Зеленски досега не е поканет. Откажување од украинска територија Зеленски категорично отфрла. „Во секој случај ќе ја браниме нашата земја и нашата независност“, нагласи тој во своето вечерно видео обраќање и додаде дека сè што се однесува на земјата мора да биде одлучено со учество на Украина. Претседателот не може сам да одлучува за отстапки бидејќи за тоа би биле потребни измени на Уставот кои веројатно би предизвикале сериозни превирања на внатрешно-политички план. Украинскиот претседател претстојната средба во петок ја оценува како нов обид за измама од страна на Москва. „Ја разбираме намерата на Русите да ја измамат Америка - нема да го дозволиме тоа“, порача Зеленски, кој ја ценел одлучноста на Трамп да ја заврши војната, но сепак единствена причина за континуираното убивање во Украина според него, е желбата на Путин да води војна „и да ги манипулира сите со кои доаѓа во контакт“.
Амбасадорот Макејев: „Станува збор за луѓе“
И украинскиот амбасадор во Германија, Олексиј Макејев, исто така, предупреди фокусот да не се става само на територијалните прашања, туку и на луѓето. „Мора да разбереме дека не се работи за територии, туку и за луѓе“, рече тој на втората германска програма. Милиони Украинци денес живеат под руска окупација. Стотици илјади деца се преобразуваат во Руси. Какви повреди на човекови права се случуваат на окупираните територии „тешко можеме да ги замислиме бидејќи практично и немаме пристап до нив“. Затоа Украина и Европа не може да си дозволат да му го препуштат тоа на Путин. Многу од луѓето во Украина кои се уморни од војната, имаат и роднини на окупираните територии и тоа е уште една причина зошто не е толку едноставно да се отстапат територии, посочи Макејев.
Видео конференција на министрите за надворешни работи на ЕУ
Европските држави стравуваат дека Украина и европските интереси би можеле да бидат изиграни на средбата во Алјаска. „Клучни интереси на Европа се засегнати“, изјави шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, во пресрет на вонредниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ што се одржува денес. Шефицата на европската дипломатија нагласи дека секој договор меѓу САД и Русија мора да ги вклучи Украина и ЕУ, „бидејќи станува збор за безбедноста на Украина и на цела Европа“. Агресијата на Русија не смее да биде наградена – привремено окупираните територии од страна на Русија ѝ припаѓаат на Украина, рече таа.
Дали Зеленски дополнително ќе добие покана?
Средбата треба да се одржи во американската држава Алјаска - и покрај меѓународната потерница против претседателот Путин – и за сега без учество на претседателот Зеленски. Сепак, се чини дека не е исклучена можноста за задоцнета покана, оцени за Си-Ен-Ен амбасадорот на САД во НАТО, Метју Витакер. „Мислам дека е и те како можно“, рече тој. Одлуката ќе ја донесе американскиот претседател Трамп, наведе амбасадорот и додаде дека „ако тој смета дека ова е најдобар момент да се покани Зеленски, тогаш ќе го стори тоа“. По тоа прашање до сега не е донесена конечна одлука и сè уште има време. Во однос на „размената на територии“ меѓу Русија и Украина, Витакер рече дека целта е постигнување на договор. Преговарачите актуелно се координираат кои области би можеле да бидат засегнати.
Венс: САД веќе нема да ја финансираат војната во Украина
САД се сè понетрпеливи во однос на Русија и Украина. Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс нагласи дека САД планираат да се повлечат од финансиската поддршка на Украина. Трамп и тој самиот сметале дека „САД се на крај со финансирањето на војната во Украина“, рече Венс во интервју за Фокс њуз и изрази желба да се најде мирно решение и да се стави крај на крвопролевањето. Американците веќе не сакаат парите од буџетот да ги трошат за конкретниот конфликт, рече Венс. Интервјуто било снимено уште пред официјално да биде објавена средбата на Трамп со рускиот претседател Путин, но во целост емитувано дури во неделата.