Руска виза за љубителите на „цврста рака“
26 јули 2025Расел успеа: Австралиецот во Русија доби таканаречена Shared Values Visa (виза на заеднички вредности). Последното одење во канцеларија го документираше на својот Јутјуб канал Travelling with Russell. „Сега имам три години да живеам овде, да најдам работа и постојано место на живеење“, вели Расел потоа во камерата. Седум недели по објавувањето, видеото го погледнале околу 45.000 луѓе.
Расел не е единствениот што сака да живее во Русија. На социјалните мрежи постојат многу други профили на луѓе од Западот кои веќе живеат во Русија или планираат да се преселат. Заедничко за сите нив е што развојот на општеството во нивните матични држави – во области како што се семејство, религија, ЛГБТК права и миграции – го доживуваат како премногу либерален, па им изгледа привлечно да живеат во држава со далеку поконзервативни гледишта.
Токму за таа група е наменета руската дозвола за престој, која веќе ја нарекуваат и „анти-воук“ виза – „воук“ тука се однесува на политичка свесност и ангажираност против расна, родова и социјална дискриминација. Визата беше воведена со указ на претседателот Владимир Путин во август 2024 година. Во указот се наведува дека визата служи за „обезбедување хуманитарна помош на лицата кои ги споделуваат традиционалните духовни и морални вредности на Русија“.
Во Русија сè уште е „како некогаш“
Државјани или лица со постојан престој во европски држави, САД, Австралија, Јапонија и некои други земји можат да аплицираат за Shared Values Visa. Не мора да докажат познавање на рускиот јазик, културата или законите. Но, мора да изјават дека не се согласуваат со политиката на нивната матична држава. Визата обично се издава на три години, но може да се продолжи.
„Пред сè, станува збор за симболична политика“, вели социологот и експерт за Русија, Катарина Блум. Таа смета дека со ова се испраќа порака во два правци – до домашната руска јавност и до странство: „На граѓаните на Русија со визата и пофалбите од западните доселеници се порачува: Погледнете, има луѓе што доаѓаат кај нас затоа што ние го нудиме она што им недостига во декадентниот Запад. Тие сакаат враќање кон христијанските, изворни вредности“.
А, на западниот свет му се испраќа сигнал: „Можете да дојдете кај нас ако сето тоа ве иритира. Ние ја претставуваме подобрата Европа – Европа на патриотизам, традиционални вредности, каде што е јасно кое е местото на мажот, а кое на жената – нешто што веќе го нема на друго место“.
Русија има потреба од население
Блум додава дека Русија нема проблем да прифати вакви лица, особено поради изразено негативните демографски трендови. Бројот на жители на Русија опаѓа со години, а ни со државни стимулации наталитетот не е доволен. Нападот врз Украина дополнително предизвика големи загуби и иселување, особено на млади луѓе.
Затоа семејства како Фенстра, кои се преселиле од Канада во Русија со осум деца, се веројатно повеќе од добредојдени. На своите канали на социјалните мрежи детално го документираат својот нов живот. Таткото Аренд во едно видео објаснува: „Русија е една од ретките земји што сè уште се безбедни за традиционални, христијански семејства“. Додава дека во Канада им било сè потешко да ја издржуваат фамилијата, додека во Русија им е полесно да врзат крај со крај.
Тие предности ги нагласуваат и платформите што помагаат при аплицирање за визата Shared Values Visa. На сајтот russianresidency.org ги привлекуваат заинтересираните со ниски даноци, бесплатно школување, „одлична“ здравствена грижа и ниски трошоци за живот.
Повеќе пропаганда отколку бран доселеници
Иако на социјалните мрежи и во медиумите може да се добие впечаток дека на Запад има многу луѓе на кои таму им е „препремногу“ либерализам и би сакале да живеат во општество со „цврста рака“, интересот е релативно скромен. Според податоци од портпаролката на руското Министерство за внатрешни работи, до мај – односно девет месеци по воведувањето – визата Shared Values Visa ја побарале 1.156 лица. Интересно е што најмногу апликации има од Германија – дури 224. Но, тоа дефинитивно нема да биде решение за демографската криза во Русија со околу 143 милиони жители.
И покрај скромниот број кандидати, руските државни медиуми гласно ја промовираат подготвеноста на западњаците да живеат во Русија и темелно да известуваат за случаите што би можеле некако да се сметаат за успешни. Се поддржуваат, па дури и координираат од Москва, и активности на блогери од Западот на социјалните мрежи.
Така, во март интернет-магазинот Important Stories објави дека и рускиот канал Russia Today – кој на Запад е најчесто санкциониран како пропагандна машинерија на Кремљ – финансира такви настапи на социјалните мрежи во кои доселеници ја фалат Русија и го критикуваат Западот. Според извештајот, зад каналот Russian Road, кој објавува токму такви видеа, стојат вработени од руската државна телевизија.
За пропагандната машинерија на Москва веќе многу се знае, а денес таа е дури и поагресивна отколку во времето на СССР: така Кремљ се обидел да влијае и на изборите во САД со лажни видеа во кои наводно учествувале професионални актери.
И Блум ја гледа визата Shared Values Visa пред сè како алатка на руската пропаганда. Но, исто така, Русија сака во земјата да привлече „подобни“ странци за да се обиде да ги ублажи демографските проблеми.