Русија осуди поранешни ДВ новинари поради врски со Навални
16 април 2025Во вторникот, судот во Москва ги прогласи новинарите Антонина Фаворскаја, Константин Габов, Сергеј Карелин и Артјом Кригер виновни за екстремизам. Осудени се на пет и пол години затвор.
Тие се обвинети дека се дел од „екстремистичка организација“, што се мисли на Фондацијата за борба против корупцијата, основана од рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, кој почина во затвор во февруари 2024 година под неразјаснети околности.
Константин Габов и Сергеј Карелин претходно работеа во московската редакција на ДВ.
Сите четворица новинари ги отфрлија обвинувањата, тврдејќи дека не работеле за фондацијата, туку само известувале за нејзините активности.
Судењето зад затворени врати е дел од гушењето на оние кои не согласуваат и доби невидени размери откако Москва испрати војници во Украина во февруари 2022 година.
ДВ ја осудува пресудата
Извршниот директор на Дојче веле, Петер Лимбург, рече дека со оваа пресуда Русија „уште еднаш со сите сили покажува дека е земја која не го почитува владеењето на правото“.
„Рускиот режим прави сѐ што е во негова моќ за да ги искриви фактите - третирајќи ги храбрите новинари како закоравени криминалци. Секој ден кој Антонина Фаворскаја, Константин Габов, Сергеј Карелин и Артјом Кригер го поминуваат зад решетки е еден ден премногу. Тие и нивните семејства ја имаат нашата целосна солидарност“, додаде Лимбург.
Новинарите беа уапсени во текот на пролетта и летото 2024 година: Фаворскаја во март, Габов и Карелин во април и Кригер во јуни. Оттогаш тие се во притвор.
Новинарите ги опишуваат нехуманите услови во затворот
Во писмата Габов и Карелин ги опишаа ужасните услови во московскиот затвор „Матрошкаја Тишина“, каде што беа префрлени на почетокот на октомври.
„Имам чувство дека ме држат некаде во подрумот. Мал прозорец некаде горе високо“, напиша Габов.
„Ќелијата е преполна. Спијам на подот со едно момче. Тој живее така веќе еден месец. Преку ден седиме на клупа (без потпирач за грб), бидејќи нема место. Душекот, ќебето и перницата се стари, а испадна дека се полни со гасеници. Атмосферата овде е мрачна", додаде тој.
Карелин напиша дека е сместен во преполна ќелија со четири кревети за осум лица. „Спиевме глава-нозе, но не на кревет со рамна и тврда површина, туку на затворски кревет со 'јама на средина'“, додаде тој.
Адвокатот на Карелин, Катерина Тертухина, ги опиша овие услови на притвор како тортура. Таа истакна дека нејзиниот клиент не може адекватно да се подготви за судењето под тие околности.
Пред изрекувањето на пресудата, Кригер изјави дека само ја извршувал својата работа како „чесен, некорумпиран и независен новинар“, а судењето го опиша како „чисто лудило“.
„Сега се обидуваат да ме прикажат како екстремист, криминалец, некој кој треба да биде затворен“, рече Кригер.
Слободата на медиумите под притисок во Русија
Невладината организација Репортери без граници ја рангира Русија на 162-то место од вкупно 180 земји на Светскиот индекс за слобода на медиумите, истакнувајќи дека слободата на медиумите во таа земја „речиси не постои“.
Според податоците на оваа организација, за време на власта на претседателот Владимир Путин - најмалку 37 новинари биле убиени поради нивната работа.
На 4 февруари 2022 година, Русија го забрани емитувањето на програмата на Дојче веле, нареди затворање на редакцијата во Москва и го блокираше пристапот до dw.com на сите јазици на рускиот интернет. Руската редакција на ДВ продолжи да работи од Рига, Латвија.