Русија и Украина: Дали папата ќе стане посредник?
23 мај 2025Дали Ватикан ќе биде местото на руско-украинските мировни преговори? Може ли папата Лав лично да се вклучи? Постојат некои укажувања во таа насока. Папата Лав XIV, избран на 8 мај 2025 година за наследник на папата Франциско, веќе даде сигнали кои укажуваат на подготвеноста на Ватикан да посредува. Овој впечаток го потврди италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Во вторникот вечерта (20 мај), нешто по 23 часот, Мелони на социјалната мрежа Х објави дека „телефонски разговарала со Светиот Отец за следните чекори што треба да се преземат за да се изгради праведен и траен мир во Украина“.
Американскиот претседател Доналд Трамп и некои европски лидери побарале од неа „да ја потврди подготвеноста на Светата столица“ да биде домаќин на такви разговори. Папата Лав ја потврдил својата подготвеност да ги овозможи разговорите во Ватикан меѓу конфликтните страни.
„...мир кој разоружува...“
И пред тоа, папата Лав го отвори просторот за таква перспектива. Кога сè уште речиси никој не го познаваше и кога се појави како нов папа вечерта на 8 мај на балконот на базиликата Свети Петар, својата прва проповед ја започна со зборот „мир“, мислејќи на првите зборови на воскреснатиот Исус од Библијата.
Ниту еден друг збор не се појавуваше почесто во првиот говор на 267-от папа од „мир“. Лав зборуваше за „мир без оружје, мир кој разоружува“. Оттогаш, новинарите се прашуваат: дали тие зборови беа повеќе духовна или конкретна политичка порака.
За време на неговата инаугуративна миса, Лав испрати и дополнителни сигнали. Тој првата официјална аудиенција му ја додели на украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговата сопруга. Украинскиот претседател беше еден од првите кои телефонски му честитаа на папата.
По неговото устоличување, папата Лав, првиот папа роден во САД, ги прими и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио. Двајцата католички политичари беа придружувани од нивните сопруги.
Официјалниот видео-извештај на Ватикан од средбата меѓу папата Лав и Венс покажува како политичарот му дава на домаќинот голем плик: честитка од Доналд Трамп. И при тој разговор со американските политичари се разговарало за украинското прашање.
Ова е значајно, затоа што папата Франциско, кој почина на 21 април, долго се колебаше јасно да го критикува агресорот по почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.
Долго време само изразуваше жалење за маките на населението од двете страни. Тоа предизвика критики, бидејќи ги спомнуваше само жртвите, а не и сторителите.
Франциско и човекот од КГБ
Се виде дека папата Франциско не сака да го изгуби контактот со рускиот православен патријарх Кирил, поранешен член на КГБ и близок соработник на Путин. Сепак, по смртта на 88-годишниот папа Франциско, Зеленски со благодарност и почит истакна дека Ватикан, далеку од очите на јавноста, постојано посредувал за размена на затвореници и се залагал за украинските деца депортирани во Русија.
По променливите и неуспешни обиди на Трамп да го убеди Владимир Путин да попушти, политичкото внимание сега е свртено кон Рим. Само, дали е тоа воопшто можно - дипломатски, логистички, од безбедносен аспект?
Ватикан, поточно Куријата, во изминатите три недели успешно организираше два настани од глобално значење со стотина државни гости. Сликата на Трамп и Зеленски како разговараат на две едноставни столчиња во споредната капела на базиликата Свети Петар на маргините на погребот на Франциско брзо стана култна.
Сѐ што е поврзано со безбедноста, а што ги надминува можностите на 120-члената швајцарска гарда на папата, го презема италијанската држава. По тој повод, италијанската премиерка Мелони изјави дека нејзината земја е „подготвена да даде свој придонес, да промовира контакти и да се залага за мир“.
Неколку пати од февруари 2022 година папата Франциско го испраќаше еден од своите најблиски соработници, кардиналот Матео Марија Зупи, актуелен претседател на Италијанската бискупска конференција, како (тогаш неуспешен) посредник во Москва и Киев, па дури и во Пекинг и Вашингтон.
И во последните недели од понтификатот на Франциско, еден друг кардинал ги посети кризните области на Украина.
За неколку недели?
Доколку двете страни би биле подготвени, велат изворите, обидот за посредување во Ватикан би можел да започне за три до четири недели. Но, едно е јасно: папата нема да биде цело време присутен на конкретните преговори. Тоа ќе биде дијалог на работно ниво. Инаку, рускиот претседател Владимир Путин последен пат беше во Ватикан во јуни 2019 година.
Бенјамин Далке, католички теолог на Универзитетот во Ајхштат и еден од најдобрите експерти за САД меѓу црковните личности во Германија, е „резервиран“ во однос на посредувањето на Ватикан меѓу Русија и Украина. За време на предизборната кампања, претседателот Трамп најави дека „ќе ја заврши војната во рок од еден ден. Очигледно не функционираше“, вели 43-годишниот теолог во интервју за ДВ. Според него, Трамп „не знае како да продолжи“ и сака да го вклучи Ватикан „како нов актер кој ќе го рестартира процесот“.
Експертот за црковно право, професор Стефан Микл, кој предава на Универзитетот „Опус Деи“ во Рим, ја нагласува важноста на неутралната улога на Ватикан. „Папата Лав ќе ја почитува конзистентната линија на Светата столица, имено строгата неутралност, без да открива какви било можни внатрешни преференции“, изјави Микл за келнското „Домрадио".
Регина Елзнер, експерт за источните цркви која предава во Минстер, изрази покритички ставови за „Домрадио“.
Постои шанса црковното седиште заедно со Италија да биде прифатено како неутрално место за преговори. Од друга страна, папата Франциско изгуби голем кредибилитет на украинската страна во последните години од неговиот понтификат поради неговиот благонаклонет став кон Москва.
Главниот дипломат на папата
Секој збор што папата Лав го изговара во јавноста сега будно се следи ширум светот - особено кога станува збор за конфликтот во Источна Европа. Можно е неговиот „министер за надворешни работи“, надбискупот Пол Галагер (71), кој 40 години работи во дипломатската служба на Ватикан, а повеќе од една деценија е задолжен за односите со државите, наскоро да започне разговори или посети кои нема нужно да бидат објавени во јавноста.
Минатиот викенд во Рим, еден од неговите соговорници беше и американскиот државен секретар Марко Рубио. По средбата, според извештаите на американските медиуми, Рубио му се заблагодарил на Ватикан за неговата подготвеност да одигра „конструктивна и позитивна улога“.