Русија ја призна владата на талибанците во Авганистан
4 јули 2025Русија ја призна владата на талибанците во Авганистан и се надева на продуктивна билатерална соработка. „Очекуваме чинот на официјално признавање на владата на Исламскиот емират Авганистан да даде поттик за развој на продуктивна билатерална соработка“, соопшти руското Министерство за надворешни работи. Москва, исто така, има намера да му обезбеди на Кабул поддршка во борбата против тероризмот и трговијата со дрога, соопшти руското МНР.
Министерството за надворешни работи на талибанците, на онлајн платформата X, зборува за „историски чекор“ во односите меѓу двете земји. Исламистите соопштија дека Русија дава добар пример за другите држави. „Оваа храбра одлука ќе биде пример за другите“, вели авганистанскиот министер за надворешни работи Амир Кан Мутаки во видео на платформата X по средбата со рускиот амбасадор во Авганистан, Дмитриј Жирнов, одржана вчера (3.07) во Кабул.
Москва и раководството во Кабул се во процес на зближување веќе извесно време. Москва направи прв чекор кон нормализирање на односите со отстранување на талибанците од својата листа на „терористички организации“. Во јули 2024 година, рускиот претседател Владимир Путин ги опиша талибанците како „сојузници во борбата против тероризмот“. Русија беше првата земја што отвори претставништво во Кабул откако талибанците ја презедоа власта. Москва објави и намера да го користи Авганистан како транзитен центар за испорака на гас за Југоисточна Азија.
Откако се вратија на власт во август 2021 година, талибанците се соочени со меѓународни критики, првенствено поради големото ограничување на правата на жените, и се сметаат за главно изолирани. Соседните држави, меѓутоа, имаат попрагматичен пристап кон исламистите.