Рубио го зголемува притисокот во врска со Панамскиот Канал
3 февруари 2025Шефот на американската дипломатија Марко Рубио за време на посетата на Панама побара веднаш да се стави крај на кинескиот ангажман на Панамскиот Канал и се закани со преземање мерки доколку тоа не биде сторено.
„Министерот за надворешни работи Рубио јасно стави до знаење дека сегашната ситуација е неприфатлива и дека без итна промена на курсот, САД мора да преземат акција за заштита на своите права“, изјави портпаролката на американскиот Стејт департмент Тами Брус по средбата на Рубио со претседателот на Панама, Хозе Раул Мулино. Рубио му рекол на Мулино дека Трамп утврдил оти влијанието на Кина е закана за Панамскиот Канал и дека ги прекршува обврските за неутралност кои произлегуваат од договорите за каналот меѓу САД и Панама.
По средбата со Рубио, Мулино нагласи дека првенствено се водело дискусија за контролата на пристаништата од двете страни на важниот воден пат, а не за суверенитет над каналот. Како што најави Мулино, ќе се провери ситуацијата на пристаништата. Тој не ја исклучи можноста за идно учество на американски компании таму.
Рубио вчера (2.02) го започна своето прво патување во странство откако ја презеде функцијата со посета на Панама. Посетата доаѓа по повеќекратните закани на Трамп дека ќе го врати Панамскиот Канал под контрола на неговата земја. Панама се пожали поради заканите на Трамп до Обединетите Нации. Панамскиот претседател Мулино за време на Светскиот економски форум во Давос, повтори дека каналот ѝ припаѓа на Панама „и ќе продолжи да ѝ припаѓа на Панама“.