Рокас по повод 9 мај: Заедно сме посилни
9 мај 2025„Европската Унија отсекогаш ја граделе оние што се осмелиле да размислуваат и делуваат надвор од ограничувањата на своето време. Смели постапки се потребни и денес од сите нас, вклучително и од идните земји членки. Да продолжиме да ја градиме Европа која се залага за мир, демократија, солидарност и заеднички вредности. Заедно сме посилни“, порача евроамбасадорот Михалис Рокас на приемот по повод 9 Мај - Денот на Европа, кој се одржа во Музејот на современа уметност во Скопје.
На приемот, на кој присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска Давкова, министри, градоначалници, пратеници, амбасадори на земји-членки, на други држави, претставници на медиумите, евроамбасадорот потенцира дека оваа година Денот на Европа се одржува помалку од два месеци по невидената трагедија во Кочани, во услови на континуирани геополитички превирања, но и во време на заедничка посветеност и видливи чекори за подобрување на работите - за земјата и за Европа како целина.
„Мора да извлечеме лекции од трагедијата. Да се осигуриме дека ништо слично нема да се случи во иднина. И дека преживеаните и сите млади луѓе во земјата ќе живеат во услови кон кои се стремат и кои ги заслужуваат. А, не во услови на кои нивните пријатели во Кочани станаа жртви“, рече Рокас. По тој повод, во музејот беше организирана и изложба на уметнички дела, а парите од продажбата ќе одат за жртвите од трагедијата во Кочани.
75 години од Шумановата декларација
Оваа година се одбележуваат 75 години од Шумановата декларација. Споед Рокас, станува збор за визија родена по најкрвавата војна во историјата на човештвото, која ги зближи поранешните противници кои ги оставија зад себе споровите од минатото. Идеја што навести нова ера на мир, интеграција и демократска соработка во Европа.
„Денес, оваа визија е фундаментално оспорена од бруталната агресивна војна на Русија против Украина. Русија го врати на европско тло теророт и уништувањето од воен конфликт, обидувајќи се да ја лиши Украина од делови од нејзината територија и од сувереното право да ја избере својата иднина. Руските напади неселективно убиваат мажи, жени и деца, што е очигледно кршење на меѓународното право. Соочени со агресијата, украинскиот народ покажа херојска храброст за да ја брани својата земја, а со тоа ја брани и слободата на цела Европа. Им оддаваме почит на сите оние кои ги жртвуваа своите животи и ги загубија најблиските во оваа борба“, порача Рокас.
Тој истакна дека во сржта на Шумановата декларација е аспирацијата за заедничка работа, за постигнување на заемни вредности и солидарност, за доброто на граѓаните.
Тешките времиња како шанса
Според него, тешките времиња може да бидат можност за да се извлечат вистински лекции, да се посветиме на дела и да ги подобриме работите на долг рок. „Токму ова го направија основачите на ЕУ пред 75 години. Токму ова го бараат граѓаните на ЕУ. Токму ова го бараат и граѓаните на Северна Македонија, особено младите“, вели Рокас, потецирајќи дека младите во земјата се едногласни и не гледаат друга иднина освен да станат граѓани на семејството на ЕУ.
Во својот говор тој се осврна и на реформите во Македонија, нагласувајќи дека Планот за раст му дава голем поттик на овој процес. Евроамбасадсорот потенцира дека земјата беше прва држава од Западен Балкан што ги потпишала потребните договори и ги добила средствата за предфинансирање од Планот за раст, благодарение на Реформската агенда.
„Истата посветеност е потребна и за претворање на Реформската агенда во реалност. Тоа ќе им овозможи на граѓаните и бизнисите да ги почувствуваат придобивките од членството во ЕУ пред пристапувањето“, рече Рокас.
Оваа аспирација, вели тој, бара храброст, прагматизам и национално единство за да се постигне. „Како што неодамна изјави комесарката Марта Кос, ’ајде да размислуваме смело’ - бидејќи ’нашата Унија отсекогаш ја граделе оние што се осмелиле да размислуваат надвор од ограничувањата на своето време’. Ова важи за сите - лидерите на ЕУ, политичките елити на земјите-кандидатки и за сите наши граѓани“, додаде евромбасадорот.