Владата прави голема рокада на амбасадорските места
29 јануари 2025Владата на Северна Македонија ја започна првата поголема рокада на амбасадорките места - ја започна постапката за отповикување на деветмина вонредни и ополномоштени амбасадори и постојани претставници и именуваше четворица нови во Јапонија, Хрватска, Украина и во Франција. На дел од позициите, партиски кадри ќе треба да го заземат местото на професионалните дипломати.
Од Владата поврдуваат дека донеле неколку барања за покренување на иницијатива за отповикување од должноста на вонредни и ополномоштени амбасадори и постојани претставници. Станува збор за Светлана Гелева од должноста вонреден и ополномоштен амбасадор и постојан претставник при Советот на Европа. Таа минатата година се најде меѓу 75 жени значајни за историјата на Советот на Европа.
Од функцијата се бара да се повлече и Јакуп Реџепи кој ја извршува должноста вонреден и ополномоштен амбасадор во Босна и Херцеговина. Дипломатот од кариера Џенк Сејфула ќе треба да замине од амбасадорката функција во Кралството Шведска; а Методија Белевски од должноста амбасадор во Кралството Белгија и во Големото Војводство Луксембург како нерезидентен амбасадор.
Бугарија ќе треба да ја напушти долгогодишната дипломатка Агнеза Руси Поповска, досегашната амбасадорка во оваа земја, а Емил Крстевски ќе добие свој наследник во Чешката Република.
Владата бара отповикување и на Пајо Авировиќ од должноста амбасадор и шеф на Постојната мисија при Меѓународните организации, како и на Зеќир Рамчиловиќ од амбасадата во Црна Гора. Катерина Ставревска, пак, ќе треба да ја напушти амбасадорската должност во Обединето Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Од владин кабинет во амбасадорска фотеља
Во меѓувреме Владата ја именуваше Андријана Цветковиќ за вонреден и ополномоштен амбасадор во Јапонија. Цветковиќ, која има докторат по филмска уметност од Универзитетот Нихон во Токио беше првиот македонски амбасадор во Јапонија во периодот од 2014 до 2018 година.
Драган Ѓурчевски за вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Хрватска и Димитар Блажевски за вонреден и ополномоштен амбасадор во Украина. Игор Николов ќе замине на позицијата вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Франција, иако се уште се наоѓа на листата на 17 советници на премиерот Христијан Мицкоски.
„Еден од советниците којшто беше со полно работно време е професор доктор Игор Николов. Тој беше мој советник во делот на здравствената политика чијшто договор ќе престане, бидејќи во текот на вчерашната седница беше предложен од страна на Владата да биде нов амбасадор на нашата држава во Франција“, потврди премиерот Христијан Мицкоски.
Тој на позицијата советник за реформи во здравството ќе остане до 31 јануари, по што спогодбено му се прекинува договорот за работа, поради заминување на престижната амбасадорска позиција во Париз.
Некои отповикани - други сами се повлекоа
Походот за смени на амбасадорките места стартуваше веднаш по изборот на новата влада. Амбасадорот и постојан претставник на Северна Македонија во ООН во Њујорк, Љубомир Фрчкоски на 22.08.2024 година поднесе оставка, откако беше повикан на разговор во Министерството за надворешни работи поради наводни финансиски нерегуларности во работењето.
Во писмен допис тој тогаш порача дека се шират лаги за неговото работење и дека притисокот е единствено поради причина што не е „погоден“ наидеологијата на новите власти. На увид ги стави документите за уплати со цел јавноста да биде информирана дека немало затајување пари од сукцесија на објекти, ниту пак непотребни трошоци спротивно на правилниците за работа на дипломатско-конзуларните претставништва. МНР , пак, најави ревизија за неговото работење.
Во земјата се вратија и седум македонски амбасадори, по одлуката на претседателката Гордана Сиљановска Давкова за нивно отповикување од 13.11.2024 година. Станува збор за повлекување на македонскиот амбасадор во НАТО, Дане Талески, Данчо Марковски од Албанија, Фатон Бејта од Данска, Сали Лимани од Казахстан и амбасадорот Шабан Јашари од Катар. Отповикани се и амбасадорката Теута Агаи Демјаха од функцијата шеф на Постојната мисија на Северна Македонија во ОН во Женева и амбасадорката при Светата Столица во Ватикан, Марија Ефремова.