По обвинението за Кочани - низа дилеми и прашања
16 јуни 2025Три месеци по трагедијата во Кочани, родители на починатите во пожарот во Кочани бараат одговори и објаснување од надлежните кај кого е лоцирана одговорноста за трагедијата во којашто загинаа 62 лица, а 200 беа повредени. Тие најавија дека до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани ќе достават писмено барање со цел да добијат поконкретни информации за постапката и покренатото обвиниение против 34 физички и три правни лица за кривични дела поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Родителите и на деветтиот „Марш на ангелите“ што се одржа деновиве во Кочани истакнаа дека сакаат целосно да бидат запознати со исходот од истражната постапка, кои физички и правни лица се опфатени со неа, против кого е поднеснео обвинение, а кој ќе биде изземен поради немање доволно докази. На тој начин, сметаат дека ќе се отстранат сите дилеми коишто се јавуваат кај нив во врска со спроведената постапка во Северна Македонија.
Средба во наредните денови
Од Јавното обвинителство порачаа дека ќе им излезат во пресрет на нивното барање. Доколку семејствата бараат средба - таа ќе биде организирана наскоро. На неа тие ќе бидат информирани за сите аспекти од поднесеното обвинение, но ќе се внимава да не се нaруши натамошната постапка.
Роднините на жртвите веќе има една средба во Обвинителството, каде добиле директен контакт и им било посочено дека сите семејства на жртвите можат во секој момент во обвинителството во Кочани директно да се информираат за текот на постапката.
Државениот јавен обвинител, Љупчо Коцевски на прес-конференција на 13 јуни информираше дека е поднесено обвинение за пожарот во Кочани, со кое се опфатени 34 физички и три правни лица. Тие се гонат за тешки дела против општата сигурност. Помеѓу обвинетите се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. Поради немање доволно докази, постапката беше запрена за вкупно 11 лица, помеѓу кои двајца поранешни министри.
Истражна постапка се води и против 13 полицајци поврзани со случајот. Првично со истрагата беа опфатени 47 физички и 3 правни лица. Поради немање доволно докази, за 11 лица постапката се запира, еден од осомничените во меѓувреме почина, а за еден постапката е во прекин поради неговата здравствена состојба. Според Коцевски, доколку во иднина се обезбедат докази, постапката може да продолжи за оние за коишто е запрена, а не се исклучува можноста со истрагата да бидат опфатени и други лица.
На 16 јуни се навршуваат три месеци од трагедијата во Кочани, којашто се случи на 16 март во раните утрински часови. Градското Собрание на Лос Анџелес во американската сојузна држава Калифорнија ќе биде осветлено во црвена и жолта боја, боите на македонското знаме, од вечер во 20 часот, до вторник наутро во 6 часот, по локално време, во чест и сеќавање на жртвите од трагедијата во Кочани.
Првата група - наскоро на рехабилитација во Пониква
Во меѓувреме, во тек се финалните подготовки за адаптација на одморалиштето на Пониква, кое наскоро ќе стане рехабилитациски центар за повредените од пожарот. Според најавите, во одморалиштето на МВР на Поникава од средината на идната недела ќе биде згрижена првата група повредени пациенти, каде физикална терапија ќе добиваат 45 пациенти.
Во Пониква ќе се активираат медицински тимови коишто ќе им бидат достапни 24 часа. Ќе бидат поделени во групи што ќе ротираат на две недели, а првата група ќе биде со повредени кои веќе добиваат физикална терапија, како и пациенти кои имале само изолирана инхалаторна повреда. Физикалната терапија ќе ја обавуваат четворица физиотерапевти, ќе има медицински сестри, специјалист физијатар, а во соработка со Центарот за психолошка поддршка од Скопје и невладини организации ќе има и посета од психолози и психијатри.