Ревизија: Медицински апарати има - нема кој да ги користи
8 мај 2025Современа медицинска опрема вредна 18,6 милиони евра фаќа прашина на државните клиники во Скопје и во внатрешноста на земјата, бидејќи нема стручен кадар кој би можел да ја користи. Иако во изминатите три години е постигнат напредок во регионалната распределба на современата медицинска опрема и зголемување на бројот на здравствени услуги, дел од опремата сè уште не е ставена во употреба или пак не се користи доволно и поради тоа што нема соодветни просторни услови. Тоа, пак, влијае врз достапноста и квалитетот на здравствената заштита на граѓаните во Македонија, посочуваат ревизорите во најновиот извештај за искористеност на современата медицинска опрема.
Со ревизијата на Државниот завод за ревизија (ДЗР) е опфатена современата медицинска опрема со најголема набавна вредност и за која има најголем интерес и потреба за користење како што е компјутерска томографија (КТ), ангиографи, акцелератори, мамографија со томосинтеза и стереотакса, позитронско - емисиона томографија во комбинација со компјутерска томографија (ПЕТ/КТ) и апарат за роботска рехабилитација.
Во анализираниот период 2021-2023 година за потребите на ЈЗУ набавена е медицинска опрема во вкупна вредност од 16,2 милиони евра финансирана со буџетски средства, средства од заем и донација.
„Вкупната вредност на медицинската опрема предмет на ревизија во опфатените ЈЗУ изнесува 57,7 милиони евра, од кои поголемиот дел или 68% се однесуваат на опрема што е ставена во употреба и често се користи над предвидените капацитети. Поради необезбедени кадровски и просторни услови, опрема со вредност од 13 милиони евра и понатаму не е ставена во употреба. Исто така, опрема со вредност од 5,5 милиони евра не се користи во полн капацитет, ниту пак се искористуваат дополнителните функционалности“, се вели во извештајот од ДЗР.
Акцелератори има - ама не се користат
На ниво на државата во јавното здравство обезбедени се вкупно девет линеарни акцелератори со вкупна набавна вредност од 21,8 милиони евра за вршење радиотераписки услуги за пациенти со малигни заболувања. До денот на ревизијата 5 акцелератори не се ставени во употреба на Клиниката за радиотерапија и онкологија, во Клиничките болници во Штип и Битола и во Градската општа болница 8-ми Септември во Скопје, иако три од нив се инсталирани пред повеќе години.
Ревизорите во извештајот посочуваат дека иако се набавени акцелератори и за други здравствени установи, сите услуги во периодот 2021–2023 година ги обезбедува единствено Клиниката за радиотерапија и онкологија, каде се третираат над 2.300 пациенти годишно, односно просечно се вршат околу 200 зрачни третмани на ден. Централизацијата на услугата доведува до преоптовареност на установата и персоналот, што може да влијае на континуитетот и квалитетот на третманот на пациентите.
На ниво на држава девет здравствени установи располагаат со 18 ангиографи ставени во употреба со вкупна набавна вредност од 12,9 милиони евра, од кои 10 се набавени во периодот од 2021 до 2023 година. Иако бројот на извршени услуги со ангиограф се зголемил за 68% во 2023 година во споредба со 2021 година, утврден е незадоволителен степен на искористеност на дел од овие уреди, најчесто поради недостаток на стручен кадар и необезбедени просторни услови.
Амортизирани томографи
Во јавното здравство има и 30 компјутерски томографи (КТ). Дел од уредите се користат со полн капацитет, но половина од нив се целосно амортизирани, што води до зголемени трошоци за одржување и чести дефекти.
Во текот на 2023 година, според ревизорите, за потребите на јавното здравство за прв пат се набавени четири мамографи со томосинтеза и стереотакса во вкупна вредност од 1,5 милиони евра. Овие мамографи се инсталирани во четири здравствени установи и во редовни термини се употребуваат само за примарната намена – дигитална мамографија, но не и за дополнителните функционалности, томосинтеза и стереотакса, кои се користат само при спроведување на националниот скрининг за рак на дојка. Утврдено е дека ваквата состојба се должи на потребата од набавка на дополнителна опрема, неутврдени референтни цени од Фондот за здравство и немањето на соодветно обучен персонал за овој вид услуги.