Многу жртви на насилство - малку центри за нивно згрижување
21 август 2025Расте бројот на жртви и сторители на кривични прекршочни дела во врска со семејно насилство, но системот за заштита во Македонија е недоволно развиен. Недостигаат центри, стручен кадар и пари за згрижување и ефективна заштита на жртвите, се наведува во ревизорскиот извештај за имплементацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулската конвенција).
Ревизијата укажува дека мерките и активностите на институциите не обезбедуваат соодветна и ефективна поддршка, заштита и реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство. Истанбулската конвенција е потпишана во 2011 година, а ратификувана во 2017 година, по што е донесен Акциски план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашно насилство за периодот 2018 – 2023 година со кои се предвидени 52 активности.
„Утврдивме дека предвидените активности не се реализирани во целост, односно реализирани се 22 активности, 20 не се реализирани, додека 10 се делумно реализирани. Утврдивме дека за периодот по 2023 година не е донесена Национална стратегија за спречување и заштита од насилство, ниту се усвоени сите подзаконски акти предвидени со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство“, се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Програмата за реинтеграција на жртвите донесена од министерот за социјална политика, демографија и млади е општа, според ревизорите, нема утврдено период за кој се однесува ниту има утврдени јасни цели со мерливи индикатори кои треба да се остварат, што создава ризик за евалуација на нејзината имплементација и постигнување резултати.
Во февруари 2023 година, Кривичниот законик беше усогласен со Истанбулската конвенција, со што се криминализира родово базираното и семејното насилство, се зголемија казните за сексуално насилство, се прошири дефиницијата за семејно насилство, а фемицидот се третира како квалификуван облик на убиство.
Евидентирани 6.282 жртви на семејно насилство
Ревизорите направиле анализа на податоци од 30 Центри за социјални работи, кои покажуваат дека во периодот 2020–2023 година се евидентирани вкупно 6.282 нови жртви на семејно насилство, со благ пораст низ годините.
Според податоците на МВР, во периодот 2018–2023 година се извршени 6.242 кривични дела поврзани со семејно насилство, од кои 61% се за телесна повреда, а 35% за загрозување на сигурноста. Регистрирани се 6.423 сторители, од кои 91% се мажи, и 6.663 жртви, од кои 79% се жени. Во истиот период се евидентирани и 2.347 прекршоци, со речиси еднаков број на жени и мажи жртви.
„Податоците покажуваат континуиран и непроменет сооднос во кој мажите се доминантни извршители на насилство, а жените се значително почесто жртви, што упатува на недоволна ефективност на досегашните мерки за превенција и заштита“, укажуваат ревизорите.
Анализата покажува дека:
- Бројот на мажи сторители на кривични дела е 9 до 11 пати повисок од бројот на жени
- Бројот на мажи сторители на прекршочни дела е 3 до 6 пати повисок
- Бројот на жени жртви на кривични дела е 4 пати повисок од бројот на жртви мажи
- Кај прекршочните дела, соодносот жени-мажи жртви е речиси изедначен
Во 2023 година, мажите биле десетпати повеќе сторители на кривични дела од жените, додека жените жртви биле четири пати повеќе од мажите. Оваа состојба укажува дека обврските од Истанбулската конвенција остануваат неисполнети.
Многу жртви - малку центри
Во ревизорскиот извештај се наведува дека Центрите за социјална работа се соочуваат со недостиг на кадар. Дополнително, дел од здруженијата кои даваат специјализирани услуги не се лиценцирани, а не постои уреден систем за лиценцирање на СОС линиите. Бројот и територијалната распределеност на засолништата и советувалиштата не одговара на стандардите утврдени со Конвенцијата, а дел од постојните објекти не ги исполнуваат условите во однос на локација, опрема, простор и кадар, состојба која не овозможува ефикасна заштита на жртвите.
Согласно бројот на жители, во државата треба да има 184 легла во засолништа, воспоставени се само 67 (37%), од кои 48 се од Центрите за социјални работи (ЦСР), а 19 од невладиниот сектор (НВО). Во однос на советувалишта, потребни се 19, а воспоставени се 11 (59%), од кои 7 од ЦСР, а 4 од НВО.
Територијалната распределба е нерамномерна. Во Југоисточниот и Североисточниот регион нема ниту едно легло во засолништата на ЦСР, додека НВО обезбедуваат засолништа само во Скопскиот и Југоисточниот регион. Исто така, во Југоисточниот регион нема воспоставено советувалиште, иако е предвидено едно. Со увид во дел од воспоставените засолништа и советувалишта, утврдено е дека голем дел од нив во претходниот период се користеле, но сега не се во функција.
Со Одлука на Владата, во 2021 година формирано е Национално координативно тело чија задача е да го следи спроведувањето на Истанбулската конвенција и националните политики за борба против насилство врз жените и семејно насилство и треба да промовира меѓу институционална соработка. Но, според ревизорите, тоа не ги врши во целост своите надлежности и отсуствува интегриран систем на евиденција на жртвите, поради што не е можно да се обезбедат точни, навремени и унифицирани податоци од страна на сите надлежни институции вклучени во процесот на превенција и заштита на жените жртви на насилство. Ова оневозможува ефикасно следење на состојбата и креирање на соодветни и навремени политики и мерки за заштита и поддршка на жртвите на насилство.