Ким Јонг Ун на ретко патување во странство
2 септември 2025Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун го напушти Пјонгјанг со приватен воз и е на пат за Пекинг, на едно од неговите ретки патувања во странство. Ким, кој утре ќе учествува на воена парада во Кина по повод 80-годишнината од капитулацијата на Јапонија и крајот на Втората светска војна, меѓу другите е придружуван од министерот за надворешни работи Чое Сон Хуи, објави државната новинска агенција на Северна Кореја КЦНА.
Ова е прв мултилатерален состанок на Ким откако тој ја презеде функцијата пред околу 14 години. Се очекува Ким во Пекинг да има и лични разговори со кинескиот претседател Ши Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин.
Ким Јонг Ун ретко ја напушта својата земја. Севернокорејскиот лидер последен пат ја посети Кина во 2019 година. Според партискиот весник „Родонг Шинмун“, Ким изутрината (2.09) по локално време веќе ја преминал границата со Кина. За затворената Северна Кореја, е невообичаено државните медиуми толку брзо да објавуваат детали за патувањето на својот лидер во странство.
Северна Кореја ги засили односите со Русија
Кина се смета за важен економски поддржувач на Северна Кореја, која е строго изолирана од меѓународни санкции. Северна Кореја ги засили и своите односи со Москва во последните години. Ким Јонг Ун испрати муниција, оружје и над 10.000 војници во Русија за да обезбеди поддршка во војната против Украина.
На воената парада во Пекинг се очекува да присуствуваат повеќе од 20 шефови на држави и влади, вклучително и белорускиот претседател Александар Лукашенко и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.
Кратко пред неговото заминување за Пекинг, Ким Јонг Ун, меѓу другото, направи инспекција на нова фабрика за ракети и погон за производство на цврсто гориво, јави КЦНА. Ова може да се смета за чекор за подобрување на неговата преговарачка позиција за потенцијални разговори со Соединетите Американски Држави. Неодамна, американскиот претседател Доналд Трамп изрази интерес за уште една средба со Ким оваа година.