Распишан референдум - спасување на граѓанинот Додик
23 август 2025Народното собрание на Република Српска ја усвои одлуката за распишување референдум закажан за 25 октомври. Граѓаните ќе одговорат на прашањето: „Дали ги прифаќате одлуките на неизбраниот странец Кристијан Шмит и пресудите на неуставниот Суд на БиХ изречени против претседателот на Република Српска, како и одлуката на ЦИК за одземање на мандатот на претседателот на Република Српска Милорад Додик?“
„Веруваме дека Милорад Додик е сè уште претседател на РС и сметаме дека можноста за одржување предвремени избори треба да се отфрли“, рече Срѓан Мазалица, шеф на пратеничката група на Сојузот на независни социјалдемократи.
Во заклучоците усвоени од пратениците ноќта помеѓу петокот и саботата, се бара властите во Бања Лука да не преземаат никакви дејствија во врска со евентуалното спроведување предвремени избори за претседател на Република Српска, откако на Милорад Додик му беше одземен мандатот од страна на Централната изборна комисија (ЦИК).
Меѓутоа, во еден од заклучоците, пресудата на Судот на Босна и Херцеговина, со која на Додик му беше забрането политичко дејствување, како и одлуката на ЦИК за престанок на мандатот, се отфрлаат. Парламентот бара Милорад Додик да продолжи да ги извршува своите должности во полн капацитет.
Условно повлекување
Народното собрание на Република Српска му наложува на Колегиумот да го подготви текстот на „Резолуција за самоопределување на српскиот народ и Република Српска“.
„Треба повторно да го потврдиме правото на самоопределување, нашата судбина треба да биде во наши раце“, рече Додик, оградувајќи се дека „правото на самоопределување не е само право на независност, туку и право да се одлучува за сопствениот статус“, и дека тоа може да значи и укинување на РС и прифаќање на Босна и Херцеговина.
Во своите заклучоци, владејачката коалиција ги повикува сите партии да не учествуваат на предвремените избори, кои Централната изборна комисија треба да ги објави на почетокот на следната недела.
Преку ова, Додик бара излезен билет, па затоа ѝ нуди на опозицијата повлекување во замена за нивната политичка конфронтација со Босна и Херцеговина. Тој би се согласил на предвремени избори, но тие да бидат спроведени од страна на ентитетската изборна комисија.
„Ја напуштам оваа сала во моментот кога вие од СДС и ПДП и другите, ќе одиме обединети и кажеме дека нема избори на Централната изборна комисија, Народното собрание ќе се состане за седум дена и ќе донесе одлука за тоа кога изборите за претседател ќе ги спроведе Републиканската изборна комисија. Тогаш ќе ја напуштам политиката“, рече Додик.
Меѓутоа, опозицијата повикува на фактот дека Милорад Додик повеќе не е претседател и дека нема потреба да се донесуваат одлуки кои би можеле да ја продлабочат кризата.
„Не ни паѓа на памет да учествуваме во узурпација и беззаконие следејќи ги авантурите на Милорад Додик. Ова е неговиот крај, тој е свесен за тоа и треба да се плаши кој од неговите соработници ќе биде првиот што ќе му забоде нож во грб“, вели членот на Листата за правда и ред Небојша Вукановиќ.
Дојава за бомба
Почетокот на бурната седница во Бања Лука беше одложен за два часа поради дојава за експлозивна направа што се покажа како лажна.
Полицијата експресно брзо, за помалку од три часа, го идентификуваше осомничениот, кој потоа беше уапсен, а седницата продолжи. Станува збор за Мирко Миљатовиќ од Нови Град, кој е поранешен активист на опозициската Листа за правда и ред.
Ни дојавата за бомба не го спречи владејачкото мнозинство да ги усвои заклучоците, кои, меѓу другото, „го отфрлаат секој облик на колонијална управа во БиХ, што е главна причина за уставно-политичката криза, кршењето на владеењето на правото и принципите на уставност и законитост во БиХ“. Исто така, не беше заобиколен ниту Кристијан Шмит, кој за властите во РС е нелегален висок претставник.
„Народното собрание на Република Српска не го прифаќа Кристијан Шмит, неговите одлуки, како и последиците што произлегуваат од тие одлуки“, се наведува во заклучоците.
За пратениците кои доаѓаат од партиите со седиште во Федерацијата, сè што усвоило Народното собрание нема правна сила. Пратеникот на СДА, Рамиз Салкиќ, вели дека ништо не може да ја промени одлуката на Судот на Босна и Херцеговина.
„Можевме да чуеме како некои муслимански судии пресудиле против некого, како некој некого што го мрази. Сето ова е повторно спротивно на Уставот. Вие ја ширите мантрата за омраза меѓу луѓето, бидејќи тоа е единствениот начин да функционирате и да ја зачувате онаа мала власт што ги имате“, рече Салкиќ, убеден дека сите ќе излезат на предвремените избори што ги распиша ЦИК, со цел да ја зачуваат власта.